Петте главни мита за СССР

Борис Ељшин/Sputnik
Дали е точно дека сексот од задоволство речиси не постоел во СССР? Или дали сите Совети биле „еднакви“ во вистинската смисла на зборот? Ви ги разоткриваме овие и други популарни заблуди за советското општество.

1. Во СССР не постоела религија?

Пред селска црква, мај 1950 година.

Советската влада водела решителна антирелигиска кампања. „Мораме да се бориме против религијата“, велел Ленин – и ова станало цел на атеистичката пропаганда во годините што доаѓале. Непосредно по Револуцијата, во 1918 година, православната црква била „одвоена од државата“ – венчавките, раѓањата и смртта повеќе не биле регистрирани од страна на црквата, ами преку соодветни цивилни органи на советската република. Во меѓувреме, црквите во СССР или биле уништувани или пренаменувани, додека речиси сите џамии биле затворени.

И покрај тоа, религијата никогаш не била формално забранета во СССР. Во советскиот устав пишувало дека „на граѓаните на СССР им се гарантира слободата на совеста, односно правото да исповедаат која било вера, или да не исповедаат ниту една, [и] да учествуваат во верски култови или да водат атеистичка пропаганда“.

Во 1943 година била обновена Московската патријаршија, а на иницијатива на Јосиф Сталин е формиран Совет за работи со Руската православна црква. Државата фактички го признала постоењето на православните верници. Значи, иако насекаде имало атеистичка пропаганда, на верниците не им било забранувано да ги посетуваат црквите, само што тоа станало тешко.

2. СССР бил земја на целосна еднаквост?

Нарјан-Мар, Архангељска област, 1949 година.

„Од секој според неговите можности, секому според неговите потреби“, беше слоганот што го популаризираше Карл Маркс и се пропагираше во првите години на СССР. Меѓутоа, општествениот диспаритет уште од самиот почеток беше мошне силен. Станбениот проблем беше акутен. Масовната изградба започна дури во времето на Никита Хрушчов, по војната. И потоа, поголемиот дел од работниците живееја во прилично скромни услови, а и таквите станови беше тешко да се добијат: становите не можеа да се купат, нив ги даваше државата. Дури и купувањето автомобил или некакво парче мебел можеше да потрае со години и да биде на листа на чекање, односно доколку имате пари. Само високите партиски функционери уживаа некакво ниво на луксуз.

3. СССР имаше најдобра бесплатна здравствена заштита за сите?

Оренбург, 1988.

СССР навистина организираше здравствен систем кој беше бесплатен за сите граѓани, дури и со најголем број лекар по глава на жител (во 1975 година во СССР имаше 32 медицински работници на секои 10.000 граѓани, во споредба со САД кадешто бројот изнесуваше 21). Меѓутоа на поголемиот број од овие лекари им недостасуваше искуство и главно беа изедначени со медицинските сетри и со болничарите по ниските плати.

Постојат две непобитни вистини што го осудуваат советскиот здравствен систем.

Прво, во СССР беше прилично вообичаено да се минат недели, па дури и месеци, во болница, чекајќи операција. Болниците најчесто беа пребукирани, пациентите лежеа на носилки во ходниците. А, операциите се правеа бавно поради недостигот од квалификуван кадар.

Второ, постоеја корпоративни здравствени системи – на пример, специјални болници и лекувалишта за работниците на Министерството за одбрана или на Министерството за сообраќај и така натаму. Исто така постоеја и посебни здравствени единици за високите функционери на Комунистичката партија, што докажува дека јавното здравство беше далеку од идеално. Митото и корупцијата беа вообичаени во советските болници – за да имаат пристојна медицинска нега, пациентите мораа да ги подмитуваат лекарите со пари или со скапи алкохолни пијалаци.

4. Во СССР немаше секс?

Населбата Магистраљное, Иркутска област, 1974 година.

Прочуената фраза „Во СССР нема секс“ беше направена во текот на телевизиски пренос во 1986 година и ја наговести идејата дека високо политичкиот освестен советски граѓанин има соодветни високи морални стандарди кои не го вклучуваа сексот како разонода. Судејќи според класичните советски филмови, Советите сакаа само романтично, онака како што им доликува на „вистински комунисти“.

Меѓутоа, дури и во СССР имаше сексуални скандали, во кои чести беа вмешани високи функционери и спортисти. А, на самиот почеток на комунистичкиот систем, пред да постои СССР, дури и имаше кратка, но неверојатно жива сексуална револуција која го заби клинот помеѓу стариот, царскиот, и новиот свет. Во шеесеттите години од минатиот век во СССР се појави хипи-движењето со своите идеали за сексуална слобода. Значи, иако не беше официјално признаен, сексуалниот живот во СССР не постоеше само како средство за правење деца, ами и како разонода.

Од друга страна, контрацепцијата одвај постоеше – кондомите не беа лесно достапни дури ни во поголемиот број аптеки. Исто така, машката хомосексуалност се сметаше за кривично дело во текот на поголемиот дел од постоењето на СССР, така што дури и во сексуалниот живот Советите беа угнетувани.

5. Советската стока беше со највисок квалитет?

Кукла „бракодел“ (од зборот „брак“ – фелер, дефект, мана) во облека со фелери на Краснодарската текстилна фабрика

„Кога ја преживеавме војната, не се плашевме од глад и постоење извесна доверба во иднината“, изјави Вера Ивановна, поранешната шефица на одделот за планирање во советската авиокосмичка компанија. Меѓутоа, иако Советите не гладуваа (главно), стоката што им ја нудеше државата беше со умерен квалитет. На пример, во 1963 година Државната пазарна инспекција утврдила дека 68 отсто од сите произведени велосипеди, како и 34,7 отсто од мебелот, не ги задоволуваат стандардите за квалитет. Во 1965 година високи партиски функционери, вклучувајќи го и премиерот Алексеј Косигин, и понатаму расправаа за неопходноста од државна контрола на квалитетот за сета произведена стока.

Дефицитот беше вообичаена работа за Советите. „Недостигот од основните видови сирења, колбаси, меси и вообичаените гуми за џвакање, облека и обувки со светли бои за деца, беше чувствителна тема“; вели Олег, кој детството го минал во СССР. Додека скапи и странски артикли беше полесно да се најдат ви Москва и во Санкт Петербург, поголемиот број провинциски градови и места немаа видено квалитетна стока сѐ до падот на СССР во 1991 година, што го забрза порастот на надворешната трговија и на увозот.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња