Рускиов фонд за директни инвестиции (РФДИ), создаден од страна на владата за вложување во крупни инфраструктурни проекти во земјата, во јуни годинава направи необична инвестиција.
Фондот заедно со меѓународните компании Sherpa Ventures, Formation8 и ZhenFund вложил во проектот Hyperloop One. Новата технологија е создадена со учество на Space X и Tesla на Илон Маск, која ветува дека во иднина ќе превезува патници и товар со брзина од 1.200 километри на час во специјални капсули по цевки со низок притисок.
Фондот порано никогаш нема преземено вакви инвестиции. „Оваа инвестиција е со висок ризик, со оглед на тоа дека проектот сега се наоѓа во фаза на разработка“, вели началникот на одделот за анализа на пазарот „Откритие Брокер“ Константин Бушуев.
На првите тестирања во Невада во мај 2016 година капсулата достигна брзина од само 120 километри на час. Без оглед на тоа овој проект беше поддржан од рускиот претседател Владимир Путин, а министерот за транспорт Михаил Соколов вети дека оваа технологија ќе се воведе за превоз на товар на Далечниот Исток. Според него од Кина во Европа преку територијата на Русија контејнерите ќе можат да се довезат за еден ден.
Обемот на вложувањата е непознат, но најверојатно нема надминато 100 милиони американски долари, вели началникот на управата за операции на рускиот берзански пазар „Фридом Финанс“ Георгиј Вашченко. Според него, за Русија е важно искуството во воведувањето на најновите технологии во странство за да ја оцени можноста за нивно користење тука. „Hyperloop засега изгледа како егзотичен вид транспорт“, вели тој.
Press Photo
Прашањето е во тоа што РФДИ е создаден за инвестиции во руските компании. „Не ми се познати други примери на странски инвестиции од страна на РФДИ“, вели експертот-аналитичар на MFX Broker Антон Краско.
Во РФДИ објаснуваат дека интересот за проектот се состои во уникатноста на самата технологија. „Нашите инвестиции во Hyperloop One ќе отворат пристап за напреднатите технологии на рускиот пазар. Заедно со меѓународните партнери, РФДИ ќе му дава поддршка на проектот не само на територијата на Русија, ами и на пазарите на Блискиот Исток и во Азија“, вели за „Руска реч на македонски“ генералниот директот на Рускиот фонд за директни инвестиции Кирил Дмитриев.
Според него, на почетокот технологијата Hyperloop One може да се користи за транспортирање контејнери, а потоа и за превоз на патници. „Сега заедно со националниот железнички оператор РЖД ги дискутираме првите пилот-проекти и се надеваме дека скоро ќе го започнеме тестирањето на оваа технологија и во Русија“, вели Дмитриев. Не случајно, според него, како инвеститори на проектот се јавуваат General Electric и францускиот железнички оператор SCNF.
Во мај 2016 година руските РЖД создадоа работна група за соработка со Hyperloop, извести бизнис-весникот „Ведомости“. Сепак, според податоците на весникот, иницијативата за создавање на групата дошла од американската компанија која им ја предложила на РЖД својата технологија, а до крајот на годината РЖД треба да го оцени прашањето на безбедноста на вакуумските возови. „Сосема е веројатно дека РФДИ стапиле како инвеститор откако РЖД изјавиле за можност за изградба на Hyperloop на своите објекти“, вели началникот на одделот за анализа на пазарот на „Откритие Брокер“ Константин Бушуев.
Во јуни 2016 година на Санктпетербуршкиот меѓународен економски форум иноваторите се сретнаа со рускиот претседател Владимир Путин. Првиот човек на земјата го поддржа проектот, за што информираше на прес-конференција неговиот портпарол Дмитриј Песков. Потоа московската влада се договори со компанијата да разработи концепт за користење на Hyperloop во руската престолнина.
Press Photo
Во реализацијата на проектот ќе учествува и транспортната групација „Сума“ на Зијавутдиин Магомедов, кој се смета за близок со рускиот вицепремиер Аркадиј Дворкович. Вицепремиерот во повеќе можности се залагаше за воведување на современите технологии во областа на транспортот. Веќе во 2018 година за време на Светскиот шампионат во Фудбал на улиците на Москва ќе сообраќаат беспилотни автобуси, вети тој. А, компанијата Caspian VC Partners која му припаѓа на Магомедов исто така вложи во Hyperloop One
Претставниците на московските власти се воздржани во врска со перспективите на воведување на Hyperloop One, особено за превоз на патници. „Избрзано е да се каже нешто во врска со оваа технологија, иако е интересна, најмногу за превоз на товар“, изјави за агенцијата ТАСС заменик-градоначалникот на Москва Марат Хуснулин. Од друга страна, министерот за транспорт на Русија Михаил Соколов смета дека Hyperloop One е актуелна за превоз на товар од северните провинции на Кина до руското пристаниште Славјанка на Далечниот Исток. Според оценката на министерот, цената на проектот ќе изнесува 30-40 милијарди рубли (475-643 милиони американски долари) и во него можат да се приклучат и кинеските инвеститори, меѓу кои и фондацијата „Патот на свилата“.
„За во иднина може да се помечтае за нов транспортен Пат на свилата, кој ќе овозможи превоз на товар од Кина преку Русија во Европа за еден ден“, додава шефот-аналитичар на ГК „Телетрејд“ Пјотр Пушкарјов. Според него, имено за ваков обем на проектот зборуваше претседателот на советот на директори на Hyperloop One Шервин Пишевар кој допатува на Санктпетербуршкиот економски форум.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче