Кога на почетокот од 1943 година Германците испратија на Источниот фронт голем број нови тешки тенкови Тигар“, Советите сфатија дека имаат голем проблем. Тенковите Т-34 со средна големина и тешките КВ-1С не можеа ефикасно да му се спротивстават на „Тигарот“ доколку не му се доближат. На Црвената армија ѝ беше крајно неопходен нов тенк кој може на безбедно растојание да се спротивстави на овие нацистички чудовишта.
Итно бил конструиран ИС-1 (ИС се иницијали на Јосиф Сталин) и во август 1943 година е испратен на фронт. Имаше топ со калибар од 85 милиметри и можеше да се бори против „Тигар“ на средна оддалеченост. Сепак, тоа беше привремено решение. Требаше да се направи нешто помоќно.
Најдобро оклопениот и најопасен советски тенк во Втората светска војна беше ИС-2. Црвената армија го доби на 31 октомври 1943 година. Неговиот топ со калибар од 122 милиметри можеше да направи од непријателите „трошки“ на оддалеченост од 1.5-2 километри. На „Тигрите“ ефикасно им го пробиваше оклопот на оддалеченост од 1 километар.
ИС-2 беше единствен тенк на антихитлеровската коалиција кој можеше да даде каков-таков отпор на огнот од германското зенитно оружје Flak 18/36/37/41 со калибар од 88 милиметри, едно од најдобрите противвоздушни и противтенковски оружја од Втората светска војна. Нити еден друг советски, британски и американски тенк не ѝ даваше на својата посада толкава заштита како ова оружје.
ИС-2 им зададе на Германците големи главоболки. За да се оштети овој моќен советски тенк „Тигарот“ мораше да пријде најмалку 800 метри што во голема мера му ги намалуваше шансите за победа во дуелот. Поради тоа командата на Вермахтот им нареди на своите тенковски екипажи да избегнуваат судири со тенкот ИС-2.
„Тенкот на Јосиф Сталин со кој се соочивме во 1944 година беше во најмала рака рамен на Тигарот. Тој беше многу подобар во поглед на обликот (како и Т-34-)“, пишува германскиот тенковски ас Ото Кариус во своите мемоари „Тигрите во кал“.
Сталин лично беше мошне задоволен со сопствениот „брендиран“ тенк. Се зборува дека тој откако го прегледал тенкот рекол: „Со овој тенк ќе ја завршиме војната“.
Тенкот ИС-2 не е проектиран само како „ловец на Тигри“. Црвената армија во 1944 година ги напушти широките рамнини на Советскиот Сојуз и влезе во многубројни европски градови каде овие пробивни тенкови се покажаа во најдобро светло.
ИС-2 мошне брзо се движеше низ тесните улици, уривајќи ги на својот пат непријателските утврдени положби, барикадите и бункерите. Кога советските офанзивни групи стигаа до централниот плоштад излегуваа од тенковите со митралези, снајперски пушки и минофрлачи, и заземаа одбранбени положби. Во еден таков напад токму ИС-2 прв има отворено оган на зградата на Рајхстагот во Берлин.
До крајот на војната направени се вкупно 3.395 тенкови ИС-2. Тие и по 1945 година се користени во руската армија. Модернизираните верзии беа во советскиот (а, потоа и во рускиот) арсенал сè до 1995 година. Покрај тоа, ги користеа и армиите на Чехословачка, Полска, Кина, Виетнам и Северна Кореја. Дури и на почетокот од 21 век овие тенкови можеа да се видат како статички огнени положби во единиците на крајбрежната одбрана на Куба.
Прочитајте исто така: „Советскиот ѕвер“ КВ-1: Кога цела германска дивизија не знае што да прави поради еден тенк