Каков ќе биде „Турски тек“?

Ројтерс
Рускиот гасен гигант „Гаспром“ постигна договор со турската страна за испорака на гас по дното на Црно Море. Рускиот гас, кој сега се транспортира преку Украина, Молдавија, Романија и балканските земји, може да биде пренасочен кон новиот гасовод.

Турската компанија „Ботас“ се согласи во замена за попустот на цената на гасот да го изгради гасоводот „Турски тек“ заедно со руската компанија „Гаспром“. Гасоводот ќе биде спроведен од Русија во Турција по дното на Црно Море. Ваков договор на 10 октомври потпишаа министрите за енергетика на Русија и на Турција, Александар Новак и Берат Албајрак, соопштува бизнис-весникот „Комерсант“. Според овој документ, капацитетот на гасоводот е двојно помал од оној што беше првобитно планиран. Ќе бидат изградени две линии со вкупен капацитет од 32 милијарди кубни метри гас. Со спогодбата не е дефиниран попустот за турските потрошувачи.

Руските власти првобитно планираа по дното на Црно Море да го спроведат гасоводот „Јужен тек“ од Русија во Бугарија, но на ова се спротивстави Европската комијата. Беше донесен Третиот енергетски пакет, според кој една иста страна не може да извезува гас и истовремено да биде сопственик на гасна инфраструктура во Европската Унија. Поради тоа во декември 2014 година рускиот претседател Владимир Путин изјави дека гасоводот ќе се сврти кон Турција, и дека наместо „Јужен тек“ ќе биде изграден „Турски тек“. Но, турската авијација кон крајот на 2015 година собори руски воен авион, по што проектот беше замрзнат.

Компромисно решение

Со новиот договор е пропишано дека една линија од гасоводот ќе го снабдува турскиот пазар, а втората – европскиот, објаснува Јуриј Боровски, доцент на Катедрата за меѓународни односи и надворешна политика на Русија при Московскиот државен универзитет за меѓународни односи. Според него, станува збор за меѓуваријанта, односно за компромисно решение што им одговара на сите. „На Русија овој проект ѝ е исплатлив, зашто тој овозможува извоз на гас во Турција и во Европската Унија“, смета Боровски.

„Гаспром“ планира на првата линија да го пренасочи гасот што стигнува во Турција преку Бугарија по Трансбалканскиот гасовод. Овој гасовод е спроведен преку територијата на Украина во Бугарија, во Романија и во балканските земји. Доколку новиот проект се реализира во целина, тој фактички ќе биде замена за украинскиот транзит, вели Иван Капитонов, доцент на Високата школа за корпоративен менаџмент при Руската академија за народно стопанство и државна администрација. Во тој случај украинскиот систем за транспорт на гас ќе остане без 14-15 милијарди кубни метри годишно, односно онолку колку што сега се извезува во Турција. „Засега страните ќе се концентрираат на првата етапа, односно на изградбата на првата линија со капацитет од 16 милијарди кубни метри“, вели Георгиј Вашченко, раководител на управата за операции на рускиот пазар со хартии од вредност во инвестициската компанија „Фридом Финанс“. Според него, вториот дел од проектот е под знак прашање. Неговата реализација треба да биде дефинирана со посебна спогодба.

Перспективи

„Проектот 'турски тек' може да се подели на два сосема различни проекти. Првиот треба да ги задоволи потребите за гас во западниот дел на Турција, во кој гасот стасува низ проблематичниот гасовод преку Украина“, објаснува Сергеј Хестанов, советник за макроекономија на генералниот директор на брокерската компанија „Откритие Брокер“. Според него, другите линии се наменети за извоз на руски природен гас во земјите од Западна Европа. Но, Турција не е заинтересирана за развој на овој дел од проектот. Доколку на крајот биде изградена само една линија, проектот ќе биде исплатлив за Турција, вели Хестанов.

„Со реализацијата на проектот Русија ќе ја зголеми диверзификацијата на своите правци за транзит и ќе ја зацврсти својата енергетска безбедност“, смета Иван Капитонов. Меѓутоа, тој додава дека прашањето за исплатливоста на проектот и понатаму останува отворено. Многу поперспективен проект е проширувањето на гасоводот „Северен тек“, кој по дното на Балтичко Море е спроведен до Германија, вели Капитонов. Проширувањето подразбира изградба на капацитет од 55 милијарди кубни метри годишно, но Европската комисија сѐ уште го нема поддржано овој проект.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња