Како еден советски ас поради лет под мостот ги ризикувал животот и кариерата

Музејот на Новосибирск
Фотомонтажа или не, но овој храбар потфат е навистина изведен!

Жешко летно утро на 4 јуни 1965 година, градската плажа во Новосибирск беше преполна со луѓе, како и кејот на реката Об. Брмчењето на авионот стануваше сè погласно. 

Ненадејно на небото се појави воен авион, се спушти во близина на вода и во лет што брише сè пред себе се упати кaј Октомврискиот мост на реката Об. Сите присутни занемеа, се чинеше дека неизбежен е катастрофален удар... 

Самоубиствен потфат 

Комуналниот (Октомвриски) мост, прв мост за автомобили, трамваи и пешаци преку реката Об во Новосибирск

Кога Валентин Привалов имал само шест години нацистичка Германија го нападнала Советскиот Сојуз. Момчето живеело во близина на Москва и со свои очи видело како непријателските единици маршираат по неговата земја. Токму тогаш го видел и првиот воен авион на дело.

Еднаш два авиона И-16 'Поликарпов' пролетаа над мојата глава, речиси над самите покриви. Претходно немав видено дури ни воза. Тоа беше почеток на мојот животен сон“, изјави Привалов многу години подоцна, по инцидентот на мостот кој му донесе фамозна репутација на луд храбар пилот на советската aвијација. 

Привалов не се откажал од момчешкиот сон и на 20 години станал поручник на морнаричката авијација. Служел на Балтикот каде навикнал да лета над водни површени. Многу пилоти сметаат дека тоа не е лесно, но за него тоа било рутина. 

Комунален (Октомвриски) мост 

Неколку години подоцна Привалов е префрлен во Сибир. Таму, меѓу другото, полетал и од Новосибирскиот аеродром. Тој со своите другари, исто така пилоти, често го минувале слободното време имено на оваа градска плажа, каде подоцна жителите на Новосибирск го набљудувале самоубиствениот потег на Привалов. 

„Одамна имав желба да пролетам под мостот, но знаев дека ќе ми биде забрането да летам доколку го сторам тоа“, објасни Привалов. 

Подарок од судбината 

Привалов и уште тројца пилоти на 4 јуни 1965 година добиле наредба да летаат на определена маршрута со разлика од 30 минути меѓу две полетувања. Било облачно кога Привалов со својот МиГ-17 полетал од аеродромот. Цело време летал низ облаци. 

„Кога добив наредба да слетам, почнав да се спуштам. Штом излегов од облаците го видов мостот. И тоа беше крај. Повеќе не можев да запрам. Како судбината да ми го подарила тој случај“, рече Привалов. 

Благодарение на воено-поморската обука тој бил уверен дека може добро да го оцени безбедното растојание од површината на реката, па даде полн гас. Летајќи еден метар над водата Привалов достигна брзина од 700 километри на час, така што авионот стана мошне чувствителен на управување. 

Лакот на мостот што пилотот го избра како „порта“ беше висок 30 метри и широк 120 метри. 

„Најинтересно е што кога му се приближувате на мостот очекувате дека тој простор ќе биде поширок, што е логично, а мене ми изгледаше спротивно, односно како прозорецот [на арката] да се стеснува. Но, цело време бев смирен и прибран. [...] Штом почувствував дека мостот остана зад мене, ја повлеков рачката за управување накај мене и се кренав во облаците“, рече Привалов.

Казна или награда 

Привалов беше олку возбуден што одвај ги забележа шокираните гледачи и наивно претпостави дека неговиот „испад“ никој не го забележал. 

Набргу беа уапсени сите четири пилоти кои учествуваа во овој вежбовен лет. Беше формирана комисија за истрага на инцидентот. Веднаш беше пронајден сторителот. 

Привалов беше спроведен кај Евгениј Савицки, поранешен пилот на ловечки авион, а тогаш маршал на авијацијата на СССР. Савицки беше во посета на фабриката на авиони во градот кога се случи инцидентот. 

„Тој, секако, добро ме 'изриба'“, раскажуваше Привалов. За иронијата да биде поголема, фабриката во која беше извршен овој дисциплински разговор го носеше името на Валериј Чкалов, легендарниот советски пилот кој беше познат по своите „бели“ во воздухот. 

Маршалот беше заедно со двајца аѓутанти кои во доверба му кажаа на Привалов да не се грижи зашто врховната команда решила овој инцидент да го сврти во негова корист. 

Една недела подоцна во единицата на Привалов стаса наредба на министерот за одбрана на СССР Родион Малиновски: „Повеќе да не се казнува Привалов. Дисциплинските мерки [кои веќе беа преземени во фабриката] се доволни. Доколку нема отсуство, дајте му десет дена отсуство. Доколку имал, дајте му 10 дена одмор во единицата“. 

Привалов, кој наскоро повторно почна да лета, можеше само да претпостави дека неговата храброст и јунаштво му се допаднале на маршалот Малиновски, кој исто така сакаше храбри и ризични потфати. 

Кога станува збор за позната фотографија која многу години подоцна стана популарна на Интернет, секако таа е фотомонтажа, зашто пропорциите на авионот не одговараат на пропорциите на мостот, а аголот под кој лета авионот е премногу голем за толку мала височина. 

Според една верзија, фотомонтажата ја има направено дизајнерот Евгениј Социховски за потребите на новосибирскиот музеј. „Пропорциите намерно се уредени погрешно за никој при здрав разум да не помисли дека тоа е стварно“, вели работникот на музејот Константин Голодјаев кој се занимава со проучување на историјата на својот крај. 

Според друга верзија, фотомонтажата ја има нарачано еден локален весник за со неа да ја илустрира статијата за лудиот потфат на Валентин Привалов.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња