Руската економија во 2016: различни прогнози на експертите

Shutterstock/Legion Media
Декемврискиот пад на цената на нафтата ги подели експертите на песимисти и на оптимисти. Едни очекуваат неизбежно продолжување на рецесијата на руската економија во годината што следува, а други, пак, наоѓаат основи за постепено обновување на економскиот пораст.

Кон средината на декември цената на нафтата на меѓународните берзи (со која е поврзана и цената на руската нафта од типот Урал) неколку пати постигна минимална вредност за последниве 7 години. Се спушти дури и под 37 американски долари за барел.

Главна причина за олку ниската цена е вишокот понуда на пазарот и одбивањето на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) да ја намалат експлоатацијата.

Песимистите предвидуваат цена на нафтата под 40 долари и продолжување на рецесијата

Министерот за финансии на Русија Антон Силуанов претпоставува дека побарувачката и цената на нафтата во следната година ќе продолжат да паѓаат и дека нафтата може да биде поевтина од 30 американски долари за барел. Министерот потсети дека буџетот за следната година ќе биде формиран, тргнувајќи од предвидувањата дека нафтата ќе чини околу 50 американски долари за барел. „Ние уште сега треба да подготвиме резервни потези во случај цената на нафтата да продолжи да паѓа“, нагласи Силуанов на 12 декември на советувањето во Казањ.

Цена на нафтата пониска од 40 американски долари за барел предвидена е во критичното сценарио на Централната банка на Русија. Во тој случај, според процените на ЦБ, руската економија ќе изгуби уште 2-3% и ќе продолжи падот на инвестициите. Според гувернерот на Централната банка Елвира Набиулина, „во последно време ова сценарио е сè поактуелно“.

Потсетуваме дека заработката од нафтата и од гасот учествува во рускиот буџет со над 50%. Претседателот Путин наложи дефицитот на буџетот во следната година да не биде поголем од 3%.

Доколку цената на нафтата падне под 35 долари за барел, тогаш за реализација на рускиот буџет во 2016 година со максимален дефицит потребно е доларот да чини 94 рубли (тоа значи дека рубљата ќе падне за уште 34% - заб. ред.). Вакви пресметки содржи прегледот што го подготви американската банка Merrill Lynch, а кој го пренесува изданието РБК. Како што пишува Владимир Осаковски, главен економист на банката Merrill Lynch за Русија и за Заедницата на независни држави, доколку нафтата значително се промени, тогаш курсот на рубљата веројатно ќе стане главен инструмент за контрола на приходите во буџетот.

Дури и ако нафтата во 2016 година чини 50 американски долари за барел, рецесијата на економијата ќе се зголеми за 0.5-1%, прогнозира Централната банка. Слични се прогнозите на ММФ и на Светската банка. Според нив падот на руската економија ќе продолжи, дури и ако нафтата чини 50-53 американски долари за барел.

Економистот Сергеј Алексашенко смета дека следната година најголем проблем ќе претставува високата инфлација (15% во ноември) и сè помалите приходи на жителите. „За жал, во текот на 2016 година не треба да се очекува некакво особено подобрување на ситуацијата, зашто рускиот федерален буџет нема пари за зголемување на платите во секторот кој се финансира од буџетот. Во таква ситуација жителите штедат за купување стока за долгорочна употреба, за автомобили и за станови, што уште повеќе го намалува темпото на економскиот раст“, објаснува Алексашенко за „Руска реч на македонски“.

Централната банка очекува дека приходите и потрошувачката нема да се нормализираат пред 2018 година.

Оптимистите веруваат во „обновен раст“

Многу повеќе оптимизам содржи процената на Министерството за економски развој. Министерот Алексеј Уљукаев рече дека волатилноста на цената на нафтата ќе трае околу 2-3 квартала. „Голема е веројатноста дека некаде кон средината на 2016 година ќе биде воспоставен нов баланс помеѓу понудата и побарувачката на пазарот на нафта“, изјави тој за време на „владиниот час“ во Советот на федерацијата на 9 декември. Министерство за економски развој очекува дека во 2016 година нафтата како и претходно во просек ќе чини 50 американски долари за барел. „Тргнувајќи од тоа Министерството за економски развој прогнозира 'обновен пораст' на бруто националниот производ од +0.7% до крајот на годината. Последниот квартал на 2015 година делумно дава основа за ваква прогноза, со оглед на тоа дека бруто националниот производ во септември и во ноември за првпат во 2015 година забележа пораст од 0.1 до 0.2%.

Мнозинството експерти од агенцијата Bloomberg предвидува дека барелот во 2016 година ќе чини во просек 55.5 американски долари, а цена помала од 50 долари очекуваат само петмина од 27 аналитичари.

Меѓународните рејтинг-агенции исто така не сметаат дека постои ризик од пад на руската економија. Fitch и S&P очекуваат пораст на рускиот бруто национален производ во границите помеѓу 0.5 и 0.3%.

„Главните негативни моменти на руската економија се веќе реализирани. Дури и ако уследи нова порција појави кои се негативни за руската економија, бизнисот сепак почнува да стекнува имунитет“, се сложува Василиј Јакимкин, доцент на Факултетот за финансии и банкарство при Руската академија за народно стопанство и државна администрација. Според процените на овој експерт, во 2016 година најдобра ќе биде ситуацијата во прехранбената и во хемиската индустрија, а исто така и во фармакологијата и во туризмот. „Уште сега во овие сектори се најзабележливи процесите на замена на странската стока со домашно производство. Според тоа, може да се очекува дека рускиот бруто национален производ во целина гледано ќе забележи помал пораст веќе по првиот квартал од 2016 година“, заклучува Јакимкин.

Што ќе се случи со бруто националниот производ на Русија во 2016 година?

Fitch – +0.5%

S&P - +0,3%

МЕР - + 0,7%

ОПЕК - +0.3%

ЦБ – -2-3%

ММФ – - 0,6%

СБ – -0,6%

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.