Сталинградскиот пекол во мемоарите на неговите сведоци

Историја
АЛЕКСЕЈ ТИМОФЕЈЧЕВ
Минаа 75 година од почетокот на советската контраофанзива кај Сталинград. На почетокот на битката за градот советските единици беа соочени со неминовни порази зашто не може да се спротивстават на германската офанзива. Но, Црвената армија сепак успеа да ја преврти ситуацијата и да однесе победа која го промени текот на војната. Russia Beyond-Македонија зборува за овие тешки денови низ сеќавањата на луѓето што ги преживеале.

Германците го нападнаа Сталинград кон средината на јули 1942 година. Доколку градот што го носеше името на советскиот водач паднеше во рацете на Хитлер, на Германците ќе им беше достапна толку потребната кавкаска и касписка нафта, што ќе имаше катастрофални стратешки последици за СССР. Борбата за градот започна на 23 август по разорното бомбардирање и траеше два месеци, до контраофанзивата на Црвената армија. 

Бомбардирањето на Сталинград

„Масовно бомбардирање од воздух. По неколку часа градот е уништен. Насекаде имаше чад, немаше воздух, гореше оган... Сè гореше, дури и тулите. Пукавме на непријателските авиони дури и од обични пушки. Ова е пекол, пекол на земјата!“, пишува во својот дневник Марина Красних, припадничка на противвоздушниот артилериски полк. 

Ова беше најголемото бомбардирање на германското воздухопловство во Втората светска војна. Извршени се над 2.000 летови.

„Зградите се во пламен. Се уриваат зданија, дворци на културата, училишта, институти, театри и разни кабинети. Градот се претвора во пекол. Бомбите и понатаму паѓаат од небото кое е темно од чад. Градот е претворен во пекол. Целиот централен дел од градот е во неверојатно голем пожар. Поради високите температури почна да дува необично силен ветар кој уште повеќе го форсираше пламенот. Сега, очигледно, гори сè. И небото и сиот простор од едниот до другиот крај на хоризонтот“, опишува Алексеј Чујна, раководител на Сталинградската партиска организација и сведок на бомбардирањето. 

Се смета дека температурата во градот достигнала 1.000 степени Целзиусови. Во тој момент тоа беше најмасовното бомбардирање на германското воздухопловство во Втората светска војна. Во него се изведени над 2.000 борбени летови. Сталинград е срамнет со земја. Никој не знае колку жители загинале. Процените се движат од 40.000 до 90.000. Историчарите велат дека Германците имале намера во целост да ја оневозможат одбраната на градот со уништување на неговиот индустриски потенцијал и со застрашување на неговите бранители. 

Нешто слично направија сојузниците во Хамбург, Дрезден и Токио. Но, за разлика од овие градови, Сталинград и понатаму даваше отпор.

Куќата на Павлов 

„На трети октомври непријателот почна да ја напаѓа нашата зграда. Се обидуваше да ја заземе по секоја цена зашто тоа место беше клучно за приод до Волга. Секој ден ја браневме зградата од неколку свирепи напади. За два месеци, колку што траеше одбраната на зградата, во неа учествуваа 24 лица, но никогаш во исто момент немаше повеќе од 15. Ликвидиравме многу хитлеровци“, пишува Иван Афанасјев, еден од бранителите на зградата. 

Генерал Василиј Чујков, еден од командантите во борбите за Сталинград, подоцна во своите мемоари пишува дека Германците изгубиле повеќе луѓе, обидувајќи се да ја заземат Куќата на Павлов, одошто во заземањето на Париз. 

„Нас, шака борци, нè засипуваа со бомби од германските авиони, нè напаѓаа непријателски тенкови и безмилосно нè гаѓаа германските артилериски оружја и минофрлачи. Немавме муниција, вода и храна. Поради експлозијата на проектилите немаше ни воздух“, рече подоцна водникот Јаков Павлов.  

Велат дека на картата која му припаѓала на фелдмаршалот Паулус, командант на германските сили на Сталининградскиот фронт, Куќата на Павлов била означена како тврдина. Пред војната тоа била обична петкатна станбена зграда, а по војната станала симбол на борците на Црвената армија во Сталинград. 

„Сталинград е пекол“ 

„Немам јадено од вчера. Имам пиено само кафе. Сосема сум очаен. Боже, колку ќе трае ова? Ранетите војници се со нас, немаме како да ги одведеме. Опколени сме. Сталинград е пекол. Вариме месо од мртви коњи. Нема сол. Многумина се заразени со дизентерија. Каков ужасен живот! Што лошо сум направил во животот за да бидам вака казнет? Тука, во овој подрум одвај се сместија 30 луѓе. Се стемнува во 2 часот. Ноќта е долга. Ќе се раздени ли некогаш?“, пишува во својот дневник на 10 декември непознат германски десетар. Најверојатно авторот на дневникот не преживеал. Неговите белешки советските војници  ги нашле на крајот на декември или на почетокот на јануари. 

Германските единици не ја очекувале советската контраофанзива која започнала на 19 ноември, така што Црвената армија успеала да ја опколи Шестата германска армија и единиците на нејзините сојузници. Заробени се над 90.000 германски војници. Германија и нејзините сателити имаат изгубено околу милион војници. Сталининградската битка беше преломен момент во војната против нацистичка Германија.