Десет дена на кралски трон: Како еден руски авантурист стана европски монарх

Russia Beyond (Public Domain)
Во јули 1934 година во малечката држава Андора која се наоѓа помеѓу Шпанија и Франција, прв и единствен пат во историјата беше избран крал. Неочекувано, крал стана Борис Скосирев, роден во Русија, емигрант и мистификатор.

Во својата политичка програма Скосирев понудил модернизација на Андора, укинување на даноците, привлекување странски капитал, отворање банки и казина, развој на туризмот и спортот, промовирал нов дневен весник, го формулирал и во десет илјади примероци го отпечатил својот устав.

Неговите залагања биле пред своето време. Токму таква била Андора по Втората светска војна, земја со туризам како најголем извор на приходи, банки на кои им биле обезбедени значајни даночни олеснувања и поверливост, рекордер со една од најниските даночни стапки на приход во Европа.

На малечкото кнежевство кое од 1278 година е формирано под суверенитет на шефот на француската држава и шпанскиот епископ од Урхел ветувањата на Скосирев ѝ изгледале мошне привлечно. Уште повеќе што земјата била потресена од немири во последната година, а кај народот владеело незадоволство поради ограничувањето на изборните права. Така локалната самоуправа на Андора, Советот на долините, два пати ја ратификувала програмата на претендентот и го прогласила Борис Први за крал.

Скосирев го пишува Уставот на Андора

Меѓутоа, Борис на тронот минал помалку од две недели. Епископот од Урхел бил револтиран поради одлуката во Андора да се отвори казино, и во печатот жестоко го критикувал Скосирев. Новиот крал одговорил со прокламација во која му „објавил војна на епископот“ иако Андора немала регуларна војска, ако не ги сметаме неколкумината стражари. Каталонската гарда го уапсила Скосирев на 20 јули, а како повод послужило неговото претходно кршење на миграциските закони кога во 1933 година доаѓал во Андора, но бил протеран. Бил евакуиран во Барселона, а потоа во Мадрид.

Таму Борис Први се нашол во центарот на медиумското внимание и дал неколку интервјуа во кои изјавувал дека „бил воден од тежнеењето да ги заштити жителите на кнежевството од експлоатацијата на Французите“. Своите претензии на престолот Скосирев ги образложувал со наводите дека последен законски наследник бил француски крал, а не претседател. Потомокот на францускиот крал Жан од Орлеан, војводата од Гиза, наводно му ги пренел своите права на Андора на Скосирев лично, притоа имајќи дури и соодветно писмо.

Кој бил човекот кој на неверојатен начин успеал да изведе толку смела махинација?

Получистокрвен гроф

Борис Скосирев

Авантуристичкиот ген го наследил од својата мајка Елизавета Дмитриевна, по раѓање грофица Маврос. Таа додека била уште во првиот брак, со презимето Симонич, на 12 јануари 1896 година го родила Борис од пензионираниот корнет Михаил Михаилович Скосирев, инаку 11 години помлад од неа, пишува белорускиот историчар Леонид Лавреш.

Елизавета првиот пат се омажила од љубов, за братучед од тетка си, без оглед на тоа што таквиот брак бил забранет, а вториот брак по тогашните мерки се сметал за нерамноправен. Михаил Скосирев бил син на петербуршки трговец кој од својот татко ја наследил работата на снабдувач на императорскиот двор, но немал благородничка титула, па Борис не можел да ја наследи, но подоцна себеси без никакви основи се нарекувал благородник.

Од 1900 година семејството живеело во Вилнус и кај Лида (денешна Белорусија) каде Борис го минал детството. Есента 1915 година регионот го окупирала германската војска, а семејството заминало на исток. Борис веројатно се упатил на фронт како доброволец и се борел во состав на британските тенковски дивизии, кои дејствувале на рускиот фронт. Ова произлегува од писмото за препораки што заповедникот на дивизијата Оливер Локер Лемсон во 1924 година му го дал на Скосирев во кое пишува рускиот истражувач на биографии Скосирев Александар Кафка. Најверојатно бил прекомандуван во единицата како воен преведувач. По Револуцијата Скосирев побарал политички азил во Велика Британија и се пријавил на две години во британската војска.

„Кумашин“ на англиски заповедник

Откако се нашол во странство по Првата светска војна Скосирев настојувал да биде во друштво на богатите и влијателните. Во разни периоди ширел информации за своите врски со претставници на руското императорско семејство, дека завршил на елитен париски лицеј (Lycee Louis Le Grand), а исто така и колеџ при Оксфордскиот универзитет (Oxford University Magdalen College), дека се дружел со принцот од Велс, дека служел на дворот на холандксата кралица и од неа ја добил титулата гроф Орански, наведува Кафка.

Всушност, ништо од тоа не било вистина. Скосирев можел да има на располагање само врска со Локер-Лемпсон, а преку него со англиската разузнавачка служба на која веројатно ѝ давал услуги. Ова познанство во најмала рака може да објасни како во дваесеттите години Скосирев лесно успевал да ги реши проблемите со законот, предизвикани со махинации со банкарски сметки и ситни кражби. Освен тоа, според некои сознанија на почетокот на триесеттите години од минатиот век на Мајорка шпанската полиција започнала истрага против него во врска со кокаин.

Холандски пасош на Борис Скосирев

Во текот на дваесеттите години од минатиот век Борис успеал на кратко да обезбеди холандски пасош. А, во обид да се легализира во Франција Скосирев во 1931 година се жени со 11 години постара партнерка, но властите, сепак, одбиваат да му дадат државјанство поради скандалозната репутација. Тоа што бил оженет воопшто не претставувало пречка да заведува имашни љубовници во разни земји и да живее на нивна сметка. Освен тоа не се плашел од недозволени шеми за збогатување и внимателно ја следел политичката ситуација во Европа.

Агент на неколку разузнавачки служби

Кога станува збор за андорската авантура на Борис Скосирев, според мислењето на Герхард Ланг, автор на книгата „Борис фон Скосирев, германски агент, крал на Андора“, таа била финансирана од Третиот рајх кој бил заинтересиран да ја дестабилизира ситуацијата на Пиринејскиот полуостров, да ја промовира идејата за независност од Франција и Шпанија кај локалните жители, како и да ги разниша позициите на Париз.

Меѓутоа, малку е веројатно дека Шшанците ја откриле врската на Скосирев со Германците. Му суделе според законот за скитници и злосторници. Во 1934 година го испратиле една година во затвор, за да го задржат еден месец, а потоа првиот и последен андорски крал го депортирале во Португалија. Следните неколку години ги минал во Португалија, во Шпанија, во Франција, заедно со сопругата.

Французите го интернирале Скосирев во логорот Camp de Rieucros во Манд, а потоа го префрлиле во нацистичкиот концентрационен логор за странци Camp du Vernet. Во 1942 година Германците присилно го одвеле во еден од работните логори на подрачјето на Берлин. Ланг смета дека по извесно време се вработил како преведувач во Шестата тенковска дивизија на Вермахтот и дека добил офицерски чин.

Борис I, кралот на Андора,1933 година.

За Борис војната завршила во американско заробеништво. По Втората светска војна Скосирев се населува во Западна Германија, но во 1948 година во Источна Германија го уапсиле советските специјални служби. Во советската окупациска зона се нашол „деловно“ (така тогаш се велело, меѓу другото, за шверц). Во советските логори бил до 1956 година, а потоа се вратил во германскиот град Бопард каде го минал остатокот од животот и починал во 1989 година.

„Интересно е што за него германските власти се заинтересирале за неговите врски со советската разузнавачка служба. Тие очигледно не можеле да сфатат дека чекистите можеле да пуштат човек со толку богата биографија како што е Скосирев. Но, истрагата не дала резултати“, нагласува Герхард Ланг.

Љубовта кон мистификациите, очигледно не го напуштала Борис до крајот на животот. Во 1982 година објавена е книгата „Човекот во Јалта: тајната на Хитлеровата наредба до Борис фон Скосирев“ во која се наведува дека на Јалтинската конференција Скосирев ги убедил сојузниците да не фрлаат атомска бомба на Германија. Меѓутоа според тврдењата на Ланг тоа било лага.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња