Зошто хусарите се третирани како „најлуда“ војска на Царска Русија?

Максим Блинов/Sputnik
Хусарите во Европа и во Русија уживале репутација на најхрабри единици на руската армија. Нивните секојдневни навики, од пиење алкохол до предизвикување на двобој за секоја дреболија, во голема мера биле условени од нивната професија.

Грофот од Ласал, прочуениот „хусарски генерал“ на француската армија зборувал дека вистински хусар нема право да живее над триесет години. Овие лудо храбри воини често провоцирале битки, биле први во контранападите и силни во офанзивите. Биле лесно вооружени и слабо заштитени, така што трпеле големи загуби. Во мирновременски услови хусарите се коцкале, држеле до својата чест и секогаш биле подготвени секое недоразбирање да го решат по пат на двобој. Како што зборувале руските војсководци, хусарите и царските гардисти спаѓале меѓу оние воини кои својата борбеност ја поттикнувале и со соодветен начин на живот.

Каков е тој хусар што не пие?

Првите руски хусарски полкови се појавиле во времето на Петар Велики, но не траеле долго. До вистински развој на хусарските единици во руската армија дошло во втората половина од 18 век. Екатерина Велика ја реформирала Украинската козачка војска и од неа направила нови хусарски полкови и еден хусарски полк царски гардисти. Овие единици биле составени главно од козаци. Тие имале сопствен систем на команда и биле инспирирани од својата јуначка традиција.

Хусар можел да стане секој, и тоа непланирано, и секој можел да им се приклучи на хусарите. Требало само да се отиде во градовите како што се Минск или Могиљов (денес тоа се градови во Белорусија) каде тие се собирале во определено време.

Собирањата изгледале како пијанки. Веселите хусари под команда на помладите офицери трчале по улиците и точеле вино на младичите кои би наишле. Виното се плаќало со парите на хусарскиот полк. Секој добивал по 8 рубли, што за тоа време била добра сума зашто за една рубља можело да се купат 16 килограми леб. Момците се туркале за да добија бесплатен пијалак, а хусарите речиси секој ден носеле во касарната многу млади мештани.

Хусарите биле лесна коњица вооружена со сабји, карабини и пиштоли. Биле облечени во упадливи униформи со многу детали. Секој полк имал различни детали. Главната особеност на хусарите била молскавичните и нагли напади за кои била потребна лудачка храброст. Се подразбира дека хусарот морал да биде физички здрав, што се постигнувало со неуморни тренинзи.

Од утро до мрак

Полнењето пиштол било тешка задача особено во мрак, на дожд, на седло додека коњот се движи. Хусарите тоа го вежбале и строго казнувале (на пример со удари по плеќите со железна палка) доколку бавно се полнел пиштолот. Ова е само еден од примерите на суровоста на хусарското служење.

Станувале во 5 часот наутро и најпрво ги хранеле и ги подготвувале своите коњи. Денот бил посветен на вежбање и на тренинзи во јавање. Завршувал со труба во 6 часот навечер. Тоа било задолжително за секој хусарски полк. Трубачите ги нарекувале „хусарска аристократија“. Во борбата тие се наоѓале онаму каде било најжешко и со трубата давале сигнал за промена на формацијата, за напад или за повлекување. Се користеле над 50 сигнали. Давањето сигнал со труба било особено тешко во галоп, но хусарските трубачи умееле да го прават тоа.

Живеј брзо, умри млад

Пред сè, кога станува збор за пиењето: „Сето тоа се одигрувало во војничка атмосфера: под покриен тепих, во центарот е котелот, а во него шеќер со рум. Луѓето седат наоколу со пиштоли во рацете. Кога шеќерот ќе се истопи се додава шампањ и така се прави жонка (пијалак од рум, шампањ и истопен шеќер). Тој се точи во пиштоли и започнува пијанката...“, пишувал грофот Остен-Сакен.

Се сметало дека е „сосема непристојно“ кога некој пие сам, дури и ако е хусар. Омилени пијалаци им биле шампањ, рум, пунч и вотка со нане. Било престижно да се пие еден пијалак по избор месец или два, а потоа да се премине на нешто друго.

А, тогаш започнувала авантурата: „Така пијани одевме на Крестовскиот остров во Санкт Петербург. Тоа беа зимски празник и многумина Германци излегуваа да се санкаат. Ќе се поделевме на две групи и ќе ја гледавме толпата. Кога некој млад Германец или Германка ќе седнеа на санка ние со нога ќе ја турневме санката од под нив, така тие се спуштаа... Балашов, генерал-губернатор на Санкт Петербург, подоцна ме повика и ми пренесе прекор лично од царот...“, пишува Сергеј Волконски, еден од идните декабристи. Но, таквите прекори не можеле да ги запрат хусарите!

Сергеј Волконски

„Го мразевме францускиот амбасадор Де Коленкур (тоа беше во времето на војната против Наполеон)... Многумина од нас престанаа да одат на гости каде и да се појавуваше. Еве како изгледаше еден израз на нашиот гнев. Знаевме дека во гостинската соба на Коленкур има биста на Наполеон која го прикажува како стои пред своевиден трон, и дека таму нема никаков друг мебел. Сметавме дека тоа е навреда за Русија. Една зимска ноќ некој од нашите помина со санка покрај таа куќа на кејот и фрли голем камен во таа просторија, кршејќи го стаклото. Следниот ден следуваше жалба и истрага, но не се дозна кој бил тој во санката“, се сеќава Волконски.

Хусарските офицери често оделе на балови, а понекогаш и ги организирале, но само за најбогатото благородништво. На баловите се палеле стотици восочни свеќи. Баловите инаку биле скапи, дури и без да се сметаат големите суми потрошени на храна и пијалак.

„Тој организираше три бала годишно и на крајот стаса до просјачки стап“, пишува Пушкин во поемата „Евгениј Онегин“. „Добивме шегаџиска наредба да ги мачиме Германките со танц. Ја извршивме наредбата со голем жар – танцувавме додека тие не паднат во бесвест. Симпатичните млади Германки беа воодушевени! По обилната вечера во три часот наутро, по многу испиен алкохол во името на древните божества Дионис и Афродита, ги земале од слугите топлите бунди и на гостите и ги испраќале нивните кочии дома, така што речиси сите гости морале да останат до зора...“, се сеќава Фадеј Булгарин.

Во Русија имало многу Германци затоа што за време на војната против Наполеон многу Германци нашле спас во Русија. Се чувствувале безбедно во земјата со која владееле луѓе со германско потекло.

Хусарите едноставно сакале да се забавуваат. Тоа биле момчиња полни со сила. Ја користеле секоја можност да си поминат убаво. Хусарот Сергеј Марин на својот пријател му пишувал дека неговиот баталјон го менува начинот на разонода како што се менуваат ракавици. Назима се игра шах, напролет билјард, налето фонтани, а наесен лов.

(Нема) шега со смртта

Воената етика од 19 век подразбирала дека војникот ја третира смртта како вообичаен дел од животот и дека во случај на потреба ја прима сосема мирно. „Кога ќе зафучи куршумот, немој ниту да трепнеш. Кога почнува бојот, сечи го непријателот храбро. Кога напаѓаш не зауздувај го коњот, повери му ја душата на Бога и умри како што треба“, вака отприлика гласела една весела хусарска песна.

Хусарите ниту во мирновременски услови не се колебале да покажат храброст. Често учествувале во двобои. Имало многу дуели. На двобој можеле да се предизвикаат за секоја дреболија.

Еден понизок хусарски офицер со причина имал прекар Бујанов (Кавгаџија). Првиот негов двобој бил во Москва кога еден офицер на царската гарда изјавил дека полкот на Бујанов е куц. Бујанов во двобој полесно го ранил гардискиот офицер. Поради двобојот му е одземен чинот, а Бујанов за казна е испратен на Кавказ.

Три години подоцна повторно добил чин на помлад офицер и се вратил во својот полк. По една година го предизвикал на двобој губернаторот на провинцијата зашто тој го навредил колегата на Бујанов. Повторно му бил одземен чинот, а Бујанов по четири години се вратил во својот полк, но веднаш предизвикал на двобој офицер. По третото одземање на чинот судбината на Бујанов му била запечатена.

Хусарските офицери ја презирале смртта. Биле подготвени да ја бранат својата чест дури и без оружје. Гродненскиот хусарски полк во 1807 година се наоѓал во Прусија каде заедно со пруската армија се борел против Наполеон. Додека играле карти во крчмата еден пруски офицер го навредил рускиот хусарски генерал грофот Подгоричани.

Прускиот офицер бил добар стрелец и го избрал пиштолот како оружје. Грофот одговорил дека тој нема пиштол и предложил да влечат карти, та кој ќе ја извлече вистинската карта тој едноставно ќе го убие другиот. Грофот ја извлекол картата и сите офицери тргнале надвор да го гледаат двобојот. Прускиот офицер мислел дека грофот се шегува, но Подгоричани зел пушка од крчмарот и едноставно го убил прускиот офицер, велејќи му: „Јас не се шегувам со смртта. Тој да ја извлечеше картата јас ќе стоев на неговото место и ќе го натерав да ме убие“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња