Туристички дестинации како сеќавање на војната

Извор: Lori/Vostock-Photo

Извор: Lori/Vostock-Photo

Во 1945 година, изморен од војната, СССР практично беше руина. Москва беше во голема мера уништена од непријателската авијација, Ленинград (денешен Санкт Петербург), кој настрада од глад, речиси остана без луѓе, две третини од Сталинград (денешен Волгоград) беше разурнат. Сега, по седумдесет години, на местата на страшните битки постојат меморијални комплекси кои ги посетуваат туристи од целиот свет.

Во современа Русија тешко е да се најде град, кој на еден или друг начин не беше допрен од Втората светска војна: тие или беа бојно поле, или место за евакуација на населението и на претпријатијата. Девет градови, кои врз себе го примија најстрашниот удар за време на војната, сега го носат називот град-херој. Тоа се Москва, Санкт Петербург, Волгоград, Тула, Смоленск, Мурманск, Керч, Новоросијск и Севастопољ. „Руска реч“ замина во обиколка на највпечатливите места на воената слава во некои од овие градови. 

Волгоград: скулптура Татковина-Мајка и меморијален комплекс на Мамаевиот курган 

Волгоград (913 километри од Москва), кој во советско време се нарекуваше Сталинград, беше место на најсмртоносните битки во светската историја, каде загина еден и пол милион луѓе. Во јули 1942 година на Мамаевиот курган Црвената армија ја победи армијата на Хитлер на Источниот фронт, со што се случи пресврт во текот на Втората светска војна. Меморијалот и спомениците подигнати на местата на овие настани до денешен ден остануваат главни градски знаменитости. 


Плоштадот „Исправени пред смртта“ во Волгоград. Извор: Lori/Vostock-Photo

Поголем дел од спомениците посветени на Втората светска војна се наоѓаат во три дела од градот, кои се наоѓаат близу еден до друг: во Алејата на хероите, која оди од кејот кон Плоштадот на паднатите борци, околу музејот-панорама „Сталинградска битка“ и на Мамаевиот курган. Патот помеѓу нив е најдобро да се помине на таканаречен метротрам – трамвај што се движи над и под земја. 

Минутата молк, која периодично ја прекинува музиката што свири во музејот на Мамаевиот курган се чини неиздржливо гласна, а чекорите по бетонот премногу силни. За ужасните факти од Сталинградската битка можете да дознаете преку книгите или на Интернет. Но, да ја почувствувате целата трагедија на војната, да ја осознаете неверојатната големина на загубите на советскиот народ, можете само доколку се најдете на Мамаевиот курган и доколку сами ги изодите 200 скали – според бројот на денови од битката – од „Споменот на поколенијата“ преку ѕидината-руина до подножјето на статуата „Татковина-мајка“. 

Гледајќи на посетителите од височината на својот гигантски раст, таа е запишана во книгата на рекорди на Гинис како најголема статуа во светот (85 метри без постаментот) во моментот на своето создавање во 1967 година (за споредба: Статуата на слободата во Њујорк е висока 46 метри, статуата на Исус Спасителот во Рио де Женеиро е 38 метри). 

Санкт Петербург: Плоштад на победата и Музеј на блокадата 


Плоштадот на победата во Санкт Петербург. Извор: Lori/Vostock-Photo 

Додека жителите и бранителите на Сталинград гинеа во битките, жителите на Ленинград мораа да поднесат друг страшен предизвик – блокадата на градот која траеше 872 дена (од 8 септември 1941 до 27 јануари 1944). 97% од умрените не биле ранети и не војувале, туку умреле од глад и од болест. Како што забележува Мајкл Волцер во својата книга „Правдите и неправдите на војната“, „во опсадата на Ленинград загинаа повеќе мирни жители одошто во пеколот на Хамбург, Дрезден, Токио, Хирошима и Нагасаки заедно“. 

Монументот на хероите-бранители на Ленинград се наоѓа на Плоштадот на победата во Санкт Петербург и тој претставува негов композициски центар. Ова е најпознатата градба посветена на подвигот на граѓаните во трагичните денови  на блокадата. Под него се наоѓа и подземната Спомен-сала (музеј), украсена со два огромни мозаика „Блокада“ и „Победа“. Во салата се слушаат радиосигнали од Москва кои се измешани со звукот на метроном. На два екрана се прикажани силуети од градот под блокада: 10-минутниот документарен филм „Сеќавање на блокадата“ проследен со фрагменти од Седмата симфонија на Дмитриј Шостакович, овозможува посилно да се почувствува трагедијата на Ленинград и големината на подвигот на неговите бранители. 


Меморијалниот музеј на одбраната и на блокадата на Ленинград во Санкт Петербург. Извор: ТАСС / Јуриј Белински

Многу полична перцепција на настаните од тие години со очите на обичниот ленинградец можат да се добијат во Меморијалниот музеј на одбраната и на блокадата на Ленинград. Таму можете да видите реконструкција на една од собите во ленинградски стан за време на блокадата, да слушнете сигнал за воена тревога, да видите фотографии, примероци од оружје, лични предмети на ленинградците и на бранителите на градот, а исто така и јадењето што заради блокадата жителите морале да го прават со она што им се нашло при рака. На пример, парче леб со тежина од 125 грама, кој  бил направен од брашно од остатоци од ‘рж и од хидроцелулоза. 

Курск: меморијален комплекс „Курска арка“ (Триумфална арка) 

Сталинградската битка  направила пресврт во текот на Втората светска војна, но нејзиниот успех не би бил зацврстен без битката кај Курск (457 километри од Москва) во јули1943 година, чие геополитичко значење го надмина советско-германскиот фронт, ставајќи крај на режимот на Бенито Мусолини и принудувајќи ја Италија да излезе од војната во која беше на страната на Германија. Битката кај Курската арка влезе во историјата како најголема тенковска битка во која учествуваа околу два милиони луѓе, шест илјади тенкови и четири илјади авиони. 


Меморијалниот комплекс „Курска арка“. Извор: Lori/Vostock-Photo. 

Монументалниот парк во чест на Курската битка на северниот дел од градот се разделен во вид на алеи кои се долги околу еден километар, а каде се наоѓа Триумфалната арка, споменикот на еден од главните советски воени началници од времето на Втората светска војна, генералот на Црвената армија Георгиј Жуков, храмот на христијанскиот светец Георги Победоносецот и Могилата на непознатиот војник на Курската земја со вечен оган. Тука се наоѓа и спомен-ѕвездата во вид на дорска колона со картуш, на која е напишан текст од Указот на претседателот на РФ за доделување звање град-херој на Курск. Во комплексот влегува и изложба на воената техника, топови, хаубици, тенк Т-34, САУ Зверобој, и секако познатите воени артилериски возила „Катјуша“. 

Новоросијск: меморијален комплекс „Мала земја“ 

Драматичните настани од Втората светска војна не беа сконцентрирани само на европскиот дел од земјата – сеќавања за нив се останати и на југот од Русија. Најпозната епизода од овој дел на фронтот е десантната операција на Црвената армија во февруари 1943 година, како резултат на која е создаден мостобран под називот Мала земја, кој се протегал јужно од Новоросијск (1.466 километри од Москва). Херојската одбрана на овој дел од земјата траела 225 дена и завршила утрото на 16 септември со ослободување на Новоросијск од фашистите. Како резултат на оваа одбрана пораснал бројот на контраофанзиви во овој правец, што одиграло клучна улога во целата битка за рускиот Кавказ. 


Меморијалниот комплекс „Мала земја“ во Новоросијск. Извор: Lori/Legion-Media 

Ансамблот на Новоросијскиот државен историски музеј „Мала земја“ се наоѓа на кејот Адмирал Серебрјаков на брегот на Црно море. Главниот спомени на Мала земја е огромна композиција во вид на клун на воен брод кој со сета сила избива на брегот. Оттука се отвора поглед на истиот оној Цемески залив, за кој се воделе жестоки битки. Околу овој споменик до денешен ден можат да се најдат остатоци од битката во 1943 година – ровови обраснати со треба, ископи, канали, точки за набљудување и за команда. Во монументот функционира и музеј-галерија на воената слава, а недалеку од меморијалот постои изложба на воената техника и на оружјето од времето на Втората светска војна. 

Севастопољ: меморијален комплекс „Сапун-гора“ 

Претставете си: попладне на 7 мај 1944 година. Сапун-гора полна со грмушки, која се протега 7 километри долж тиркизниот залив на градот Балаклава, го крие Севастопољ од југ. Заземањето на планината трае повеќе од седум часа. Врвот е близу, но најтешки се последните чекори кон него. Се води борба за секоја стапка, за секој дел од карпата. Пешадијата, тенкистите и артилеријата ги заземаат непријателските утврдувања. Во воздухот започнува битка на ловци. Во тој момент во морето советските бродови, поддржани од морската авијација ги уништуваат непријателските бродови. 


Учесници историската реконструкција на нападот на Сапун-гора. Извор: ТАСС / Станислав Красиљников

Имено во ваква слика од битката се најдуваат посетителите, влегувајќи на извидницата на најголемата диорама во светот – „Заземањето на Сапун-гора на 7 мај 1944 година“ во Севастопољ (1.273 километри од Москва). Впечатокот се засилува со 8-метарската платформа која се наоѓа од извидницата до платното: тука е направен релјеф на локалитетот, со дупки од ракети и од бомби, непријателски бункер во природна големина, ровови, на кои има вистинско трофејно оружје, шрапнели, куршуми. 

На Сапун-гора не се оди само поради диорамата, туку и поради одличната панорама на околината. Недалеку од зградата на диорамата се наоѓа параклисот на свети Георги, кој е во форма на куршум, а пред зградата се поставени примероци на воена техника и вооружување од периодот на Втората светска војна.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња