Како Сталин направи од Москва мегалополис, а градот неповратно изгуби многу споменици на архитектура

Кира Лисицка (Photo: Getty Images; Public domain)
Многу ремек-дела на архитектурата засекогаш се изгубени, и многу убави амбиенти се задушени со околните објекти зашто Москва целосно го промени својот изглед. Од друга страна, престолнината на Русија не би ни станала толку развиен мегалополис, доколку не постоеше планот за реконструкција на Сталин.
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!
  • Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!

„Москва треба да поприми европски изглед. Историските споменици и зданија, секако, ќе останат, но сегашниот азијатски карактер на градот – сите тие крви улици, без ред подигнати згради и чудните бои на нивните фасади – сето тоа треба да биде урнато“. Ова е изречено далеку пред Јосиф Сталин да дојде на власт. Така во1 913 година пратеникот на московската Дума Николај Шевченков го изнел своето видување за иднината на Москва во списанието „Гласот на Москва“. Шевченков беше на чело на „Комисијата за уредување на градот при московската градска Дума“.

Москва. Манастирот Страсна икона на Пресвета Богородица („Страстной монастырь“). Околу 1925-1926 година.

Комисијата е основана со цел планот на градот да се коригира во согласност со потребите на новата епоха, но немала можност да ги реализира своите проекти зашто во 1917 година избила Револуцијата. Но, сепак, треба да се обрне внимание на фактот дека потребата за коригирање на урбанистичкиот план на Москва била очигледна уште пред почетокот на Сталиновата индустриализација и урбанизација. Роман Клејн, еден од плодните архитекти на Москва од тоа време во интервју за „Гласот на Москва“ го има кажано следново: „Москва е голем трговски центар во кој бројот на жители од година во година расте, како и потребата за станбен простор, а земјата станува сѐ поскапа. Сакале ние или не, зградите ќе растат во висина, ќе ги засенуваат помалите вили и ќе се надвиваат над куполите на храмовите“.

„Сѐ е нафрлано на куп“

Настаните по Револуцијата од 1917 година покажале дека Клеј целосно имал право. Само во периодот од 1918 до 1924 година над 500.000 луѓе се преселиле од Подмосковје и од сиромашните населби во центарот на Москва. Тие се вселени во вилите на поранешните аристократи и во градските зданија – во поранешните луксузни хотели и во становите од висока класа. Од сето тоа направиле „комунален“ станбен простор. И покрај тоа, потребата за станбен простор билa огромнa. Многумина доаѓале во Москва за да работат и да се школуваат во услови на економската криза во текот на дваесеттите години на минатиот век. Сите тие морале некаде да живеат и затоа во тој период неколку архитектонски тимови предложиле свои планови за реконструкција на Москва. Ниту еден од нив, меѓутоа, не бил прифатен како доволно добар за реализација.

Тверска улица.

Затоа во 1932 година бил распишан затворен конкурс за генерален план на Москва на кој свои трудови поднеле великаните на архитектурата како што се Ле Корбизје, Ханес Маер (вториот директор на Баухауса) и Ернст Меј (творецот на „Нов Франкфурт“). Планот на Ле Корбизје бил најрадикален. „Сето тоа е нафрлено без ред и без одредена цел“, изјавил тој. „Во Москва сето тоа треба да се урне и одново да се изгради“, рекол Ле Корбизје. Неговиот план се состоел во тоа центарот на градот комплетно да се урне и потоа врз основа на правоаголна мрежа да се направат улици. Ернест Меј сметал дека „Москва во сегашниот вид не може рационално да прими повеќе од еден милион жители“.

„На почетокот од триесеттите години од минатиот век во градот веќе живееја над 3 милиони жители. Мрежата улици навистина била комплицирана, имало многу сокаци и булевари, многу улици сѐ уште барем делумно биле поплочени со калдрма или со дрво и немаа тротоари. Москва сѐ уште не беше целосно подготвена за индустриализација која подразбира интензивен сообраќај.

Специјално за потребите за преуредување на Москва во 1933 година беше основано проектантското биро „Конструкторско ателје на Советот на Москва“. Таканаречениот „Генерален план за реконструкција на Москва“ беше завршен во 1935 година, но веќе претходно започна големата изградба – завршена беше првата линија на метрото „Сокољническаја“ и започна подготовката за изградба на каналот Москва-Волга. Во центарот на градот беа удрени темелите на Државната библиотека на СССР „В.И. Ленин“, хотелот „Москва“ и денешната Државна Дума. Брзо се одвиваше и преуредувањето на планот на улиците. Очигледно беше дека определени важни делови од стариот град ќе бидат урнати.

Што е изгубено?

Минирање на Храмот на Христос Спасителот.

Реконструкцијата на Москва се одвиваше во време кога властите интензивно ја спроведуваа кампањата против религијата. Масовното уништување на православните храмови беше започнато во 1928 година. Болшевиците без двоумење ги уриваа старите храмови за да се прошират улиците, или едноставно од пропагандисточки побуди и од омраза кон религијата. Многу куполи беа урнати, многу храмови беа затворени или се користеа за различни намени – како складишта за жито, фабрички погони, научно-истражувачки институти... Во опасност исто така беа и цели населби со стара нискоградба и во многу од нив постоеја историски вили. Според планот, сите значајни градски плоштади, вклучувајќи го и Црвениот плоштад, мораа да бидат двојно зголемени, што значело дека околните згради се уриваат. Речиси сите важни улици во градот, сите авении и сите магистрали исто така се проширени за 30-40 метри, па и повеќе, а зданијата кои стоеја на тие места или беа уривани или се преместуваа.

Следува список на најважните архитектонски загуби

Симонов манастир, Москва 1882 година.

- Симоновниот манастир. Изграден од 14 до 17 век и урнат во текот на дваесеттите и на триесеттите години од минатиот век. Симоновиот манастир беше историски споменик и меморијален центар. По уривањето на поголемиот број згради и на манастирските гробишта, беше изграден Дворецот на култура за „ЗИЛ“ (соседната автомобилска фабрика).

Сухарвската кула на советска разгледница, 1927 година.

- Сухаревската кула. Изградена во стилот на московскиот барок 1692-1695. Првобитно ѝ припаѓала на Московската школа за математика и навигација, а подоцна, во 18 и во 19 век во неа биле сместени голем број продавници и мајсторски работилници. За жал, кулата се наоѓала среде Садовиот кружен пат („Садовое кольцо“), московска кружна улица која морала да се прошири. Сухаревската кула е урната во 1934 година.

Ѕидините на Китај-города пред уривањето во 1934 година.

- Стариот бедем на Китај-город. Бедемот околу Москва го изградиле италијански архитекти во 16 век. Во текот на триесеттите години од минатиот век немал никаква одбранбена функција и служел како впечатлив историски споменик во центарот на градот. Ѕидините со многубројни кули се урнати во 1934-1935 година. Зад хотелот „Метропол“ зачуван е само еден фрагмент од бедемот долг околу 150 метри.

- Храмот на Христос Спасителот. Овој храм бил граден 40 години. Завршен е во 1883 година и посветен е на победата на Русија над Наполеон во 1812 година. Бил висок 103 метри. Урнат е во 1931 година. Било планирано со неговото уривање да се ослободи место за огромен Дворец на Советите каде ќе биде сместен Врховниот Совет на СССР, законодавен орган на земјата. Изградбата започнала во 1937 година, но била запрена во 1941 кога започнала Големата татковинска војна. На ова место во 1958 година е ископан базенот „Москва“. Храмот на Христос Спасителот во 2000 година беше реконструиран според првобитниот проект.

- Манастирот на Страсната икона на Пресвета Богородица („Страстной монастырь“). Основан е во 1654 година. Манастирот доминирал на Пушкинскиот плоштад, еден од централните плоштади во Москва. Урнат е во 1931 година, а подоцна на негово место е подигнато киното „Пушкински“.

- Градската територија на местото на денешната авенија Нови Арбат требало да биде урната во согласност со Сталиновиот Генерален план од 1935 година, но нејзиното уривање започнало дури по војната, кон крајот на педесеттите и на почетокот на шеесеттите години од минатиот век. За време на изградбата на оваа улица урната е цела историска населба.

Улицата Горки

Според официјалната евиденција, во 1938 година постоеле 216 зданија под заштита на државата, а во 1935 година останале само 74. Секако, во Москва по 1935 година имало повеќе од 74 историски зданија, но во тој момент имало повеќе од 74 историски зданија, но во тој момент сите останати градби го немале тој статус. Разликата во бројките само покажува колкави биле размерите на уривањето, На пример, сите фасади на улицата Тверскаја биле реконструирани, речиси сите храмови во центарот биле урнати, а многу зданија се реконструирани така што ништо на нив повеќе не потсетува на нивниот првобитен изглед. Определени преостанати историски зданија биле поместени без демонтирање. Реализацијата на Генералниот план е запрена во 1941 година, кога Втората светска војна се проширила на Советскиот Сојуз.

Што се добило?

Велики Колхозни (Велики Сухаревски) плоштад во Москва, 1957 година.

Градот неповратно изгубил многу споменици на архитектурата, но од друга страна многу нешта и добил. Благодарение на ширењето на централните улици и на изградбата на кружните булевари и улици, Москва била подготвена да прими поголем број жители и, што е најважно, да обезбеди непречен сообраќај во големиот град.

По војната реализацијата на Генералниот план продолжила. Околу стариот центар на градот започнале да никнуваат нови населби во Москва, надоврзувајќи се на веќе постоечаката мрежа, со што е олеснет јавниот сообраќај. Московскиот автомобилски кружен пат бил планиран од крајот на триесеттите години од минатиот век и бил завршен во 1962 година. Тој е од клучно значење за градската сообраќајна мрежа. Направен е и каналот Москва-Волга (на градилиштата работеле затвореници од системот на ГУЛАГ), што ги скратило сообраќајните линии меѓу двете реки и овозможило развој на речниот сообраќај во Московската област.

Авенијата Калинин, изградба, (сега Нов Арбат), Москва.

Кејовите на реката Москва биле поплочени со гранит во должина од 52 километри. Реконструирани беа три, а изградени девет нови мостови. Околу Москва со изградба на брани се направени многу резервоари за вода, а во чистењето и во филтрирањето на водата се применувале нови технологии. Направени се и многу јавни паркови, пред сѐ Паркот Горки, така што Москва станала град со најмногу зеленило во светот. За време на реализацијата на Генералниот план, направени се и некои сериозни пропусти, но реализацијата е продолжена и траеше сѐ дури опстојуваше СССР.

Виталните потреби на огромниот град кој постојано се шири беа задоволени за отприлика 20-30 години, и тоа воопшто не беше едноставно со оглед на тоа што целиот процес беше отежнат и разнишан со Втората светска војна. Цела низа споменици на културата е изгубена, но Сталиновата реконструкција во целина придонесе Москва да е она што е денес, и овозможи развојот на градот да продолжи и по распадот на СССР.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња