Аушвиц: потресни сеќавања на преживеаните и на нивните ослободители

Аушвиц бил познат по масовните убиства, медицинските експерименти што се правеле на луѓето и по изработката на предмети од човеково тело.

Аушвиц бил познат по масовните убиства, медицинските експерименти што се правеле на луѓето и по изработката на предмети од човеково тело.

Б. Борисов/TASS
На 27 јануари 1945 година Црвената армија под команда на маршалот Конев влегла во најголемиот концентрационен логор на Третиот Рајх. Russia Beyond објавува потресни сеќавања на учесниците и очевидците на овие настани.

Логорот Аушвиц бил ослободен од четири стрелечки дивизии на Црвената армија. Најблиску до логорот биле борците од 100 и 107 дивизија. Во 100 дивизија бил и мајорот Анатолиј Шапиро, чиј одред стасал прв до портите на Аушвиц. Мајор Шапиро се сеќава:

„Во попладневните часови тој ден влеговме на територијата на логорот, минавме низ главната порта над која стоеше натпис обвиен со бодликава жица: 'Работата ослободува'. Во бараките не можеше да се влезе без заштитна медицинска маска. Дрвените кревети на кат беа полни со трупови. Од под креветите се извлекуваа луѓе кои личеа на полуживи костури кои се колнеа дека не се Евреи. Малобројните шреживеани не можеа да поверуваат дека конечно се слободни“.

Во тоа време во Аушвиц беа останати околу седум илјади заробеници. Меѓу нив беше и заробеничката под број 74233 чие име не е познато. Ова се нејзините зборови:

„Одеднаш на патот во близина на логорот здогледав силуети во бела и во сива облека. Истрчав од бараката за да видам кој доаѓа. Бевме пресреќни кога видовме дека тоа се советски извидувачи. Долго ги поздравувавме и ги бакнувавме. Ни велеа дека не можеме да останеме зашто сè уште не се знае каде точно се наоѓа непријателот. Се оддалечувавме на неколку чекори и повторно се враќавме“.

Црвеноармејци и деца од Аушвиц

Генерал-лајтнант Василиј Петренко во 1945 година командувал со 107 стрелечка дивизија и во логорот стасал набргу по Анатолиј Шапиро. Во мемоарите „Пред и по Аушвиц“ вака ги опишува своите први впечатоци:

„Германците на 18 јануари ги изведоа сите затвореници на логорот кои можеа да одат. Ги оставија само болните и оние што беа премногу слаби. Малобројните кои сè уште можеа да се движат избегаа уште додека нашата армија се приближуваше кон логорот. Нашите во логорот ги испратија 108 и 322 санитетска единица и мојата 107 дивизија. Санитетот на овие три дивизии организираше капење на заробениците од логорот и нивна исхрана во полските кујни.

Ослободени заробеници од логорот.

Командирот на четата Василиј Громадски исто така меѓу првите стаса во Аушвиц и вака се сеќава на логорот на смртта;

„На портата имаше катанец. Не знам дали тоа беше главниот влез или некој спореден. Им наредив на војниците да го отворат катанецот. Немаше никаде никој. Кога минавме околу двесте метри здогледавме како во пресрет ни трчаат околу 300 заробеници во затворски одела на риги. Бевме внимателни зашто нè предупредија дека и Германците облекувале заробенички одела. Сепак тоа беа заробеници од логорот. Луѓето плачеа и не прегрнуваа. Ни раскажуваа дека тука биле убиени милиони луѓе. Cè уште се сеќавам дека ни рекоа оти од Аушвиц се изнесени дури 12 вагони полни со детски колички.

Деца во Аушвиц.

Поручникот Иван Мартинушкин во 1945 година имал 21 година. Тој се сеќава дека до последниот момент не сфатил дека се ослободува концентрационен логор:

„Дојдов до жицата со својата единица, но беше темно и не појдовме понатаму. Само ги зазедовме стражарските бараки. Се сеќавам дека во нив беше многу топло, како да ги грееја специјално.

Утрото тргнавме понатаму, а Германците отворија оган од некои куќарки. Баравме од командата артилеријата да ги гаѓа тие куќи, а тие ни рекoа дека тоа е невозможно зашто тоа е логор со луѓе. Дури тогаш сфативме какви жици се тоа и каде се наоѓаме“.

По војниците во логорот влегоа дописниците на дивизискиот весник на 38 армија Ушер Маргулис и Генадиј Савин кои запишаа:

„Влеговме во зграда од тули и погледнавме во собите кои беа отклучени. Првата соба беше полна со детска облека: во купот имаше фустанчиња, блузички, панталонки и јакнички. На многу од нив се гледаа траги од крв. Во друга беа пронајдени сандаци полни со златни забни протези и коронки. Во трета најдовме сандаци со отсечена женска коса. На крајот затвореничката која нè носеше низ зградата нè доведе до соба полна со женски чанти, абажури, папки, паричници и други предмети од кожа. Ни рече: 'Сиве овие предмети се направени од човечка кожа'.

Вреќи полни со коски од убиени затвореници.

Откако е ослободен логорот Аушвиц, Григориј Елисаветински е именуван за нов командант на истоимениот град Ошвјенќим кој се наоѓал недалеку. Во писмо до својата сопруга од 4 февруари 1945 година тој пишува:

„Во логорот постојат детски бараки. Во нив носеле еврејски деца, близнаци со различна возраст. Германците на нив, како на глувци, вршеле експерименти. Видов момче од околу 14 години врз кое се правени 'научни испитувања' и му вбризгувале керозин во вените. Потоа му ампутирале дел од телото и го испратиле во Берлин, во лабораторија. На момчето му пресадиле дел од тело од друго лице. Сега е во болница, целото во загноени рани и мислам дека не може да му се помогне. Во логорот има и една млада, мошне убава девојка која по експеримент останала со џуџест раст. Ме чуди како сите тие луѓе сосема не полуделе“.

Првиот момент по послободувањето на Аушвиц.

Во меѓувреме поранешните затвореници од логорот биле во состојба да одат и самите го напуштиле Аушвиц. Заробеникот под број 74233 се сеќава на тој ден:

„На петти февруари тргнавме кон Краков. Од едната страна на патот имаше огромни фабрики кои ги беа подигнале заробениците и кои умреа од напорна работа. Од другата страна имаше уште еден голем сектор на логорот. Влеговме во него и најдовме болни луѓе кои како ние преживеаја само зашто не тргнаа со Германците на 18 јануари.

Го продолживме патот. Одевме долго покрај жиците под електричен напон кои добро ги знаевме. Тоа беше симбол на ропство и смрт. Ни се чинеше дека никогаш нема да излеземе од логорот. Но, конечно го напуштивме и стасавме до најблиското село.

Следниот ден дојде камион и нè одвезе во Краков. Бевме слободни, но не знаевме како да се радуваме. Толку работи имавме преживеано и толку блиски луѓе имавме изгубено“.

Советски лекари и претставници на Црвениот крст покрај заробениците веднаш по ослободувањето на Аушвиц.

Во подготовката на статијата користени се документ на рускиот Фонд на Холокаустот., мемоарите на В. Петренко „Пред и по Аушвиц“, „Го преживеав Аушвиц“ на К. Живуљска, „Црна книга“ на В. Гросман и И. Еренбург.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња