Аерофлот со безимен нискотарифен авиопревозник

Извпр: Максим Блинов/РИА Новости

Извпр: Максим Блинов/РИА Новости

„Аерофлот“ реши да не смислува нов бренд наместо „Добролет“, кој се најде под санкции поради летовите за Крим. Додека не ги повлечат санкциите, новата авиокомпанија ќе лета под безимениот бренд „Нискотарифен превозник“, а на нејзините авиони можат да им се отстранат ознаките.

Најголемиот руски авиопревозник „Аерофлот“ реши да не развива нов бренд на нискотарифна компанија. Сè додека „Добролет“ се наоѓа под санкции на Европската Унија, нискотарифната компанија ќе се нарекува „Нискотарифен превозник“, соопшти рускиот бизнис-весник „Ведомости“ повикувајќи се на извори во авиокомпанијата. Зошто да развиваме некаков нов бренд, кога постои веќе разработен – „Добролет“, кој веќе има своја вредност“, цитира изданието. 

Откако во јули 2014 година нискотарифниот авиопревозник се најде под санкции на Европската Унија поради летовите за Крим, авиокомпанијата под тој бренд не можат да ја сервисираат европските договарачи, меѓу другото и компанијата Lufthansa Technik. Затоа „Аерофлот“ планираше да смисли нов бренд, меѓутоа на советот на директори на авиокомпанијата-мајка беше донесена поинаква одлука. 

„Нискотарифниот превозник“ ќе работи по програмата-минимум: неговата флота ќе биде ограничена на четири Боинг 737-800,  земени на договор за подзакуп токму од „Аерофлот“, а купување нови авиони не се планира. Притоа на авионите може во принцип да нема никаков бренд, или на трупот да биде напишано „Нискотарифен авиопревозник“ со ситни букви. 

Уникатен маркетинг 

Според експертите, отсуството на бренд тешко дека ќе влијае на маркетинг-кампањата на нискотарифниот авиопревозник. „За еден нискотарифен превозник брендот не е толку важен – главниот мотив за купување на билети тука е ниската цена. Маркетиншката промоција од ова никако нема да настрада“ – изјави за „Руска реч на македонски“ генералниот директор на Brand Lab Александар Еременко. Според него, нискотарифните авиопревозници во Русија немаат потреба од рекламирање на имиџот, бидејќи на овој пазар нема конкуренција и целата промоција се базира на директна реклама за цената на авиобилетите. „До кризата во 2008 година кај нас имаше две нискотарифни авиокомпании - Авианова и Sky Express (подоцна и двете беа затворени), но дури и тогаш тие речиси не си конкурираа една на друга, затоа што едноставно летаа за различни градови“, вели експертот. Покрај тоа, според мислењето на Александар Еременко, дури и правното лице „Нискотарифен превозник“ може да го употреби во авионите брендот „Добролет“. 

„Ризици, придружени од некакви дополнителни тешкотии во промовирањето на оваа „безимена марка“, јас не гледам“, се согласува директорот за реклама и пи-ар на компанијата „Фин Експертиза“ Ирина Зеленкова. Според неа, „Аерофлот“ може да си дозволи таков потег поради тоа што препознатливоста и тежината на неговиот бренд, особено на територијата на Русија не предизвикува било какви сомнежи. „Според тоа, проектот на „Аерофлот“ за нискотарифен авиопревозник ќе биде исто така доволно препознатлив и „транспарентен“ за перцепцијата на целната група – едноставно поради тоа што секого силно ќе го асоцира со силниот бренд на „мајката“, вели Зеленкова. Според неа, реално „нискотарифниот превозник“  на Аерофлот практично нема со кого директно да си конкурира во Русија, што значи, може да помине без свој сопствен силен бренд, потполно свесно повикувајќи се на своето „потекло“ како доволно убедлив аргумент за потрошувачот. 

Планови за иднина 

Втор нискотарифен аеродром во Москва
Недалеку од Москва е предвидено да се појави вториот нискотарифен аеродром. Сега се бараат инвеститори за новиот проект. Аеродромот треба да биде отворен за три години.

 Додека „Добролет“ се наоѓа под санкции, авиокомпанијата не може да го искористи овој бренд во работењето со странските договарачи. Затоа правното лице на новата авиокомпанија – „Нискотарифен превозник“ со 100% учество на „Аерофлот“беше регистрирано во септември 2014 година. Притоа генерален директор на новата авиокомпанија стана  поранешниот директор на „Добролет“ Андреј Калмиков. Новата авиокомпанија до Росавијација достави писмо со намери да добие сертификат за оператор – тој документ е потребен за да се почне со летање. Потоа „Нискотарифниот превозник“ ќе може да добие лиценца и да започне со продажба на билети. 

„Аерофлот не се сомнева дека санкциите во однос на „Добролет“ се привремени, а побарувачка за услугите на компанијата ќе има и без дополнителна реклама, и само за сметка на уникатноста на понудата“, вели аналитичарот на „Инвесткафе“ Тимур Нигматулин. Според него, отсуството на трошоци за реклама може да изврши дополнително влијание врз интересот на потрошувачите. „Ова е затоа што поради штедењето компанијата ќе успее да држи пониски цени на авиобилетите, што е основна предност на новиот авиопревозник во однос на конкуренцијата“, додава тој. Нискотарифната компанија планираше исто така да почне со летови во странство, меѓу другото за Шпанија и за Израел, но во услови на санкции, компанијата засега ги одложи. 

Прашањето за почеток на процесот за етапно повлекување на санкциите може да биде изнесено на самитот на Европската Унија на 23-24 октомври, во зависност од развојот на ситуацијата во Украина, соопшти претходно информативната агенција „ИТАР-ТАСС“ повикувајќи се на дипломатски извори во мисијата на една од источноевропските земји.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња