3 прашања: Што се договорија Путин и Ердоган?

Ројтерс
Во рамките на Светскиот енергетски конгрес на 10 октомври во Истанбул беше одржана средба помеѓу претседателот на Русија Владимир Путин и претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган. Ова е трета средба на лидерите по извинувањето на турската страна за соборувањето на рускиот бомбардер Су-24 во ноември минатата година. На средбата страните постигнаа три важни договори.

Ќе се гради Турски тек

Важен резултат на средбата е потпишувањето на меѓувладиниот договор за изградба на гасоводот Турски тек.

Договорот за изградба на гасоводот беше постигнат уште во декември 2014 година. Проектот требаше да биде алтернатива на гасоводот Јужен тек. Но, поради определени причини (прашањето за давање попуст, прашањето за бројот на линии на гасоводот, наглото влошување на билатералните односи откако Турција го собори рускиот авион, шпекулациите за враќањето на проектот Јужен тек и откажувањето од Турски тек) реализацијата на проектот беше одложувана.

На средбата во Истанбул страните сепак успеаја да го завршат започнатото – беше потпишана меѓувладина спогодба. Згора на тоа, Русија и Турција се договорија за давање попуст на гас во рамките на проектот.

По завршувањето на средбата претседателот Путин забележа дека „на овој начин ние се движиме во правец на реализација на плановите на претседателот на Турција за создавање на голем енергетски хаб во земјата“.

Турското овошје ќе се врати на руските тезги

Уште еден важен проблем на билатералната соработка е прашањето за симнувањето на едностраните економски санкции воведени од Москва за Анкара пред една година по инцидентот со авионот. Претседателот Путин изјави дека Москва одлучила да ги пушти на рускиот пазар земјоделските производи од Турција.

Според рускиот лидер ова е решение кое е од полза на двете страни. Тој прецизираше дека станува збор за земјоделски производи – јаткасти плодови и агруми. „Руското земјоделство не одгледува вакви производи, а доаѓањето на турските може да доведе, ние на тоа сметаме, до намалување на цените на овие производи“, појасни тој.

Според претседателот на РФ „за турските партнери ова, секако, е отворање на рускиот пазар“. Путин потсети дека „обемот на продажба на овие турски производи на рускиот пазар минатата година изнесувам 500 милиони американски долари“.

Без меѓусебно попречување за Сирија

Освен прашањата за економската соработка на агендата се најде и прашањето за Сирија. Како за Русија, така и за Турција сирискиот проблем останува примарно прашање во надворешната политика.

Двете земји се физички инволвирани во сирискиот конфликт. Русија спроведува воено-воздушна операција против борците на терористичката организација Исламска држава. Турција ја спроведува операцијата „Штитот на Еуфрат“ на северот од Сирија, каде таа ги заштитува пограничните делови со Сирија од ИДИЛ. Секако, истовремено и од единиците на сириските Курди кои, според тврдењето на Анкара, се поврзани со Работничката парија на Курдистан (сепаратистичка курдска организација со која властите на Турција војуваат од 1984 година. Во Турција, САД, земјите на ЕУ се смета за терористичка организација – заб. ред.). Но, меѓу позициите на Русија и Турција постои суштинска разлика: додека Москва го поддржува режимот на Ал Асад и врши авионски напади врз антивладините групации (кои не се приклучија на процесот за мирно решение и кои од позиција на Москва се сметаат за терористички), Турција ги поддржуваа антивладините сили, а режимот на Асад го нарекува терористички.

„Русија и Турција се договараа за спроведување на операцијата 'Штитот на Еуфрат' за време на посетата на претседателот Ердоган на Санкт Петербург уште во август. Москва не покажа речиси никакви емоции за време на почетокот на турската операција во Сирија“, забележува Јуриј Мавашев, раководител на политичкиот оддел на Центарот за проучување на современа Турција. Според мислењето на експертот, помеѓу Москва и Анкара постои премолчен договор: без меѓусебно попречување. А, за време на посетата на претседателот Путин тој беше потврден и зацврстен. „Турските чиновници и медиумите молчат за руското учество во акцијата за Алепо. Ним им е дадена команда: немаме ние ништо со Алепо со оглед на тоа дека Русија ни го даде северот на Сирија“, забележува Мавашев.

Керим Хас, експерт за евроазиски политики на Меѓународната истражувачка организација независен тинк-тенк во Анкара смета дека „всушност главното прашање за кое претседателот Ердоган и претседателот Путин се договорија во врска со сириската криза е продолжување на позитивната агенда и преговорите преку директни официјални тристрани механизми кои се договорени помеѓу министрите за надворешни работи, официјалните претставници и разузнавачките агенции. Ситуацијата во Алепо, хуманитарната криза во Сирија и разликувањето на спротивставените групи од терористите ќе бидат разгледувани со помош на овој механизам.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња