Универзијадата како „културен шок“

Фотографија: Росијскаја газета.

Фотографија: Росијскаја газета.

Што е тоа Универзијада? Зошто никој од нас со посебен интерес не го проследи овој настан, а пак камо ли и да испрати повеќе спортисти таму? Зошто македонските универзитети и студенти се пасивни?

Пред еден месец се одржа уште една Универзијада, а во Македонија едвај некој и да го забележа тоа. А и како ќе се забележи кога студентите едвај и да се некој релевантен фактор во земјата, спортот во универзитетските центри се сведува на играње на мали голчиња или рекреација после учење?! Накусо, спортот е последната дупка на шупелката. Освен ако е врвен, најчесто колективен, и ако носи будење на национални пориви и патриотизам. Сѐ друго се остава на случајноста. Така, и на последната Универзијада одржана во Русија, во градот Казан (во Татарската Република) мина речиси неодбележано кај медиумите. Меѓу тринаесетте илјади млади спортисти (17-28 години) од 162 држави имаше само четворица од Македонија. Велат, се немало средства за повеќе. Веројатно и овие биле испратени од државни причини (некој да го прошета националното знаме) - т.е. да бидеме „присутни“. Не слушнавме ни дали овие четворица млади спортисти настапувале под уставното име, или и среде Русија, земја која нѐ признава под уставно име, сме се прошетале со срамната и тажна ознака „Поранешна Југословенска Република Македонија“. За волја на вистината, во отсуство на посериозни спортски достигнувања, нашата алфа и омега се сведува на анализа на „проблемот со името“ - ете, до тој степен сме исфрустрирана нација, свртена само кон самата себе и своите проблеми. Како и да е, еве, одлучив барем на ваков симболичен начин  да напишам некој збор за овој настан, па можеби ќе допре до некој од одговорните. Секако, примарниот интерес за оваа тема се должи на фактот што како универзитетски професор секојдневно минувам многу време со овие млади луѓе. Ги знам сите нивни проблеми и преокупации, но и дека спортот ретко кога го практикуваат, освен што редовно следат настани пред телевизор. Самиот збор Универзијада ми буди спомени, од онаа првата (и последна) организирана во Загреб, во поранешна СФР Југославија. Се сеќавам со каква возбуда јавноста ги следеше подготовките и натпреварите. Впрочем, покрај зимските Олимписки игри во Сараево, ова беше најголемиот меѓународен спортски настан. По распадот на Југославија, како домаќини на Универзијада се појавија две земји-наследнички - Србија и Словенија.

Јас лично видов сѐ што можеше да се најде како видео-презентација на убавините на градот. И зажалив што не ме води патот таму...     

Овој јули (2013 година) се одржаа 27-те студентски игри. Како и олимпискиот пламен, така и овој на Универзијадата мина пат околу светот. Од почетната точка, универзитетот на Сорбона во Париз, тој мина пат од дури 104 илјади километри - до еден друг универзитетски град, како Казан (познат како дом на многу врвни светски научници). Изминатиот пат од еден универзитетски град до друг беше своевиден светски рекорд, а огнот кој го означи свеченото отворање на Универзијадата се смета за еден од најспектакуларните досега. Овој настан беше следен од преку една милјарда луѓе на планетата, што е доказ за тоа дека не станува збор за каков било настан, туку за нешто што побудува голем интерес. Како што обично бидува на вакви настани, организаторите не штедат - па и по оваа основа, покрај рекордниот број на учесници, Универзијадата во Казан беше поскапа од досега најскапата организирана во Кина. Ако размислиме подобро, во свет кој се гуши во глобална економска и финансика криза, организација на вакво ниво може да организира само некоја од најбогатите земји на светот. А Кина и Русија, секако, се вбројуваат во држави со добра кондиција. Сепак, умешноста во организирањето и трошењето на огромни буџетски средства за вакви цели се гледа во објектите на кои се тие употребени. Организаторите велат дека Универзијадата не само што е своевидна подготовка за Олимписките игри во Сочи, туку и дека Казан пред себе има уште два големи меѓународни настани, во 2015 година (Светско првенство во водни спортови) и особено во 2018 година, кога градот ќе  биде еден од оние во кои ќе се одвиваат натпреварите на Светскиот куп во фудбал на ФИФА. На граѓаните на Казан, пак, во трајна „сопственост“ ќе им останат низа инфраструктурни објекти.

Восхитот од настанот кај светската публика се толкува како „културен шок“, како што велат гордо домаќините. И навистина, ваквите спектакли се веќе прашање на престиж и промоција на големината на националната култура, но и економска моќ. Па понекогаш дури и ги засенуваат спортските случувања, успеси и неуспеси. Се уште се сеќаваме на „културниот шок“ кој ни го приреди и Кина за време на отворањето и затворањето на Олимписките игри. Ако зборуваме за оваа Универзијада и за културниот шок, веројатно предрасудите тргнуваат од името на федералната република (Татарстан) во која се наоѓа овој град. Самото споменување на Татари и Татарстан кај просечниот македонски граѓанин асоцира на „земја Недојдија“. Русија, како и поранешниот Советски сојуз, некако завршуваа на познавањето на неколку поголеми градови, а сѐ останато останува обвиено во мистична магла и егзотика. Се разбира, тоа е плод на долгогодишни предрасуди и стеротипи создавани и заради неинформираност и заради погрешна информираност. Така, на пример, ако споменете било кое (па и најнепознато и најмало) место во Соединетите држави, обичниот граѓанин веќе дваесетина години „задоен“ со прозападна пропаганда за „мед и млеко“ верува дека таму мора да цвета цивилизација. Најчесто, тоа не е така. Америка може да има илјадници „лица“, зависно од тоа што гледате и откривате.

Восхитот од настанот кај светската публика се толкува како „културен шок“, како што велат гордо домаќините

Така, и Казан ја откри својата убавина и древна култура - за оние кои сакаат да видат! Јас лично видов сѐ што можеше да се најде како видео-презентација на убавините на градот. И зажалив што не ме води патот таму... И покрај тоа што знам дека на филм и моето Скопје изгледа фасцинантно и не толку кичесто како што е во стварноста. За среќа на жителите на Казан, тие немаат потреба да измислуваат илјадагодишна традиција, бидејќи ја имаат. А од новоградбите добија модерни и практични зданија. Малкумина знаат дека овој град официјално се именува како „трета престолнина“ на Русија. Во 2005 година Казан Кремлин (тврдината) е дел на светското културно наследство под покровителство на УНЕСКО. Ова беше едно признание во знак на одбележување на 1000-годишнината на градот. Град со прекрасни џамии и цркви, Казан претставува симбол на хармонија на меѓуетнички и меѓуверски соживот, а и церемонијата на отворањето на Универзијадата стави акцент токму на тоа богатство на различни култури.

Универзијадата бидна и помина. Ќе дојде друга, па следна... Она што можеме да си го посакаме во ера на глобализација е што повеќе „културни шокови“, што поголемо познавање на сите прекрасни места ширум светот. Во онаа моја некогашна (сега покојна) татковина имаше изрека: „Запознај ја својата земја за да ја сакаш повеќе“. Ако во 21 век се фалиме дека можеме да уживаме во благодетите на глобализацијата и во „глобалното село“, тогаш треба и навистина да го запознаваме секое ќоше. Можеби тогаш и ќе се разбираме подобро. Впрочем, тоа би требала да биде основната мисија на спортски настани од типот на Олимпијади и Универзијади.


Текстовите во рубриката „Блогови“ се став на авторот и не секогаш ја одразуваат позицијата на редакцијата на „Руска реч на македонски“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.