Се откажуваат ли Србија и Бугарија од Јужен тек?

Проектот Јужен тек и неговата географска положба се избрани со цел да се избегнат транзитни земји. Извор: РИА Новости.

Проектот Јужен тек и неговата географска положба се избрани со цел да се избегнат транзитни земји. Извор: РИА Новости.

Претставници на владите на Бугарија и на Србија практично истовремено дадоа изјави за запирање на работите околу изградбата на гасоводот Јужен тек од Русија. Според податоците со кои располага „Руска реч на македонски“, создавањето неизвесност околу проектот е насочено кон тоа да го принуди рускиот гасен гигант Гаспром низ цевките да транспортира туѓ гас.

Спорна одлука 

Под притисок на САД и на Европската комисија претставници на Бугарија и на Србија официјално изјавија дека се запираат работите на проектот Јужен тек, гасоводот кој треба да минува по дното на Црно море од Русија во Европа. Имено, по средбата на тројцата сенатори на САД, претседателот на бугарската Влада Пламен Орешански ја суспендираше работата во рамките на изградбата на гасоводот. Потоа запирање на работата на Јужен тек најави и потпретседателката на Владата на Србија Зорана Михајловиќ.

Но, практично веднаш потоа со својот премиер не се сложи министерот за енергетика на Бугарија Драгомир Стојнев. Според неговата официјална изјава, Јужен тек е важен како за Бугарија, така и за цела Европа, и сите спорни прашања во врска со неговата изградба наскоро ќе бидат решени. Од друга страна изјавата на Зоран Михајловиќ ја демантираше претседателот на српската влада Александар Вучиќ. Според него, не се донесени никакви нови одлуки во врска со проектот. Неусогласеноста на позициите во владите на Бугарија и на Србија стручњаците ја објаснуваат со внатрешно-политичките противречности во овие земји, како и со сериозното влијание на Русија. Меѓу другото, според процената на генералниот директор на компанијата за промет со недвижности „ZIP Realty“ Евгениј Коморовски, руските инвеститори во текот на последниве 10 години само за купување на бугарски недвижнини вложија над 15 милијарди долари.

Јужен тек на своја сметка
Рускиот гасен монопол Гаспром предложи гасоводот Јужен тек, по кој гасот ќе минува преку Балканот до Западна Европа, да го изгради за своја сметка. Одлуката на компанијата доаѓа како одговор на заострувањето на односите помеѓу Русија и Европската Унија. Всушност, Европската комисија побара од Бугарија, една од земјите-учеснички во проектот, да ги запре сите работи поврзани со изградбата на гасоводот.

„Бугарија, како и другите земји вклучени во изградбата, не е заинтересирана за запирање на работите, зашто овој проект им нуди вработување на голем број луѓе. Во контекст на економската криза, земјата ова може да го доживее како значителна загуба“, објаснува аналитичарот за макроекономија на инвестициската компанија UFS Василиј Ухарски. Според него, „ваквата одлука, во најмала рака, изгледа необично и е поврзана со политичката ситуација околу Украина и Крим“. 

Русија веќе остро реагираше на изјавите на Бугарија и на Србија, иако сопственикот на проектот Гаспром не даде никаква официјална изјава. „Ниту една страна нема доброволно да се откаже од соработката со Русија во областа на енергетиката“, изјави претседателот на Русија Владимир Путин. Од друга страна постојаниот претставник на Русија во Европската Унија Владимир Чижов одлуките за Јужен тек ги поврза со санкциите од страна на САД и на Европската Унија. Меѓу другото, според него, една од компаниите која е ангажирана во изградбата на првиот дел од гасоводот „Стројтрансгас“ е во сопственост на бизнисменот Генадиј Тимченко, кој се наоѓа на американскиот список на санкционирани лица. 

Алтернативни можности 

На почетокот на јуни Европската комисија предложи привремено да се запре изградбата на гасоводот Јужен тек поради непочитување на нормите од Третиот пакет енергетски прописи. Овој документ не дозволува на една страна истовремено да испорачува гас и да биде сопственик на системот за транспорт на гас. Според претседателот на компанијата за консалтинг „East European Gas Analysis“ Михаил Корчемкин, доколку Бугарија и Србија сепак попуштат под притисоците на Европската комисија и на САД Гаспром ќе се согласи со гасоводот да транспортира туѓ гас. „Тоа практично ќе значи дека Гаспром со свои пари ја финансира изградбата на замената за Набуко“, вели стручњакот. Проектот Набуко предвидуваше изградба на гасовод со капацитет од 32-36 милијарди кубни метри гас годишно од Азербејџан и од Туркменистан преку територијата на Турција до Европа, заобиколувајќи ја Русија, но во јуни 2013 година беше замрзнат.

Доколку изградбата на Јужен тек исто така биде запрена, тогаш, според стручњакот, расте веројатноста дека трасата на гасоводот ќе биде изменета. Гасоводот, пред сè, би можел да поминува преку територијата на Турција. Во април годинава министерот за енергетика на Турција Танер Јилдиз изјави дека Турција е подготвена да ја разгледа можноста за изградба на копнениот дел од гасоводот Јужен тек на својата територија. „Понатамошниот развој на ситуацијата ќе следи едно од двете сценарија. Или Бугарија ќе добие дополнителни отстапки од Гаспром или гасниот гигант ќе почне да бара заобиколни патишта за изградба. Таа алтернатива може да биде Турција, иако оваа варијанта е многу поскапа и не е премногу сигурна“, смета аналитичарот на Групата компании FOREX CLUB Валериј Полховски. 

Освен тоа, според водечкиот стручњак на компанијата за управување со финансии „Финам менаџмент“ Дмитриј Баранов, самиот проект Јужен тек и неговата географска положба се избрани со цел да се избегнат транзитни земји. Како што истакнува Михаил Корчемкин, гасот во секој случај од Турција треба да премине во Европската Унија и таму треба да биде примен, така што учеството на трета земја не го решава проблемот во односите со Европската комисија. Од друга страна, според мислењето на Дмитриј Баранов, при изградбата на гасоводот низ Турција повторно ќе дојде до зависност од трета земја. Тој смета дека Русија на тој начин, намалувајќи ја зависноста од Украина, едноставно ќе ја зголеми својата зависност од Турција. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња