Литијата во рамките на фестивалот на православна култура „Царски дни”, посветена на споменот на последниот руски цар Николај II и неговото семејство, ноќта меѓу 16 и 17 јули во Екатеринбург собра 60 илјади поклоници. Ова на новинарите им го соопшти игуменот Леонтиј (Козлов) од машкиот манастир на Светите царски маченици кај Ганина Јама.
„Во литијата годинава учествуваа околу 60 илјади поклоници. Верници од целата земја сакаат да поминат по тој пат и да престојуваат на Ганина Јама (манастир кај Екатеринбург), затоа што, според официјалната верзија, токму на тоа место се уништени телата на царското семејство“, изјави игуменот Леонтиј, додавајќи дека на литургијата покрај Храмот на Крвта, која ѝ претходеше на литијата, се причестиле околу 10 илјади луѓе.
Донат Сорокин / TASS
Поклониците го поминаа патот од Храмот на Крвта, кој е подигнат на местото на стрелањето на царското семејство во Екатеринбург, до Ганина Јама. Поворката го помина патот по кој водот за стрелање ги пренел телата на царското семејство. Литија помина низ центарот на Екатеринбург, неговото предградие и по патот до Ганина Јама. За време на литијата сообраќајот беше запрен.
Литија на велосипед
Меѓу учесниците во поворката беа многу поклоници кои во Екатеринбург на „Царските дни“ пристигнаа од различни региони на земјата. „Дојдов од Пјагигорск во Екатеринбург специјално заради литијата. Пристигнав со автобус, а тоа траеше многу долго и ми одзеде многу сила. Но, не жалам што поминав толкав пат, иако ми беше многу напорно, бидејќи сиот мој живот сонував да ја посетам Ганина Јама“, изјави за агенцијата ТАСС 69-годишната поклоничка Валентина Иванова.
Донат Сорокин / TASS
Повеќето поклоници поминаа преку 20 километри од литијата пеш за речиси четири часа. На оние кои им беше тешко да поминат толкав пат пеш, имаа на располагање бесплатен автобус. Но, меѓу учесниците имаше и верници кои одлучија да го поминат патот на велосипед. Меѓу нив беше и младиот брачен пар Бавченко кои со учеството во литијата го завршија својот меден месец.
„Во литијата учествуваме веќе третпат, но денес се решивме да го поминеме овој пат со велосипеди. Тешко е да се каже кој начин е полесен. Се венчавме буквално пред еден месец и веројатно литијата ќе биде наша семејна традиција”, изјавија Виктор и Јулијана Бавчено, додавајќи дека од Храмот на Крвта до Ганина Јама им биле потребни околу два часа.
Донат Сорокин / TASS
За фестивалот
Ноќта меѓу 16 и 17 јули 1918 година во подрумот на куќата на инженерот Ипатјев во Екатеринбург е стрелано семејството Романови. Во знак на сеќавање во јули традиционално се одржува културно-верскиот празник „Царски дни“, кој на Урал собира десетици илјади православни верници од сите краишта на Русија и од странство. Во 2000 година членовите на царското семејство беа прогласени за светци.