Наоѓалиште Великое со веројатна резерва од 300 милиони тони нафта и 90 милијарди кубни метри гас. Извор: Shutterstock
Кинезите ќе помогнат
„На наоѓалиштето се продолжува со работа, но веќе сега е јасно дека станува збор за едно од најголемите наоѓалишта што се откриени во последно време на копното“, изјави министерот за природни ресурси Сергеј Донски. Според него, освојувањето на новото наоѓалиште ќе се одвива со брзо темпо и ефективно. Наоѓалиштето беше откриено од страна на малата компанија АФБ, чиј најголем акционер е сосопственикот на московскиот аеродром „Внуково“, Витолиј Ванцев. Компанијата ја разгледува можноста за партнерство на проектот со крупните нафтени компании, но засега не се водат никакви предметни преговори за целосна или за делумна продажба на активот.
Според оценката на главниот аналитичар на UFS IC Иљја Балакирев, размерот на инвестиции првично се оценува на 1.5 милијарди. „Доколку резервите на 'Великoe' се потврдат, тоа навистина може да биде најголемото откриено наоѓалиште во последниве 20 години, и според резервите тоа може да влезе во првите десет најголеми во земјата, и да се најде на 6-7 место“, вели експертот. Според директорот на Центарот за економија на суровините при Руската академија на стопанството и на државната служба Пјотр Казначеев, имајќи ја предвид надворешнополитичката и економската опстановка, западните банки нема да им доделуваат на руските компании средства. Згора на тоа, малку е веројатно нивното учество во проектот како партнери. Најверојатно интерес за проектот ќе покаже „Роснефт“, која од кинеските државни банки може да добие авансно финансирање за сметка на идните испораки на нафта. Оваа шема е достапна само за компанијата „Роснефт“, зашто таа се потпира на договор на владино ниво. Всушност, на тој начин „Роснефт“ ја купи компанијата ТНК-BP.
Не поверуваа веднаш
Доколку резервите на Великoe се потврдат, тоа навистина може да биде најголемото откриено наоѓалиште во последниве 20 години, и според резервите тоа може да влезе во првите десет најголеми во земјата, и да се најде на 6-7 место.
Иљја Балакирев, аналитичар на UFS IC
Информацијата дека во Астрахањската област е откриено големо наоѓалиште на нафта се појави пред две години, но тогаш неговите резерви беа оценети на само 43 милиони тони нафта. Во 2013 година Интерфакс, повикувајќи се на главниот геолог на АФБ соопшти дека компанијата ги проценува резервите на наоѓалиштето на 140 милиони тони нафта и на 40 милијарди кубни метри гас. При тоа беше подвлечено дека нафтата на Великое е лесна. Поголемиот дел од нафтата во Астрахањската област е тешка, нејзината преработка и понатамошната реализација е мошне сложена. Еден од учесниците на пазарот раскажа за Комерсант дека се интересирал, на пример, за едно од соседните наоѓалишта, но на крајот се откажал од неговото купување. Доколку се потврди постоењето на лесна нафта на наоѓалиштето, тогаш работите се менуваат од корен.
Во најголемите компании од браншата, Роснефт, Лукоил и Гаспром нафта, не сакаа да коментираат за тоа дали се заинтересирани. Според Карен Дашјан од Advance Capital, на Великое е продупчена само една пробна дупка, според која не може да се добијат точни податоци за резервите на нафта. Според него тоа е причината зошто инвеститорите засега го оценуваат факторот на ризик како висок. „За резервите на наоѓалиштата да станат убедливи за пазарот, компаниите треба да направат уште две-три дупки“, смета тој.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче