Дали Чукчите навистина биле непобедливи воини?

Paul Niedieck/Public Domain
Сто и педесет години Русите не можеле да ги покорат номадите од Чукотскиот полуостров, и на крајот морале да склучат договор со одгледувачите на ирваси.

„Чукчите се моќен народ. Тоа се високи, храбри и плеќести луѓе, цврсто градени, разборити, правични, воинствени и слободољубиви. Тие не трпат лажење, одмаздољубиви се и за време на војна, кога ќе се најдат во опасна ситуација, извршуваат самоубиство“; вака рускиот офицер Дмитриј Павлуцки ги опишал автохтоните жители на Чукотскиот полуостров на источниот раб на Евроазија. Русија овој дел од светот започнала да го освојува кон средината на 17 век.

Семејство Чукчи пред својата куќа во близина на Беринговиот мореуз.

Ретко кој народ источно од Уралските планини им давал на Русите толкав отпор како што тоа го правеле Чукчите. Тие не сакале да бидат поданици на царот и да плаќаат „јасак“ (данок во вид на самурово крзно). Речиси сто и педесет години воделе крвави војни со дојденците, им ги уништувале населбите и успешно правеле заседи во нивните воени одреди.

На руската војска (која во овој регион била составена главно од Козаци) не ѝ било воопшто лесно да ги принуди на покорност овие одгледувачи на ирваси, зашто климата на полуостровот е сурова, полуостровот е мошне оддалечен од центарот на руската држава, а Русите немале доволно луѓе на овие подрачја. Важна причина за честите неуспеси е и фактот што Чукчите биле и најсвирепите и највештите воини на целиот Сибир и на Далечниот Исток.

Култ на силата

Во чукотската заедница најмногу се ценела физичката сила и издржливоста. Идните одгледувачи на ирваси и ловци од раното детство се учени да го развиваат своето тело, лесно да поднесуваат глад и малку да спијат. Петгодишните деца веќе трчале по стадото на снегоодалки на кои биле прицврстени камења.

Чукча во оклоп со копје и со лак. Од книгата на Едвард Хардинг „Носиите на народите на Руската Империја, Лондон, 1810 година.

Момчињата трчале секојдневно, понекогаш и во тешки оклопи. Освен тоа биле популарни и вежбовните двобои на кои се вежбала борба со копја. Копјето им било најважно борбено оружје. Имале и игра слична на рагби, каде исто така многу трчале по топката од крзно од ирвас.

„Чукчите можат многу да пешачат, особено ако се одгледувачи на ирваси“, напишал на почетокот на 20 век капетанот од втора класа Н. Калиников. „Тие навистина некакви челични луѓе кога станува збор за поднесување замор, глад и несоница... Особено додека се млади“.

Воопшто не се плашеле од смртта. Многу поголем страв имале од самата можност да не излезат кукавици и да останат во лош спомен. Кога некој нивен воин ќе бил заробен, тој гладувал додека не умре.

Мајстори за борба гради в гради

Воински оклоп и стрела, Чукчи, 19. век

Во борба Чукчите вешто се справувале со лак, копје и нож, а во случај на потреба можеле да се борат и со помош на ласо за фаќање ирваси, оружје кое исфрла стрелички (атлатл) за лов на водни птици, па дури и со помош на стап, кој инаку се користел за терање ирваси кога ќе се одвојат од стадото.

Чукчите не користеле штит. Биле мошне подвижни и вешто ги избегнувале стрелите на Корјаците, нивниот дамнешен непријател (Корјаците се народ сроден на Чукчите, кои живеат појужно и ја прифатиле власта на рускиот цар). Сепак, воините од глава до колена носеле ламеларни (плочести) оклопи од кожа од морж, бивни од морж, од ребра од ирваси, од рожнати плочки кои се наоѓаат во устата на китовите или од железо.

Според белешките на руските истражувачи на Сибир од крајот на 18 век, дваесет „диви, сурови, незапирливи и свирепи“ Чукчи можат лесно да растераат педесет Корјаци. Сесилните Чукчи (кои го отфрлиле номадскиот начин на живеење) живееле на бреговите и биле помалку воинствени од нивните номадски побратими, но се сметало дека тие се исто така достојни противници во бој.

На почетокот Чукчите се исплашиле од огненото оружје што го користеле Русите зашто мислеле дека пукањето е „небесен гром“, а дека раните од куршумите се всушност рани од „молња“. Меѓутоа брзо се навикнале. На Русите не им било од интерес да им продаваат оружје на опасните противници, но тие го стекнувале како трофеј или го менувале со Корјаците.

Мајстори за ненадејни напади и за трпеливи заседи

Семејство Чукчи. Анадир, лето 1906 година

Чукчите најмногу сакале да војуваат назима. Можеле незабележано да минат многу километри на тесна санка со кучешка запрега или запрега со ирваси и ненадејно да паднат во непријателска населба, каде едни ги убиваат, други ги заробуваат, куќите ќе ги запалат и ќе го однесат сето она што не можеле да го земат со себе. Намерно ги уништувале преостанатите резерви, така што и оние што евентуално ќе го преживееле овој упад набргу неминовно умирале од глад.

Во поход против Корјаците обично заминувале неколку десетина луѓе, но против сериозниот непријател како што биле руските одреди, чукотските племиња испраќале и по неколку стотини воини, а во исклучителни случаи и по неколку илјади. Така, во воената кампања од 1731-1732 година одредот на Павлуцки во борбите отепал околу илјада Чукчи.

Заседите им биле најчест начин за војување против технички подобро опремените Руси. Покрај тоа, секоја грешка што ќе ја направи непријателот, Чукчите веднаш ја користеле во своја полза. Така Козаците во една пригода поставиле логор на брдото Мајорска Сопка опкружено со замрзната вода, и потпирајќи се на тоа дека мразот е тенок не поставиле стража. Чукчите не се плашеле да пропаднат низ мразот. Дошле до брдото ползејќи по мразот на стомаците, а потоа ги заклале сите Козаци.

Полесно е да се постигне договор

Русија завојувала со Чукчите кон средината на 17 век. Војната била долга и крвава. Свирепите чукотски воини гинеле на стотици, но упорно одбивале да ја признаат царската власт.

Анадирско утврдување, на картата на Иван Лавов, околу 1710 година.

Руските единици понекогаш трпеле тешки порази. Така во 1730 година во борбата кај Јегача загинале триесет Козаци на чело со полковникот Афанасиј Шестаков. Седумнаесет години подоцна на Орловската река битката се завршила со загинување на мајорот Мавлуцки и на неговите педесет луѓе. Русија во овој регион немала многу луѓе, па ваквите удари за неа биле мошне болни.

На крајот во Санкт Петербург било одлучено со непокорните одгледувачи на ирваси да се постигне договор. Важен чекор во нормализацијата на односите била ликвидирањето на Анадирското утврдување од 1771 година (утврдувањето постоело цел еден век и неговото одржување било мошне скапо). Потоа пратеници на императорката Екатерина Втора веќе можеле да водат успешни преговори со „тојоните“, односно со локалните поглавари.

Во 1779 година Чукотка официјално е припоена кон Руската Империја. Во првите десет години Чукчите не биле задолжени да плаќаат јасак и фактички ја зачувале целосната самостојност во интерните прашања. Дури и на почетокот на 20 век многумина од нив не знаеле дека се поданици на рускиот император.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња