Кои членови од династијата Романови го преживеале Црвениот терор?

Кнезот Михаил Александрович.

Кнезот Михаил Александрович.

Getty Images
Болшевиците во 1918 година ги стрелале царот Николај Втори и неговото семејство. Погубени биле и други членови на царската династија. Сепак, неколку десетина претставници од царскиот род успеале да избегаат, така што потомците на некогашниот императорски род и денес живеат во странство.

Формално гледано, царот Николај Втори не бил последниот руски император. Тој бил принуден да се откаже од престолот во свое име и во име на принцот Алексеј, така што на 15 март 1917 година законски владетел станал неговиот брат, великиот кнез Михаил.

Михаил „царувал“ само еден ден. Тој веќе на 17 март објавил манифест во кој пишува: „Донесов цврста одлука да ја преземам врховната власт само доколку... нашиот велик народ ми ја довери таквата власт“.

Кнезот Михаил Александрович на коњу (1878-1918)

Фактички тоа значело одрекување од царската власт. Михаил Александрович се повлекол под притисок на привремената влада кога сфатил дека општеството не ја поддржува монархијата.

Одрекувањето од престолот не го спасило царот Николај Втори од ужасна смрт, а не му помогнало ниту на неговиот брат. Имено, болшевиците на 13 јуни 1918 година тајно го стрелале Михаил во близина на градот Перм (1.400 километри од Москва) кога се обидел да избега. Овој обид послужил како повод за погубување на уште неколку роднини на последниот руски цар.

Царска жртва

Дури и монархистите во 1917 година го напуштиле царот Николај Втори со надеж дека новиот император Михаил ќе ја спаси империјата.

„Нашата армија одрекувањето на императорот (Николај) го поднесе релативно мирно, но затоа сите беа потресени кога се одрече Михаил и кога воопшто беше отфрлена монархијата... Почна да се урива сиот руски државен поредок“, пишува во својот дневник дворјанинот и ројалист кнезот Сергеј Трубецкој.

Болшевичката партија ја узурпирала власта во ноември 1917 година и одлучила да го премести Михаил на Урал. Во тек била Првата светска војна и Германците му се приближувале на Петроград (денешен Санкт Петербург). Но, кога започнала граѓанската војна и кога антиболшевичките сили продирале кон Урал, повеќе ни таму не било безбедно, па „црвените“ решиле да го ликвидираат Михаил.

„Посмртните останки на Михаил Александрович и на неговиот секретар сè уште не се пронајдени и тоа најмногу ме погодува“, рече во 2018 година за весникот „Комсомољскаја правда“ еден од потомците на царското семејство Романови. „Сè дури и последниот член на царското семејство не биде пронајден и погребан според христијанскиот обичај ова крваво поглавје од историјата на Русија нема да биде затворено“.

Смрт на Урал и во Петроград

Елизавета Фјодоровна, жената на Сергеј Александрович Романов,

Покрај царот Николај Втори и Михаил Александрович летото 1918 година на Урал се убиени уште неколку заробени претставници на семејството Романови. На пример великата кнегиња Елисавета Фјодоровна, вдовицата на братот на Николај Втори која 12 години живеела како монахиња и основала манастир во Москва, фрлена е на 18 јули 1918 година во јама во близина на Алапаевск (1.900 километри источно од Москва). Војниците по неа во јамата фрлале гранати за да бидат сигурни за нејзината смрт, како и за смртта на петмина други членови на семејството Романови и двајца нивни слуги.

„Според документите, локалната Болшевичка партија одлучила да ја ликвидира великата кнегиња без консултација со централните власти“, вели историчарката Наталија Зикова која го проучува Урал. „Таква (хаотична) била ситуацијата во тоа време“.

По убиството на Романови болшевиците во Алапаевск инсценирале нивно бегство, а официјално соопштиле дека Белата армија ги „киднапирала со помош на авион“.

Додека некои членови на семејството Романови биле убиени длабоко во внатрешноста на Русија, други биле погубени во Петроград според официјална наредба на централната болшевичка влада. Во јануари 1919 година стрелани се четири велики кнеза, меѓу кои и стрикото на царот Николај Втори. Сите се погребани во заедничка гробница.

Јулиј Мартов, социјалист кој не ги поддржувал болшевиците, се разгневил кога дознал за убиството, и поради тоа напишал статија со наслов „Срам!“, во која пишува: „Каков срам! Каков непотребен и брутален срам доживеа нашата револуција“. Тоа биле сурови времиња.

Случајно спасување

Портрет на кнезот Гаврил, член на императорската фамилија Романов

Погубување во Петербург ги чекало и Гавриил Константинович Романов, внук на царот Николај Втори кој боледувал од туберкулоза. Животот му го спасила сопругата Антонина Нестеровскаја која се запознала со Максим Горки, познатиот револуционерен писател и личен пријател на Ленин.

Горки му напишал на Ленин: „Почитуван Владимир Иљич! Направете ми мала, но благородна услуга: пуштете го поранешниот велики кнез Гавриил од затвор. Прво, тој е добар човек, а второ сега е болен. Зошто правиме маченици од тие луѓе?“ Ленин го пуштил Гаврило, а тој потоа живеел во Европа. Починал дури во 1955 година.

Гавриил не е единствениот преживеан Романов. Од 65 членови на царската династија 17 го изгубиле животот во 1917 и во 1918 година. Сите останати успеале да пребегаат во Европа и да се преселат таму. Тоа не значи дека лесно успеале да избегаат. Многумина ја напуштиле Русија заедно со последните единици на Белата армија кои биле евакуирани од Крим во 1920 година, додека останатите се соочувале со уште поголеми и поопасни тешкотии.

Великиот кнез Александар Михаилович е еден од оние кои успешно ја напуштиле Русија. Тој во своите мемоари напишал: „Моите двајца братучеди го должат животот на необична околност. Болшевичкиот офицер кој наредил да се стрелаат порано бил сликар, а еден од нив двајца имал купено негова слика, поради тоа тој не можел да ги убие... Наместо тоа им помогнал да пребегнат во Белата армија“.

Еден друг Романов, според Александар, морал пеш да избега во Финска, носејќи ја својата бремена жена преку замрзнатиот Фински залив,

Сега во светот има триесетина потомци на династијата Романов. Постојат многу спомени кои тие луѓе можат да ги евоцираат, но мошне е мала веројатноста дека некој од нив повторно ќе дојде на власт.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија
Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња