Премиерот на Италија Матео Ренци (лево) и претседателот на РФ Владимир Путин на прес-конференцијата по завршувањето на средбата во рамките на XX Петербуршки меѓународен економски форум. 17 јуни 2016, Санкт Петербург, Русија.
Михаил Мецел / ТАССУчесниците на Санктпетербуршкиот меѓународен економски форум (СМЕФ) склучија договори со вкупна вредност од 1.024 билиони рубљи (15.8 милијарди американски долари). Ова се прелиминарните податоци што ги изнесе одговорниот секретар на организацискиот комитет на форумот Антон Кобјаков, додека официјалниот биланс ќе биде соопштен подоцна, соопштува руската новинска агенција РИА „Новости“.
На форумот беа потпишани 332 договори кои не се деловна тајна. За споредба, во 2015 година во рамките на СМЕФ беа потпишани 205 договори во вредност од 293.4 милијарди рубљи (4.5 милијарди американски долари), што значи дека вредноста на договорите оваа година е трипати повисока.
Само руските и италијанските компании меѓусебно склучија договори вредни 1.3 милијарди американски долари.
„Минатата година странските партнери стравуваа за иднината на руската економија, но сега веќе е јасно дека таа се прилагодува на новите услови. Оваа година учесниците на форумот веќе отворено велеа 'Ајде да работиме нешто'“, изјави за „Руска реч на македонски“ директорот на менаџментот на затвореното акционерско друштво „ВТБ Управление активами“ Владимир Панкратов.
Според него, интерес за форумот покажале како западните, така и азиските компании. Меѓу учесниците беше раководителот на американската компанија ExxonMobil и шефот на италијанската компанија Eni, додека основачот на фирмата Alibaba Џек Ма по вторпат дојде на овој форум. Годинашниов СМЕФ го посетија и високи официјални лица: претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер, генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун, премиерот на Италија Матео Ренци и претседателот на Казахстан Нурсултан Назарбаев.
За споредба, во 2015 година највисок странски официјален претставник беше грчкиот премиер Алексис Ципрас, кој тогаш дојде да побара кредит од Русија. Овој факт пред една година им даде повод на аналитичарите за зборуваат за блокада на форумот поради санкциите што Западот ги воведе на Русија поради украинската криза.
Главна тема на форумот во 2016 година е инсистирањето на иновациите. Токму ним им беше посветено и излагањето на рускиот претседател Владимир Путин на пленарното заседание на форумот, како и на поголемиот број тркалезни маси.
Воведувањето иновации ќе обезбеди ефект на економски пораст независно од политичкиот модел на управување, изјави на сесијата „Промени се или умри“ Герман Греф, директор на најголемата руска банка Сбербанк која е во сопственост на државата, а кој е воедно и поранешен министер за економски развој. Според него, во секој политички систем може да се инсистира на подигање на продуктивноста на работата и на подобрување на квалитетот на управувањето.
На пример, најголемата ИТ-компанија „Јандекс“ веќе ги автоматизира металуршките претпријатија во Русија, изјави нејзиниот основач Аркадиј Волж. Според оценката на компанијата McKinsey, примената на современите технологии во металургијата може да обезбеди ефект од 115 милијарди американски долари годишно, од кои 20-40 милијарди ќе бидат поврзани со подигање на продуктивноста на работата, а 15 милијарди долари на штедењето ресурси.
На форумот се дојде до заклучок дека за пообемно воведување на иновациите во Русија треба да бидат основани две структури. Првата е Агенција за технолошки развој која ќе се фокусира на трансферот на технологиите, односно на увозот на практика во Русија која најдобро се покажала. Конкретно, големите претпријатија ќе имаат обврска да ги користат најдобрите технологии кои се во согласност со економските стандарди. Новата агенција ќе им помогне на руските земјоделци да основаат заеднички претпријатија со странски компании. Меѓу првите на кои Русија е подготвена да им помогне се германските компании, беше речено на заедничката руско-германска сесија на СМЕФ. Со гасниот гигант Гаспром веќе работи германската компанија SAP. Таа планира да им даде помош на руските старт-ап проекти.
Втората структура што ќе се појави во Русија е претседателскиот совет за стратешки развој. Тоа ќе биде „проектантско биро“ за крупни реформи во земјата. На негово чело ќе биде лично претседателот Владимир Путин, а заменик-претседател на советот ќе биде премиерот Дмитриј Медведев. Како што изјави на форумот шефот на државата, советот ќе се занимава со подигање на нивото на продуктивноста на работата во различни сфери на економијата.
Основање на еден ваков совет пред неколку години предложија Герман Греф и поранешниот британски премиер Тони Блер на форумот во Санкт Петербург. На новинарско прашање тогаш Греф изјави дека одбива да застане на чело на тој совет. Според податоците што ги наведува рускиот бизнис-весник РБК, новиот совет може да му послужи на Владимир Путин како предизборна „отскочна штица“ во 2018 година. За истата намена во 2008 година на Дмитриј Медведев му послужија таканаречените „национални проекти“ во четири приоритетни сектори на економијата: изградба на станови, здравство, образование и земјоделство.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче