Русија се бори со инфлација

Експертите очекуваат дека инфлацијата до крајот на годинава ќе порасне на 7.5%. Извор: ИТАР-ТАСС

Експертите очекуваат дека инфлацијата до крајот на годинава ќе порасне на 7.5%. Извор: ИТАР-ТАСС

Во Русија ќе биде создаден нов систем на мониторинг на цените на производите, кои е забрането да се увезуваат во земјата од државите кои ги одобрија антируските санкции. На тој начин федералните власти планираат да го спречат можниот пораст на цените на прехранбените производи. Сепак експертите очекуваат дека инфлацијата до крајот на годинава ќе порасне на 7.5%.

Новиот систем 

Рускиот премиер Дмитриј Медведев на 12 август годинава побара од владата да го доведе во ред системот за мониторинг на ситуацијата со прехранбени производи на пазарот, што е поврзано со воведувањето ембарго на увоз на земјоделски производи од Европската Унија, САД, Норвешка и од другите земји кои воведоа санкции против Русија. Освен профилните ресори – Министерството за земјоделство, Министерството за индустрија и Федералната царинска служба – во мониторингот на пазарот треба да се приклучат здруженијата на производители и на трговски мрежи. Во списокот се најдоа 40 категории производи, чии малопродажни цени ќе бидат надгледувани од страна на државните службеници. Меѓу останатите тука спаѓаат пченичното брашно, оризот, бунгурот, тестенините, сончогледовото брашно, шеќерот и солта, чајот, водата, говедското, свинското и рибата. Според податоците на рускиот бизнис-весник Комерсант, еден од најголемите руски дистрибутери X5 Retail Group веќе им соопшти на профилните министерства за зголемувањето на цените на шкампите и на црвената риба за 20-36% 

Царински такси за Украина, Молдавија и Грузија
Русија одлучи да воведе царински такси за земјите кои имаат потпишано спогодба за асоцијација со Европската унија. Станува збор за поранешните советски републики – Украина, Молдавија и Грузија. Руските власти на овој начин сакаат да го заштитат внатрешниот пазар од европските производи кои до него би можеле да дојдат по пат на повторен извоз од овие земји. Мерката пред сè се однесува на сферата на земјоделските производи.

Како што изјави на 12 август министерот за земјоделство на Русија Николај Фјодоров, против производителите кои неосновано ги покачиле цените на прехранбените производи може да биде покрената административна, па дури и кривична постапка, соопштува руската новинска агенција ИТАР-ТАСС. За сметка на ова во ресорот сметаат дека можат да се избегне шпекулативниот пораст на цените. Според законот за трговија, доколку во текот на 30 дена во определен регион цените на мало на определени прехранбени производи пораснат за повеќе од 30%, владата може да ја замрзне цената во траење од 30 дена. „Ова се принудни решенија, и ризици, несомнено, постојат, и тоа многу, но во целост, во краткорочна перспектива ограничувањата, ограничувањата, најверојатно, нема да доведат до какви и да се изразени негативни последици за рускиот пазар“, вели аналитичарот на УК „Финам Менаџмент“ Максим Кљагин. Според него, во најголем број случаи станува збор за оние сектори, каде нивото на зависност од увозот е релативно низок и обемот на опаѓање може мошне брзо да биде компензиран за сметка на раширувањето на внатрешното производство и на алтернативните извори за снабдување. 

Ризик од инфлација 

Русија одговори на санкциите
Земјите на ЕУ можат да претрпат загуба од 12 милијарди евра поради ембаргото на производи што Русија го воведе како одговор на санкциите. Освен за ЕУ забраната се однесува и за низа производи од САД, Канада, од Норвешка и од Австралија. Јапонија не влезе во црниот список, иако воведе санкции против РФ. Русите се исплашени дека полиците во продавниците ќе се испразнат и дека цените ќе се вивнат до небо. Учесниците на пазарот, пак, се уверени дека бизнисот нема да трпи, дека постои можност да се надминат санкциите, а освен тоа Русија ќе се преориентира на увоз од Јужна Америка и од Азија.

Без оглед на преземените мерки од страна на владата, според мислењето на експертите, забраната за увоз на производи од некои земји може во секој случај да доведе до пораст на инфлацијата. „Инфлацијата може да порасне приближно за еден процент и да изнесува околу 7% за 2014 година. Во основа порастот на цените ќе биде условен од нереалниот дефицит на производи, а со инфлацискиот очекувања на населението“, вели аналитичарот на „Инвесткафе“ Роман Гринченко. Според директорот за продажба во земјите на ЗНД на „Dukascopy Bank SA“ Павел Симоненко, при негативно сценарио инфлацијата би можела да се покачи за 0.5 до 0.6 проценти, а при позитивно сценарио од 0.1. до 0.2 %. „Не очекувам сериозно покачување на инфлацијата поврзана со ембаргото на увоз на прехранбени производи од западните земји“, уверен е експертот. Како прво, според него, обемот на овој увоз иако беше голем – околу 10 милијарди американски долари годишно, сепак нивната замена со домашно производство или со увоз од други земји, нема да претставува тешкотија. Како второ, според Павел Симоненко, доставувачите имаат резерви на забранетата увозна стока уште за минимум еден месец, и со правилен приод на владата за ова време сосема е можно да се најдат нови извозници, да се отпочне со испорака и да се организира сопствено производство. Единствена тешкотија би можела да биде шпекулацијата со цените во тој период од 1-2 месеци. Сепак според пресметките на Raiffeisen research, инфлацијата во Русија може да се забрза до 7.5% на годишно ниво. Според оценките на аналитичарите на компаниите, забранетиот увоз во Русија е еднаков на 25% од општиот обем на увоз на прехранбени производи во Русија. 

Впрочем, руското Министерство за економија не планира да ја менува прогнозата за оваа година за инфлација: таа и понатаму изнесува 6%. „Увозот кој потпаѓа под забрана, сосема безболно може да се замени за сметка на испораките на производи од други земји. Во тој случај најголеми бенефициенти, секако, ќе бидат надворешнотрговските земји од Царинската унија и од ЗНД, земјите до Блискиот Исток, Латинска Америка и од Азиско-Тихоокеанскиот регион“, вели Максим Кљагин. Сепак, според него, определени трошоци  се сосема веројатно, иако најверојатно не станува збор за последици од намалување на асортиманот, туку за влијанието на расходите поврзани со заменувањето и со измената во логистиката. „Дури и при најнегативни сценарија, кои подразбираат определени проблеми со замена, дополнителната инфлација се проценува на 1-1.5%“, забележува експертот.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.