Извор: Press Photo.
Согласно документот, во случај на утврдување на целесообразност на изградбата врз основа ма спроведената анализа на Гаспром и на Македонски енергетски ресурси ќе основаат заедничка компанија за реализација на проектот со еднакво учество (по 50%).
Во компанијата исто така можат да бидат вклучувани и нови акционери во понатамошната поделба на деловите. По анализата, учесниците на проектот ќе ја утврдат маршрутата на гасоводот и неговата моќност. Правата за користење на целокупната моќност на гасоводот му припаѓаат на Гаспром.
Според спогодбата, македонската страна не треба да воведува какви било ограничувања во однос на рускиот капитал на територијата на Македонија, кои се остваруваат во рамките на спогодбата, а е обврзана да ѝ овозможи на заедничката компанија поволен царински и даночен режим.
Конкретните обеми, условите и роковите за доставка на природен гас во Македонија се предвидуваат во договорите помеѓу Гаспром и АД Македонски енергетски ресурси, се вели во соопштението на ИТАР-ТАСС.
„Јужен тек“ е гасовод, по кој гасот треба да доаѓа до Европа, заобиколувајќи ја Украина. Вкупната должина на трасата на гасоводниот систем ќе изнесува 2.446 километри, од кои 900 километри се морски дел Проектираната можност на гасоводот изнесува 63 милијарди кубни метри гас годишно.
Морскиот дел од гасоводот „Јужен тел“ ќе минува по дното на Црното море, од компресната станица „Рускаја“ на рускиот брег до брегот на Бугарија. Понатаму гасот ќе оди од приемниот терминал во Градот Варна преку територијата на Бугарија, Србија, Унгарија и Словенија кон северот на Италија со изградба на крак од територијата на Србија во Хрватска и во Република Српска, која е во состав на Босна и Херцеговина. Вкупната должина на основниот гасовод на територијата на земјите на Централна и Јужна Европа изнесува 1.455 километри, не земајќи ги предвид краците.
На тој начин гасоводот може да добие уште еден крак. Изградбата на „Јужен тек“ е веќе започната – кон крајот на минатата година официјално стартуваа градежните работи. Претходно се предвидуваше дека гасоводот ќе започне да се гради дури во 2013 година, но притисокот од страна на конкурентите ја натера Русија да ги измени роковите. Првото количество руски гас низ гасоводот ќе помине во декември 2015 година.
Неодамна „Јужен тек“ се ослободи од еден од главните конкуренти – гасоводот „Набуко“. Конзорциумот на втората етапа од разработката на азербејџанското наоѓалиште „Шахдениз„ не го избра „Набуко“ како маршрута за транспорт. Со тоа гасоводот беше лишен од ресурсна база, па следствено, неговата изградба изгуби смисла. Гасот ќе се транспортира по Трансјадранскиот гасовод, кој и не е некој особен конкурент на „Јужен тек“, иако ги ослабува позициите на Гаспром, со оглед на тоа што со него се намалува зависноста на Европа од рускиот гас.
Главниот проблем на „Јужен тек“ не е толку во протокот, колку што е во пласманот на гас низ гасоводот. И не се работи за намалена побарувачка од страна на европските корисници, туку во тоа што „Јужен тек“ не доби посебен статус и може да потпадне под дејство на Третиот енергетски пакет, забележува генералниот директор на Фондот за национална енергетска сигурност Константин Симонов. Тоа значи дека Гаспром ќе мора да резервира 50% од гасоводот на копнениот европски дел заедно со некој гас на независен производител. Тоа може да биде азербејџански гас, но не во толку големи обеми. Како резултат на тоа, гасоводот може да остане половина празен.
Односно, може да се повтори приказната со „Северен тек“. Заменик-директорот на Гаспром Александар Медведев на почетокот на јуни велеше дека на Гаспром му е потребен неограничен пристап кон гасоводот „Опал“, кој ја соединува крајната точка на „Северен тек“ на балтичкиот брег на Германија со Чешка. Сега заради Третиот енергетски пакет Гаспром може да користи само половина од моќноста на гасоводот „Опал“. Како резултат на тоа „Северен тек“ е искористен само половина.
Претходно Гаспром поднесе барање за добивање на 100% резервација на можноста на гасоводот „Опал“. Притоа германскиот регулатор во 2012 година ја прифати молбата. Сепак, Европската комисија реши дека во согласност со Третиот енергетски пакет, Гаспром не може да добие повеќе од 50 % од моќноста на гасоводот. Претходно Александар Медведев објасни дека втората половина од моќноста на „Опал“ е резервирана за други доставувачи, но физички тие не постојат, а и тешко дека некогаш ќе се појават. Побарувачка за моќноста на „Опал“ од страна на другите доставувачи нема, бидејќи тие едноставно немаат гас.
„Се надеваме дека разумот и логиката ќе надвладеат, зашто гасоводите не треба да седат празни. Тоа е исто така прецедент за „Јужниот тек“, изјави Медведев.
Кодиректорот на аналитичкото одделение на „Инвесткафе“ Григориј Бирг забележува дека новиот крак во Македонија има добри перспективи. „Како прво соработката на Гаспром со Македонија е започната од 1997 година, земјата е заинтересирана за зголемување на доставката на гас заради зголемување на енергетската сигурност. Како второ, проектот на едно вакво непланирано разгранување може да се рашири заради извоз на гас во соседна Албанија и во Косово, што, пак, може да ја намали цената за Македонија“, вели тој за весникот „Взгљад“.
Тој, исто така потсетува дека сега цените на гасот за Македонија се едни од највисоките во Европа, кои се движат помеѓу 100-159 евра повеќе, одошто во соседните Хрватска, Србија и Бугарија.
„Взгљад“
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче