Гаспром сака да го контролира иранскиот гас

Ројтерс
Со учество во капиталот на иранските компании Гаспром ќе оневозможи гасот од Иран да стане конкуренција на рускиот гас во Европа.

Рускиот енергетски гигант Гаспром поднесе молба до иранските власти за дозвола за учество во проектите за доведување на гасот во течна состојба, соопшти иранската агенција Мехр. Доколку добие удел во гасниот сегмент на Иран, руската компанија ќе може делумно да ги контролира тековите на иранскиот гас. Со тоа ќе оневозможи гасот од Иран да стане конкуренција на рускиот гас на европскиот пазар, соопштува рускиот портал Газета.Ru. 

Во овој момент Иранската национална нафтена компанија го подготвува техничкото и економското образложение за распишување тендер. Во февруари оваа година руските медиуми пишуваа дека Иран започнал поактивно да соработува со Гаспром. Претставници на Иранската национална нафтена компанија претходно соопштија дека веќе се формирани пет заеднички комитети: за инвестиции, за ремонт, за опслужување, за складирање и за преработка на нафта и на гас.

Во моментов Гаспром е најголем извозник на гас на европскиот пазар. Оваа компанија обезбедува повеќе од една четвртина од вкупната европска потрошувачка. Рускиот гигант во 2015 година има извезено во Европа 158.6 милијарди кубни метри гас, се наведува во годишниот извештај на компанијата. Иран засега не успева да излезе на европскиот пазар на гас. Тој извезува во Турција околу 9-10 милијарди кубни метри годишно.

Според податоците што ги наведува ВР, се смета дека Иран ги поседува најголемите резерви на гас во светот. Се проценува дека тие изнесуваат 33 билиони кубни метри или 17-18% од вкупните светски резерви.

Од почетокот на веков Русија и Иран најавуваат амбициозни планови за изградба на сопствени гасоводи во Европа. Беше предвидено иранско-азербејџанскиот гасовод Набуко да испорачува гас во Европа преку Турција, но проектот беше згаснат во 2011 година поради проблемите со земјите што би го извезувале овој гас. Проектот Јужен тек на Гаспром подразбираше спроведување на гасоводот по дното на Црното Море. Изградбата започна во 2012 година, но европските земји во 2014 година донесоа одлука да се откажат од овој проект.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња