„Рускиот Бил“: Бандит на Дивиот Запад кој тврдеше дека води потекло од руско благородништво

Кира Лисицка (Photo: Legion Media; Public domain)
Вилијам Татенбаум или „Рускиот Бил“, како што го нарекуваа другарите од бандата, тврдеше дека избегал од Русија за да не биде изведен пред воен суд. Линчуван е во Њу Мексико поради кражба на стока.

Целата приказна ја започнува како типичен „каубој“: жителите на едно гратче на американско-мексиканската граница ги тероризира банда, а еден необичен лик не се вклопува во таа типична западна атмосфера. Но, токму тој е автентичен јунак на оваа приказна.

Бандата на Клентон во Тумстоун

Каубојот по име Њуман Хејнс викан „старецот“ Клентон дошол во Аризона заедно со своите синови. Се населиле во гратчето Тумстоун, се запознаел со други каубои и основале ранч. Клентонови на почетокот се занимавале со превоз на товар и со одгледување стока, но набргу се преориентирале на дејствување вон законот. Бандата кај народот станала позната под називот „каубои“.

Аризона, Тумстоун (англ. Tombstone), Ален Стрит, 1882.

Еден од најбруталните злосторници во бандата бил Вилијам Бросиус, познат како Кадравиот Бил Борсиус. Тој ужвал репутација на најдобар стрелец. „Можеше да погоди зајак во скок и со куршум да изгасне пламен на свеќа без да ја оштети. Погодуваше тесен простор помеѓу раширени прсти на доброволец“, пишува авторот Били Брекинриџ во својата книга.

Кадравиот Бил Бросијус

Неговата револверска вештина во комбинација со лошиот карактер создавала многу проблеми кај несреќните луѓе кои ќе му се нашле на патот. Кадравиот Бил за забава пукал по проповедниците под нозе и така ги принудувал да „танцуваат“ за време на проповедта, а еднаш натерал неколкумина Мексиканци да се соблечат и да танцуваат голи. Најголемиот проблем бил во тоа што Кадравиот Бил убивал луѓе и останувал неказнет.

Малку е да се каже дека Кадравиот Бил ги тероризирал луѓето што ќе му се нашле на патот. Сепак, постоел човек кој можел да го заузда лошиот карактер на Бил и да го држи под контрола. Тој човек исто така бил бандит, но не се вклопувал во рамките кои биле прифатени на американскиот Див запад.

„Рускиот Бил“

Овој бандит по името Вилијам Татенбаум го заслужи статусот член на бандата на Клентот, но не поради вештото ракување со револверот или поради својата подлост, ами затоа што изгледал како автентичен денди.

Се зборувало дека Татенбаум имал виткана светка коса и младешки бркови. Секогаш се облекувал мошне елегантно и се грижел за секој детаљ.

Покрај тоа, Татенбаум проширил и приказна за своето необично потекло. Тврдел дека е руски благородник и дека бил хусар во царската коњица. Поради тоа членовите на бандата му дале прекар „Рускиот Бил“.

Рускиот Бил

Не постојат многу податоци за карактерот на Рускиот Бил и за неговиот претходен живот. Една статија објавена во „Њујорк тајмс“ на 23 септември 1883 година е единствениот извор на податоци за оваа несекојдневна личност.

„Неговиот изглед привлекувал внимание на секое место. Носел модерна каубојска облека и во неа бил особено впечатлив. Имал остри црти на лицето, долги опуштени мустаќи и виткана светка коса која му паѓала до рамената. Поради тоа Рускиот Бил секогаш го свртувал вниманието на дојденците“, напишал за „Њујорк тајмс“ авторот кој тврди дека се сретнал со Рускиот Бил.

Рускиот Бил заедно со останатите членови на бандата крадел стока во градовите на САД, ја носел преку граница во Мексико и таму ја продавал. Самиот тој тврдел дека убивал луѓе, но не се зачувани никакви запишани сведоштва на современиците кои би потврдиле дека биле очевидци на некакви други злосторства на овој интересен бандит, освен кражба на стока.

Сепак, се зборувало дека тој поседува и други таленти. „Рускиот Бил беше образован човек, течно зборуваше на четири јазика и секогаш се радуваше кога (ќе му се укажеше можноста со некој да поразговара за литературата, за науката или за уметноста). За неговото минато не се знаеше ништо, освен дека е од Русија, зашто секој крадач на стока би го доживеал како навреда прашањето поврзано за неговото минатщ, така што никој не се обиде да дознае како се случило човек со толкави интелектуални достигнувања да им се придружи на бандитите“, пишува во статијата на „Њујорк Тајмс“.

Бандитот тврдел дека припаѓа на руски благороднички род. Ако е тоа така, тогаш познавањето неколку јазика не е необична појава зашто руското благородништво главно било добро образовано и од детството зборувале неколку странски јазици, особено француски.

Другите негови тврдења, меѓутоа, е невозможно да се проверат. Се знае, на пример, дека Рускиот Бил тврдел дека служел како хусар во царската коњица и дека избегал од земјата зашто требал да биде изведен пред воениот суд поради тоа што го удрил надредениот офицер. Тоа, за волја на вистината, не може ни да се негира. Таков инцидент теориски можел да се случи зашто хусарите биле познати по импулсивниот карактер и по непромислените потези.

„Ѓаволски непријатна“ ситуација во Шекспир

Рускиот Бил го завршил животот во градот Шекспир, држава Њу Мексико.

Згради во Шекспир, Њу Мексико

Бил се здружил со бандитот Сенди Кинг, крадец и коњокрадец, кој се населил во Њу Мексико, во гратчето Шекспир. Тука тој правел нереди и брзо се стекнал со репутација на градски хулиган. Рускиот Бил, и покрај здравата логика, тргнал по стапките на својот нов пријател и исто така дошол во Шекспир.

Кога Снеди Кинг на 9 ноември 1881 година е уапсен и затворен поради тоа што во кавга му пукал во показалецот на продавачот, Рускиот Бил не го губел времето на обиди да го ослободи компањонот, но продолжил да краде коњи во градот. Но, очигледно не бил доволно искусен во таа работа, па набргу бил фатен на дело, по што му се придружил на својот пријател зад решетките.

Хотел „Стратфорд“ во градот Шекспир на улицата Авон, Њу Мескико

Луѓето од Одборот за будност самоиницијативно го зеле законот во свои раце и брзо го осудиле Рускиот Бил на смрт со бесење. Неговиот другар Сенди Кунг го карактеризирале како „ѓаволски непријатен човек“ и исто така го испратиле на бесилка.

По законот на линчот двајцата бандити се воведени во импровизирана судница, каде инаку била трпезаријата на тамошниот хотел „Страфорд“, ги префрлиле јажињата преку гредите на таванот, им ги ставиле околу врат и ги влечеле додека овие не престанале да даваат знаци на живот.

Њу Мексико, Шекспир, рударски град на духови, внатрешност на напуштени куќи

Така завршила приказната за Рускиот Бил, необичниот бандит кој тврдел дека на Дивиот запад дошол од далечната Русија.

Авторот на статијата во „Њујорк тајмс“ додал и необичен постскриптум:

„Неодамна шерифот на округот Грант, Њу Мексико, добил писмо од американскиот конзул во Санкт Петербург, во кое пишува дека кнегињата Телфрин сакала да дознае каде се наоѓал нејзиниот син кој од политички причини бил протеран иако поседувал голем имот. Со писмото била приложена и фотографија на Рускиот Бил. На кнегињата ѝ било соопштено дека тој пред две години извршил самоубиство во Шекспир, така што вистината била скриена од неговата мајка“.

Сепак, тешко е да се каже дали овој податок е вистинит. Пред сѐ, името Телфрин не е од руско потекло. Згора на тоа, кнегиња со такво име фигурира само во приказната поврзана за Рускиот Бил.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња