„Витез на крстопат“, слика на Виктор Васнецов.
Со умот не ќе ја разбереш
Со аршин мера не ќе ѝ земеш
Таа е посебна -
Во Русија можеш само да веруваш
Ф. Тјутчев
Во потрага по себе си
Светот денес е глобален. Но тоа не значи дека не е разновиден. Напротив, врие од култури, јазици, идентитети, традиции, фолклор, уметност...И во таа глобалност, но и разноликост, секој го бара својот идентитет, ја бара својата идеја, своето место и улога во тој идентичен, но сепак различен свет.
Во серијата текстови кои ќе следат на страницата на Руска реч на македонски ќе се обидам да ви ја прикажам руската потрага по сопствената идеја, по сопствениот историски идентитет. Која е Русија, што е таа, кое е и каде е нејзиното место во политичката и културната карта на светот? Тоа се прашањата кои во оваа серија на текстови во отстапениов блог ќе се обидеме да ги одговориме.
Но воопшто, што е тоа „руска идеја“? За почеток, едноставно би можеле да ја сведеме на рускиот национален идентитет – сите тие долги, мачни и до денес отворени прашања за рускиот национален идентитет, е она што се подразбира под „руска идеја“. Тоа е загатката, мистеријата на Русија; која е Русија? – тоа е прашањето на кое се бара одговор кога се бара „руската идеја“. Сите тие историски потраги по сопствениот национален идентитет, руската мисла ги сместила во еден поим – „руска идеја“.
Но, за повеќе да ни се расветли овој поим, ќе укажеме на уште неколку аспекти на она што се подразбира под „руска идеја“. Прво, руската идеја едноставно значи патриотизам, љубов кон татковината, но и критички и промислувачки однос кон истата. „Не научив да ја љубам својата татковина со затворени очи, со наведната глава и со затворенa уста“, ќе каже П. Чаадајев, еден од првите промислувачи на руската судбина. Тоа значи должност да се осмисли сопствената историска позиција. Второ, руската идеја се однесува и на историската мисија на Русија. Секоја нација мора да си го одреди сопственото историско место, а голема нација, како руската, веројатно има и некоја поголема историска улога, некоја мисија во светот и историјата. Трето, руската идеја се однесува на односот на Русија со другите држави, народи, или региони. Ова првенствено се однесува на релацијата на Русија со Запад и на односот на Русија со Исток. Која е Русија во тој однос кон Запад? Дали таа самата во културна и историска смисла е Запад? Ако не е Запад, дали е Исток? Овие аспекти се политички најексплоатираните во концептот на руската идеја, дури и до ден денес. Четврто, руската идеја најчесто се поистоветува и со прашањето за руската душа, или спецификите на националниот карактер на рускиот народ. Каков е менталитетот, духовниот хабитус, карактер на рускиот народ, постои ли воопшто такво нешто како карактер на еден народ? – тоа е прашањето кое се поставува кога во случајов се бара руската идеја. Петто, под руска идеја се подразбира специфичноста на руската националнакултура. Во овој случај, тоа е и потрага по националните вредности, кои би биле општочовечки вредности, а кои ги одразува руската култура. Под поимот „руска идеја“ понекогаш се подразбира и само комплексотна идеи - политички, социјални, историски, философски - формулирани во руската интелектуална традиција во текот на IX и XX век, кои изразуваат одреден „тип“ или „стил“ на мислење, карактеристичен за тој период, а поврзани со овие прашања споменати погоре: местото, улогата и смислата на Русија во светската историја. Значи во основа ништо повеќе од некакво специфично мислење карактеристично за одредена епоха.
Сето ова се одразува во прашањата за руската држава и политичките и општествените практики; имено, спецификите на руската идеја рефлектират специфики и во сфаќањето на проблемот на слободата, демократијата, реформите, револуцијата....и останатите општествени вредности типични за современата цивилизација. Имено, исто нешто ли подразбираат русинот и „западњакот“ под овие општо-цивилизациски поими. Што е демократија за Русија, што за Запад? На овој начин, руската идеја станува потрага по некаква автентична политика на основа на претходно разработени теориски концепти.
Саморазбирањето на русите воопшто не течело исто како на Запад, историските околности биле сосема различни, будењето на националната свест се случувало во целосно различни контексти. Додека политичките теории, теоретичари, партии и политичари, никнати на Запад (либерали, конзервативци, социјал-демократи, леви, десни, зелени) и покрај нивните политички разлики, никогаш не го поставуваат прашањето за тоа кои се, во каква цивилизација живеат, која цивилизација ја сметаат за своја, за Русија тоа прашање е сеуште актуелнои не само што е важно и актуелно, туку и не може да биде надминато и одговорено само со помош на западната политичка наука и технологија. Toa прашање не е толку технолошко, тоа е прашање на светоглед, т.е. тоа се однесува на најдлабоките основи на руското национално битие. За русите тоа е прашање да се биде или не, тоа не е политичко, туку национално, судбинско прашање. Такво било, такво останало до денес.
Зошто сета оваа наша расправа во блогот „Руска идеја“ би била интересна за нас, за Македонија и македонците? И навистина, зошто руската идеја, руската потрага по самата себе низ историјата и денес, би била интересно четиво за нас, на крајот на краиштата - што нивната потрага има врска со нас?
Прво, сметам дека на тој начин би ја запознале најголемата, барем територијално, нација во светот. Би ни се избистрила сликата за Русија и нејзините главни размисли за самата себе, во еден ваков денешен глобален и помалку еднополарен свет. А второ и директно важно за нас - во ова време кога и ние се преобмислувае и осмилуваме, таа руска потрага можеби ќе ни помогне и нам самите. Македонија, како и Русија е словенска земја, доминантно православна земја, но во срцето на Европа. А таа Европа и таа Европска Унија, кон која стремиме, е доминантно устроена на западно-христијански принципи и културата никнала, се развивала и расте на други, поинакви идеи. Каде е тука и нашето место? И навистина, кои сме ние, каде е нашето место во католичка и протестантска Европа, со античко-римско наследство? Што сме ние – словени или наследници на идејата на древна Европа? Многу пати читајќи ја и препрочитувајќи ја и нашата и руската историја, наидувам на толку многу идентични околности. Ако ништо друго, барем во трагедиите сме целосно слични - и двата народи имаат историски страданија и болки, од кои секогаш излегувале поголеми и посилни. Затоа, веруваме дека овие текстови преку разбирањето на Русија, ќе помогнат и во нашето саморазбирање.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче