Евроазиjа и Океаниjа

Извор: AP

Извор: AP

За геополитичките прегрупирања и улогата на Евроазија, читајте во новиот блог на Билјана Ванковска Евроазија и Океанија.

Најавата за конституирање Евроазиска унија од страна на Владимир Путин предизвикува бура реакции уште од 2011 година кога за прв пат беше спомената како проект, а и при секоја новина поврзана со конкретни чекори во таа насока. Бура и реакции насекаде - освен во Македонија... Оној кој ќе се осмели и да размислува гласно за ова ново геополитичко прегрупирање (кое барем во еден дел би се одвивало на нашиот континент, Европа), или не дај Боже да изрази симпатии, ризикува да биде стигматизиран како анти-НАТО, анти-ЕУ, и најмногу од сѐ - анти-американски заговарач. Тоа како се реагира (или не се реагира) во една мала држава како Македонија, позната по својот аутизам и слепа посветеност на евро-атлантските вредности, е помалку важно. Многу поинтересно е да се погледне какви се реакциите во Западниот свет. Речиси, по правило, овој проект се доживува како непријателски акт. Оние поумерените укажуваат на опасноста од враќање на биполаризмот и Студената војна. Поексплицитните критики одат дотаму што тврдат дека оваа Евроазија е реплика и ехо на Орвеловата „1984“. Додуша, Источна Азија (Истазија) не покажува никакви знаци за некаква интеграција (или поточно, нештата кои ги делат земјите од тој регион се поголеми од она што ги поврзува). Но, Океанија во реалниот свет веќе асоцира на трансатлантскиот сојуз.

И покрај скептицизмот кај западните сили, па и кај продемократските кои се сомничави кон сѐ што доаѓа од лидер како Путин, сметам дека во една работа може сосема да му се верува на рускиот претседател: СССР е дел на минатото и не може да се воспостави одново, без оглед на сите напори.

Засега, за овој проект на регионална интеграција на просторот на поранешниот Советски сојуз може да носат оценки претежно низ зборовите на политичките водства (секако, она на Руската Федерација, најмоќната држава во регионот, и членка на глобалните самити познати како Г-8 или Г-20, имаат најголема тежина). Претседателот Владимир Путин уште во октомври 2011 година испрати порака дека овој чекор е инспириран од регионалните интереси и заедничкото минато, а во функција на иднината. Тоа, според него, не е и не може да биде вокреснување на поранешната советска федерација. Всушност, сите елаборации кои говорат за креирање на економска унија (отстранување на царинските и граничните бариери за слободно движење на капиталот, стоката и работната сила, како и создавање на пазар за население од 165 милиони) - нешто што потсетува на создавањето на Европската унија. Разликата помеѓу Евроазиската унија (ЕАУ) и ЕУ е во два суштински факта: на почетоците на своето интегрирање, Европската заедница за јаглен и челик (нуклеусот од кој се роди ЕУ, по падот на Берлинскиот ѕид) ниту имаше вака широко поставена визија, ниту политичка волја за тоа. Заговарачите на ЕАУ сега можат да црпат од искуството на еволуцијата на ЕУ - што е добрата страна. Но, лошата е во тоа што овој најнов тек на настани има помалку елементи на функционализам, односно постепено и неисфорсирано прелевање на интеграцијата од еден сектор во друг. Во овој најнов случај сѐ се темели на пристап одозгора-надоле, што уште во старт го наметнува круцијалниот проблем на демократски дефицит - проблем кој ЕУ не успеа никогаш сосема да го реши (па дури и го продлабочува и прави сериозен проблем во контекст на создавање на европска заедница сфатена како European polity). Вториот важен факт е во тоа што државите кои планираат да создадат ЕАУ имаат заедничко минато, традиции и сеќавања за заеднички живот, кој иако далеку од тоа дека бил ослободен од трауматични елементи, сепак значи искуство на заедништво, споделување на заеднички јазик на комуникација, итн.).

Што се однесува до оние во Македонија кои се загрижени дека и самата анализа на случувањата поврзани со создавањето на ЕАУ значи и отстапување од нашата зацртана стратегиска ориентација, треба да им се каже дека можат мирно да спијат. Овој регион никогаш не инклинирал и нема ништо ниту заедничко, ниту атрактивно да му понуди на просторот на ЕАУ.

И покрај скептицизмот кај западните сили, па и кај продемократските кои се сомничави кон сѐ што доаѓа од лидер како Путин, сметам дека во една работа може сосема да му се верува на рускиот претседател: СССР е дел на минатото и не може да се воспостави одново, без оглед на сите напори. Не само што е распадната федерацијата (а некои нејзини поранешни делови, денешни независни држави, и не помислуваат да се вратат во истата дружина, бидејќи веќе се под сферата на доминација на САД), туку „лепакот“ на новиот интегративен зафат е базично неолиберален, капиталистички, односно многу сличен на оној кој ги држи државите-членки на ЕУ заедно. Настрана од убата реторика која го следи „оригиналниот“ Европски проект (оној воден од Брисел), уште одамна мнозина ја протолкуваа оваа идеја како облик на „мек империјализам“ (кој се движеше и се движи кон Истокот) - она што некогаш морало да се освојува со насилни средства, сега е можно со неолибералните флоскули, во име на европските граѓани, а во полза и за профит на корпорациите и елитите. ЕУ никогаш не успеа да одговори на демократските и социјалните предизвици на сопствените граѓани, има проблем со создавање на европски демос и одговорна и отчитна власт, а веќе истрча со амбицијата вградена во Лисабонскиот договор - да стане глобален актер! Иако глобалната финансиска и економска криза ги осуети ваквите амбиции, сепак Венера (како што американските аналитичари ја именуваа наспроти Марс - САД) покажа поголеми глобални амбиции, наспроти тезата за зона на мир и благосостојба во сопствениот регион. На ЕАУ може да и се припише демократски дефицит во самиот старт, односно дека претставува интегративен зафат на држави со слаби или непотврдени демократски капацитети, во кои има ниско ниво на почитување на владеењето на правото и на човековите права. Тоа е сериозна забелешка која не може да се игнорира, но од друга страна поразвиениот западен пандан покажува дека демократијата не е нешто што се достигнува и одржува засекогаш. Напуштањето на принципите на држава на благосостојба, огромниот степен на невработеност кај младите, корупцијата и слабеењето на демократските институции, па и симптоматичната состојба со човековите права особено кај маргинализираните групи (етнички, расни, социјални), проследено со сѐ позачестено користење на полициска сила за сузбивање на протестите не е слика на онаа Европска унија за која сонуваа генерации Европјани. Ако на оваа глобална слика се додаде и сето она што се случува ширум светот, причините за загриженост растат - и тоа глобално. На крајот, ако елитите не ја напуштат беспоштедната битка за профит и моќ, жртвувајќи ја планетата Земја, природните ресурси и нејзиниот жив свет, можеби пророштвото на Орвел ќе биде и надминато со уште поцрно сценарио.

Претседателот Владимир Путин уште во октомври 2011 година испрати порака дека овој чекор е инспириран од регионалните интереси и заедничкото минато, а во функција на иднината.

На државите и граѓаните на регионот на поранешниот Советски сојуз е да изнајдат сопствен облик на интегрирање - и во тоа нема ништо лошо. Само низ соработка и функционално поврзување, па и низ поткрепа на регионалниот идентитет, може да се изгради доверба, стабилност и мир. И тие народи имаат и добри и лошо нешта на кои се сеќаваат и со кои ќе треба да се соочат, за да живеат заедно. Секоја критика од позиции на западната геополитика е само тоа - геополитика и израз на страв за сопствените интереси. По ништо тие западни интереси не можат да се сметаат априори легитимни и напредни, а сѐ друго, од другите делови на светот, кое не се движи кон европеизам и трансатлантицизам (онака како што ги дефинираат во Брисел, Бон, Лондон, Париз или Вашингтон) да се смета за опасно и орвеловско. Што се однесува до оние во Македонија кои се загрижени дека и самата анализа на случувањата поврзани со создавањето на ЕАУ значи и отстапување од нашата зацртана стратегиска ориентација, треба да им се каже дека можат мирно да спијат. Овој регион никогаш не инклинирал и нема ништо ниту заедничко, ниту атрактивно да му понуди на просторот на ЕАУ. Она што евентуално може да се научи од ваквите проекти (иако и по ова прашање сум многу скептична) е дека постојат различни облици за регионално поврзување, соработка на конкретни идеи кои ќе го оснажат регионот во свет на турбо-капитализам во кој големите риби ги јадат малите. Реално, регионот на поранешна Југославија се осипува, станува сѐ помал, и е сѐ уште под силно влијание на митот за ЕУ, односно сите сакаат да се „разведат“ од својот регион во настојување да станат дел на поширокиот европски регион. Но, нема да помине долго време до моментот кога Словенија и Хрватска (сегашните единствени членки на НАТО и ЕУ) кои некогаш имаа супериорна економска позиција во поранешна Југославија, сфатат дека станале периферија на тој поголем европски регион и дека интересите, а не љубовта, ќе ги принудат пак да му се свртат на Балканот.     

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња