Патувајќи низ Русија и посетувајќи различни градови, кои се оддалечени еден од друг илјадници километри, дури и турист со незначителна моќ на перцепција во секој од нив ќе ги забележи истите четирикатни згради со прилично банален дизајн. Сите тие се подигнати за време на владеењето на советскиот лидер Никита Хрушчов (од 1953 до 1964 година), во чија чест популарно се нарекуваат „хрушчовки“.
Некои луѓе во Русија до денес со омаловажување зборуваат за хрушчовките, истакнувајќи дека становите се минијатурни, плафоните ниски, дека зградите немаат лифтови и дека се застарени и идејно и физички. Но, токму овие едноставни повеќекатници буквално направија пресврт во свеста на советските луѓе. Во хрушчовките секој се стекна со право на сопствен простори и на ронка своја слобода.
Пред почетокот на масовната изградба на хрушчовките, станбеното прашање во СССР беше едно од најактуелните. Имено, непрекинатата индустријализација доведуваше до тоа сѐ поголем број луѓе да заминуваат од селата во градовите. Задачата на населувањето во привремени бараки без комоција беше успешно реализирана уште во времето на Јосиф Сталин. Иако дел од бараките можеа да се видат дури и во престолнината, дотогаш повеќе не беа масовна појава. Голем дел од населението премина, имено, во таканаречените „сталинки“, згради изградени во периодот од 1933 до 1961 година.
Сталиновите згради не беа ѕидани само за раководството и за интелигенцијата, за елитата на советското општество, ами и за обичните граѓани. Проблемот, сепак, беше во тоа што за обичниот граѓанин беше речиси невозможно во нив да добие посебен стан. „Сталинките“ (од 4 до 10 ката) обично беа заселувани како заеднички станови, што значи дека во еден стан живееја по неколку семејства, од кои секое заземаше една или неколку соби. Кујната, бањата и претсобјето беа заеднички, што на станарите им создаваше проблеми.
Некогашните станари на заедничките станови ги паметат редовите пред тоалетите, строго ограниченото време за користење на тушот, вечно бучните или напротив премногу строгите соседи, мирисот на готвена храна од кујната и недостигот од личен простор. Понекогаш доаѓаше до тепачки или до обиди соседите да се отселат со некаков прикриен метод како што се поткажување, жалби и интриги кои можат да доведат до апсење на луѓето чија соба во тој случај би му припаднала на соседот.
Веднаш по смртта на Сталин во 1953 година властите донесоа одлука: за 20 години да се реши дефицитот на станбениот простор. Со цел овој амбициозен план да биде реализиран беа осмислени проекти на згради со евтина изградба – хрушчовки.
На прво место беше ергономијата – кујната од пет квадратни метри беше проектирана врз основа на анализата на движењето на домаќинката за време на подготовката на основниот список на јадења, норма за станбениот простор по лице беше 12 квадратни метри, санитарниот јазол обично ги поврзуваше тоалетот и бањата во една просторија без каков и да е луксуз.
Во зависност од бројот на членови во семејството се доделуваа еднособни, двособни и трособни станови чија површина достигнуваше 58 метри квадратни. Можеби по Сталиновите станови овој простор и не изгледаше голем, но беше „личен и персонален“.
„Првата мисла ми беше: колку место! Две големи соби, сопствена кујна... Тоа сега изгледа како да е мала кујна, но тогаш ни се чинеше дека тоа се дворци! Секогаш достапна топла вода“, се сеќава Марина Циганкова која со семејството се преселила во хрушчовка.
Хрушчовките дадоа огромен придонес за зголемувањето на станбениот фонд на земјата. Во просек изградбата на една зграда траеше 12 дена, што овозможуваше за кратко време во индивидуални станови да се преселат милиони луѓе. Брзината на изградбата не секогаш значеше низок квалитет. Хрушчовките од тули и блокови до денешен ден се добри за живот, па дури и можат да се споредат со некои згради од новоградба според долговечноста, додека хрушчовките од бетонски панели навистина почнаа да се распаѓаат по 30 години користење. Самите станови, доколку се погледнат со очите на човек од шеесеттите години од минатиот век, беа прилично комотни: сѐ ви припаѓа вам, имате остава, а зградата има само четири ката. Треба да се додаде дека становите во СССР се добиваа целосно бесплатно, а бројот на соби се пресметуваше според бројот на луѓе во семејството. Требаше само да почекате да дојдете на ред.
„Со родителите живеевме во заеднички стан за три семејства. И кога од фирмата на татко ми добивме двособен стан во хрушчовка од тули, бевме неверојатно среќни. Добив своја, иако малечка, соба. Мајка ми беше среќна поради сопствената бања и кујна. Животот почна да изгледа поубаво“; вели Владимир Орлов.
Дизајнерските решенија кои настанаа благодарение на хрушчовките, до денешен ден ги инспирираат производителите на мебел. Имено, малите димензии на становите ги наведоа советските дизајнери да преминат на минимализам, па така настанаа фотелјата-кревет, масата-комода и шкафот „Хелга“, еден од симболите на таа епоха. Она што порано се сметаше за старудија и за „бапски мебел“ денес е мошне барано на пазарите за старо и се реставрира така што да се добие впечаток на естетиката на шеесеттите.
Порано селењето во хрушчовки се доживуваше едноставно како подобрување на условите за живот, како можност да се извлечете од неудобноста на заедничкото живеење, но кога денес ќе се свртиме наназад, јасно ни станува дека со ова преселување среќните сопственици на новите станови имаа можност и да ги напуштат навиките на заедничката или на комуналната свест. Претходниот начин на живот ја спречуваше самотијата, а Хрушчов успеа да го измени тоа: новите удобни станови кај советскиот човек ја разбудија индивидуалноста. Во својот стан можете сѐ да распоредите како што сакате, да правите што сакате и не морате од никога да барате дозвола за тоа.
Заедно со индивидуализираните станови се појави и феноменот „квартирник“ – тајни камерни концерти што се организираа по становите за блиски луѓе, поради тоа на многу групи и изведувачи јавните настапи им беа забранети. На ваквите домашни концерти од шеесеттите години од минатиот век често настапуваа музичари кои потоа станаа ѕвезди како што е случајот со Владимир Висоцки.
Така, индивидуалниот станбен простор што државата им го доделуваше на граѓаните даде основа за развој на контракултура. Интересно е што времето на изградбата на хрушчовките делумно се поклопи со периодот на „затоплување“. Цензурата попушти, ГУЛАГ-от беше ликвидиран, СССР ја крена железната завеса. Земјата минуваше низ големи промени, а воедно се менуваше и свеста на нејзините жители.
Хрушчовки до денешен ден можат да се видат во сите земји од постсоветскиот период, како и во Германија и на Куба. Дел од зградите се подготвени за уривање, но многу од нив имаат приврзани станари кои не сакаат да се преселат во нови згради, иако властите им го нудат тоа.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче