Историјата на СССР во 20 фотографии

Кира Лисицкаја (Photo: Global Look Press; Аркадиј Шајхет/Private collection)
Пред точно сто години се роди нова земја наречена Сојуз на Советските Социјалистички Републики или скратено СССР. За 70 години од своето постоење таа држава помина низ многу искушенија. Ги разгледавме подетално некои од најважните настани и личности.

СССР беше официјално формиран на 30 декември 1922 година, кога Првиот Сесојузен конгрес на Советите го усвои Договорот за основање на СССР (потпишан од Руската СФСР, Закавкаската СФСР, Украинската ССР и Белоруската ССР).

Владимир Илич Ленин и Јосиф Висарионович Сталин 1922 година. Ленин го основаше СССР и беше негов прв лидер. Ја промовираше идеологијата на револуцијата од 1917 година. Во годината кога е направена фотографијата, Сталин беше избран за генерален секретар на Централниот комитет на Болшевичката партија, функција што подоцна ќе подразбира управување со земјата.

Таа 1922 година беа формирани многу советски организации, кои сега исто така ја слават својата стогодишнина. Една од нив е и Сесојузната пионерска организација „В. И. Ленин“.

Болшевиците имаа многу прогресивни и важни идеи и акции. Една од нив беше искоренувањето на неписменоста. За рекордно краток рок образованието стана бесплатно и задолжително, така што барем половина од земјата научи да чита и пишува. Бројот на писмени луѓе се зголемуваше од година во година.

Истовремено болшевиците водеа антирелигиска кампања, конфискуваа црковни скапоцености, масовно апсеа свештеници и ги судеа.

По смртта на Ленин, во 1925 година Сталин стана советски лидер. Тој е запаметен по неговата цврста политика, во која интересите на земјата беа поважни од интересите (и животите) на нејзините граѓани. И денес има поддржувачи на таквата политика. Тие го фалат Сталин за форсирање на индустријализацијата на земјата и за тоа што Советскиот Сојуз во негово време стана светска суперсила.

Во времето на Сталин беа стартувани многу големи фабрики и хидроцентрали, како и рударство и производство на многу видови стоки. Цутеше изградбата на патишта и цели сообраќајни системи како што е метрото во Москва (која стана мегалополис). Еден од најамбициозните проекти беа таканаречените облакодери на Сталин, популарно наречени „Седум сестри“. Додуша, тие објекти беа завршени по смртта на Сталин.

Една од најмрачните страни на владеењето на Сталин беше системот на казнено-поправни логори Гулаг, во кој затворениците беа користени за најтешка работа на градилиштата во сурови услови на Крајниот Север, во Сибир за сеча на шумите и обработка на дрво или во рудници за ураниум на рускиот Далечен Исток.

Милиони луѓе во тие затвори ги загубија животите или исчезнаа. Сталиновиот Народен комесаријат за внатрешни работи (НКВД) ја елиминираше целата политичка конкуренција и таканаречената „петта колона“, па под тој изговор можеше да уапси секого за невнимателна шега или анонимна дојава.

Луѓето понекогаш со часови стоеја во редици пред управата на НКВД, на дожд, град или сонце, обидувајќи се да откријат што се случило со нивните најблиски. Големата советска поетеса Ана Ахматова ги изрази тие ужасни околности во нејзината елегија „Реквием“: „За време на страшните години на „ежовштината“ [Николај Ежов, шеф на НКВД, на фотографијата подолу со Сталин] поминав седумнаесет месеци во затворските редови во Ленинград...“

По чистките на Сталин започна Втората светска војна и тоа беше еден од најтешките периоди во советската историја. Четирите години што СССР ги помина во борбата против нацистите се овековечени во националната историја под името „Големата татовинска војна“. Победата не ја извојуваа само мажите и војниците, туку и жените, децата и пензионерите. Додека едни се бореа на линијата на фронтот, други во позадината правеа муниција или шиеја униформи.

Во кошмарот на Втората светска војна, Советскиот Сојуз загуби милиони животи, а градот Ленинград ги преживеа најстрашните 900 дена под нацистичка опсада без храна, греење или струја. При повлекувањето, Германците сериозно ги оштетија некогаш раскошните царски дворци и однесоа многу скапоцености.

По победата во војната, советската страна од година во година се опоравуваше од огромните загуби. Индустријата се врати во мирнодопските текови и започна ерата на советската култура и филм.

По смртта на Сталин во 1953 година, на чело на Советскиот Сојуз застана Никита Хрушчов. Тој го затвори Гулагот, амнестираше многу затвореници и го укина култот на личноста на Сталин. Периодот на неговото владеење во историските извори се нарекува „Хрушчовско затоплување“.

Едно од најголемите достигнувања во периодот на Хрушчов беше решавањето на станбениот проблем. За време на советската индустријализација, милиони луѓе се преселија во градовите, каде што немаше доволно станови, па многумина мораа да живеат во заеднички станови, таканаречените „комуналки“ или во работнички интернати. Хрушчов иницираше изградба на евтини стандардни повеќекатници денес познати како „хрушчовки“.

И, конечно, ерата на Хрушчов беше обележана со еден од највпечатливите настани во историјата на човештвото. Космонаутот Јуриј Гагарин беше првиот човек кој полета во вселената. Погледнете овде како беше пречекан Јуриј Гагарин по летот.

Од 1964 година неполни две децении со земјата управуваше Леонид Брежнев. Неговото време, почнувајќи од 1970-тите, е познато како „Доба на стагнација“ која елитата на Комунистичката партија ја третираше како „развиен социјализам“.

Тоа всушност беше време на стабилност. Претходниот брз економски раст беше запрен, немаше посериозни политички проблеми во земјата, а од продажбата на нафта почнаа да „капат“ големи пари. Животниот стандардот беше далеку повисок отколку во повоените години, па дури и во 1960-тите. Згора на сé, односите меѓу СССР и САД стануваа сé потопли (на сликата подолу, Брежнев го поздравува американскиот претседател Џими Картер со карактеристичен бакнеж).

Во 1980-тите еден по друг умреа двајца советски лидери, и двајцата по една година владеење со земјата. Настанува економска криза, започнува недостиг од секакви стоки, полиците во продавниците се празни, а редиците пред продавниците огромни... Во 1986 година земјата ја погоди голема катастрофа кога се случи експлозијата во нуклеарната централа во Чернобил. Сите тие настани покажаа дека во земјата се крајно неопходни реформи. Така започна перестројката на Горбачов.

На крајот на 1980-тите покрај рускиот збор „перестројка“ светот ќе дознае и за зборот „гласност“. Можеби тоа и не беше вистинска слобода на говорот, но барем постоеше можност луѓето да се информираат за настаните во земјата, и тоа не само во позитивно светло, како што практикуваше советската телевизија. Во секој случај, цензурата беше фактички укината и беа објавени многу извонредни руски и советски книги, од „Доктор Живаго“ на Пастернак до „Архипелагот Гулаг“ на Солженицин. Луѓето почнаа полесно да дишат. Од друга страна, Советскиот Сојуз ги повлече своите трупи од Авганистан по цела една деценија војна.

Како дел од реформите на Горбачов советските републики добија поголема автономија, па дури беше организиран и референдум за зачувување на СССР (за кој гласаа мнозинството граѓани). Горбачов планираше да потпише договор за формирање на Унија на суверени држави, но во август 1991 година во Москва беше извршен обид за реакционерен советски државен удар, додуша неуспешен. Борис Елцин застана на чело митингот против државниот преврат и против зачувувањето на Советскиот Сојуз, а за триумф на демократијата. Така, на 26 декември 1991 година, по неполни 70 години постоење, Советскиот Сојуз ги одброја своите денови.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња