Како британскиот крал Џорџ Петти го предаде последниот руски цар?

Кралот на Велика Британија Џорџ Петти и рускиот цар Николај Втори се братучеди и личеле еден на друг.

Кралот на Велика Британија Џорџ Петти и рускиот цар Николај Втори се братучеди и личеле еден на друг.

Getty Images
Последниот руски цар Николај Втори, кого болшевиците го стрелале заедно со семејството, можел да избегне еден таков мрачен крај и да ја напушти Русија по одрекувањето од престолот во март 1917 година. Неговиот братучед, англискиот крал Џорџ Петти, му понудил прибежиште, но потоа неочекувано ја повлекол својата понуда и подоцна се обидел да го скрие тој факт.

„Убиството (на руското царско семејство) ја потресе вербата на татко ми во вродената пристојност на човечкиот род... Татко ми лично планираше да го спаси (царот Николај Втори) со помош на британски крстосувач, но тој план во извесна смисла беше блокиран“. Ова го пишува војводата од Виндзор за својот татко Џорџ Петти во книгата „Приказна за кралот“. Сепак, основано е мислењето дека Џорџ Петти лично го блокирал тој план.

„Англија не е гостопримлива додека трае војната“

Ситуацијата во која по одрекувањето од престолот се нашол царот со своето семејство по Февруарската револуција од 1917 година била специфична. Социјалистите кои дошле на власт стравувале дека околу царот може да се распламти контрареволуција, додека либерално расположените парламентарци не биле заинтересирани за радикално заострување на ситуацијата и ги анулирале репресиите против Николај Втори.

Царское Село, Руска империја, царот Николај Втори (лево) во домашен притвор.

Поранешниот цар јасно ја согледувал опасноста во која би се нашло неговото семејство во случај на заострување на тензиите во општеството. Поради тоа ја „замолил Привремената влада да остане во својата резиденција во близина на Петроград (Царское Село) сè дури неговите деца не ги прележат малите сипаници, а потоа да одат во пристаништето Романов (денешен Мурманск) и оттаму да отпловат во Англија“.

Владата ги држела Николај и неговата сопруга во домашен притвор во Царское Село, и, како што тврдел тогашниот министер за надворешни работи на Русија Павел Миљуков, ја поддржуваше идејата царот да биде испратен во Велика Британија. Миљуков му се обратил на амбасадорот на Велика Британија во Русија сер Џорџ Бјукенен, кој подоцна ја пренел подготвеноста на Лондон да ги прифати Романови дека „за таа намена ќе биде испратен крстосувач“. Подоцна, кога крстосувачот не се појавил и кога царот не отпатувал, Миљуков го прашал амбасадорот зошто работата се одолговлекува, тој му одговорил дека „владата повеќе не инсистира на доаѓање на царското семејство во Англија“.

Ова го потврдил и министерот за правда во привремената влада и нејзин иден лидер Александар Керенски. „Владата на Англија не смета дека е можно да му укаже гостопримство на поранешниот цар сè дури трае војната“.

Обвинетата руска страна

Во мемоарите од 1923 година објавени под наслов „Мојата мисија во Русија“, амбасадорот изнел сосема спротивна верзија. „Нашата понуда остана отворена и никогаш не беше повлечена“, напишал Бјукенен. Тој ја обвинил руската страна, тврдејќи дека привремената влада, соочена со опозицијата на социјалистите „не смеела да преземе одговорност за заминувањето на императорот и се откажала од своите првобитни намери“.

Сер Џорџ Вилијам Бјукенен, 1915 година.

Кога Керенски во своите мемоари од 1927 година го изјавил спротивното, Министерството за надворешни работи на Велика Британија го повторило тврдењето на Бјукенен и го обвинило поранешниот министер за лага.

Вистината излегла на виделина пет години подоцна кога ќерката на Бјукенен Меријел ја објавила својата книга „Распадот на империјата“. Таа напишала дека нејзиниот татко во своите мемоари сакал да го внесе и фактот дека понудата за прибежиште била анулирана, но бил принуден да не го прави тоа. „Во Министерството за надворешни работи, каде отишол да провери некои документи, му било кажано дека ако го направи она што го намерил, ќе биде обвинет за кршење на Законот на државна тајна и дека ќе му биде запрена пензијата. Неговата приказна за ветувањето на британската влада дека на рускиот император ќе му даде прибежиште во Англија е намерен обид за потиснување на вистинските факти“, пишува таа.

„Вистинските факти“, според сè биле следниве: „Тој (Џорџ Петти) мора да ве преколнува да му пренесете на премиерот дека од сè што се зборува и што се пишува во печатот произлегува дека трајниот престој на поранешниот император и на императорката во оваа земја многу ќе ја вознемири јавноста и дека несомнено ќе ја загрози положбата на кралот и на кралицата од кои, како што се претпоставува, и произлегла оваа покана“, ова во текот на април 1917 година го напишал министерот на надворешни работи на Велика Британија лорд Стамфордхам, личен секретар на Џорџ Петти.

„Одговорноста ја носат и едните и другите“

Кралот на Велика Британија Џорџ Петти (1865-1935)

„Џорџ Петти бил загрижен поради ескалациите на немирите меѓу работниците и поради јакнењето на социјализмот во Велика Британија. Кралот стравувал дека присуството на 'крвавиот Николај' во Британија ќе ја загрози и неговата сопствена положба, и дека подоцна ќе предизвика уривање на монархијата“, пишува британскиот историчар Пол Гилберт, повикувајќи се на прекарот што царот Николај Втори го добил кога во 1905 година наредил да се пука на мирните демонстранти во Санкт Петербург.

Според тврдењето на Гилберт, „кралот Џорџ Петти бил кукавица и не сакал да губи нерви и да се грижи за политичките последици од давање прибежиште на поранешниот цар и на неговото семејство... но рускиот цар го издале пред сè неговите најблиски роднини, другите влади и руските монархисти. Според тоа, одговорноста треба да ја преземат сите монархии на Европа и сојузниците на Русија во Првата светска војна“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња