10 ремек-дела од Златната ризница на Ермитаж

Државни Ермитаж
Како од еден грам злато може да се направи нитка долга два и пол метри или тенко ливче со дебелина од еден микрон (милионити дел од метар)? Со овие техники владееле древните мајстори чии дела се изложени во Златната ризница на музејот Ермитаж. Ви претставуваме 10 ремек-дела од оваа изложба.

Виртуелна прошетка по Златната ризница

1. Костромски елен (VII век пред новата ера)

Крупен златен украс во облик на фигура на елен го украсувал „горитот“ – футрола за лак и стрела на скитски воин. Овој артефакт е класичен примерок за скитскиот анимален стил. Пронајден е во 1897 година на ископувањата во областа на реката Кубањ (денешен Краснодарски крај), 77 километри од Мајкоп (Република Адигеја).

Костромскиот елен е еден од симболите на Ермитаж. Исто така е насликан како украс на еден од руските патнички авиони.

Авион на компанијата „Россия“

2. Келермески пантер (VII век пред нашата ера)

Масивен златен украс во облик на пантер исто така ја украсувал футролата за лак и стрели. Пронајден е во 1903 година за време на ископувањата на Келермескиот курган (на територијата на денешна Република Адигеја).

Курганот кај древните номадски народи претставувал ритуален модел на светот и бил дел од култот на предците – покровител и посредник во комуникацијата со боговите. Скитите сметале дека артефакт со приказ на грабливец ќе го заштити неговиот сопственик од опасност во задгробниот живот. А, златото од кое е направен украсот укажува на високиот статус на покојникот.

3. Солошки чешел (триесетти години на V – почеток на IV века пред новата ера)

Овој префинет предмет го има направено грчки јувелир по нарачка на познат Скит. На чешелот кој потсетува на прочело на грчки храм прикажана е сцена од борба на тројца воини.

Курганот Солоха во кој е пронајден чешелот научниците го препознале како гробница на скитски цар и на неговиот брат. Фино изработените детали им овозможиле на историчарите да добијат претстава за конкретни историски личности од Скитија и за нивната борба за власт.

4. Украс од футрола за лак и стрели со сцени од Ахиловиот живот (IV век пред нашата ера)

Масивна златна плоча со гравура е пронајдена за време на ископувањата на Чертомличкиот курган – гробница на скитските цареви. А тие се погребувале заедно со жените и љубовниците, со пехарникот и слугите, блиските воини и коњушарите, коњите и кучињата, како и со облеката, оружјето и бројни скапоцености.

На футролата е прикажана легендата за Ахил, јунак од Хомеровата Илијада и старогрчката митологија, со сцени од неговиот живот од детството до смртта. Плочата е дело на грчки мајстор, а можно е на скитскиот цар да му ја подарил владетелот на Босфорското царство. Тоа опфаќало грчки градови-колонии, а се наоѓало на територијата на полуостровот Крим и Таманскиот полуостров од V век пред новата ера до VI век од новата ера.


5. Приврзоци од курганот Кул-Оба (IV век пред нашата ера)

Артефактот е пронајден во 1830 година за време на ископувањата на полуостровот Крим недалеку од градот Керч (некогашен грчки Пантикапеј, престолнина на Босфорското царство). Приврзоците за скитскиот нарачател ги изработил грчки мајстор. На нив е прикажана божицата Атина која била популарна во регионот северно од Црно Море.

Како прототип за ликот на божицата послужила статуата на Атина Партенос (V век пред нашата ера) на скулпторот Фидиј. Статуата од злато и слонова коска е висока 13 метри и не е зачувана до денес, а порано го украсувала Партенон, главниот храм на оваа божица во Атина.

Во декорациите на шлемот на малата Атина уфрлена е скитска симболика. Ликот на божицата-воин бил близок на менталитетот на номадските Скити. Пред бракот нивните сопруги се бореле во војни.

6. Сарматската дијадема од курганот Хохлач (I век од нашата ера)

Во текот на изградбата на водовод во околината на Новочеркаск (современа Ростовска област) во 1864 година е ископана богата женска гробница – курган познат под називот Хохлач. Во него е погребана жена која веројатно била сарматска свештеничка и царица. Сармарите биле соседи на Скитите кои ги потиснале од областа северно од Црно Море.

Најважната скапоценост на гробницата бил „калаф“ - дијадема на свештеницата на сарматското божество на плодноста. Кај дрвото на животот кое е прикажано на дијадемата се движат жртвени животни кои ја одразуваат митолошката претстава на Сарматите за светот. Обликот на дијадема, женската биста изработена како камеја од кварц во центарот и приврзоците припаѓаат на античката традиција. Дијадемата веројатно ја направил јувелир од Босфорското царство кој добро ги познавал сарматските обичаи.

7. Дијадема од курганот Бољшаја Близница (IV век пред нашата ера)

Во областа околу реката Кубањ, на Таманскиот полуостров, откриен е курганот Бољшаја Близница, во кој веројатно биле погребувани свештениците на Босфорското царство. Еден од пронајдоците бил мајсторски изработениот „калаф“ – украс за глава во облик на кошница, атрибут на богињата на плодноста.

На него се прикажани Аримаспи, митски народ кој според верувањето живеел на североисток од Стариот свет (веројатно кај денешен Урал), како се бори со грифони.

8. Колекција индиска јувелирска уметност од династија на Могулското царство (XVII век)

Персискиот владетел Надер-шах во 1739 година го освоил градот Делхи, престолнина на Могулското царство, која се наоѓаа на територијата на современа Индија, Пакистан, Бангладеш и Авганистан од XVI до XIX века. Од Делхи однел толку богатства што во Персија во текот на три години не собирал данок.

20 предмети се испратени во Петербург како дипломатски подарок во 1741 година. Даровите од Персија патувале две години на 14 слонова.

На изложбата се претставени неколку садови, шолји, послужавник, чинии, украси за глава под називот „егрети“ и ножна нараквица. Златните предмети се украсени со необработени смарагди, рубини, дијаманти и бисери.


9. Иранска сабја со смарагди (почеток на XIX век)

Надер-шах од Делхи однел големо количество скапоцени камења кои не се ваделе во Иран. Ова придонело на традицијата персиското ладно оружје да се украсува со скапоцени камења.

Во колекцијата на Ермитаж се чува сабја од челик, чии корици и дршка се украсени со злато и со емајл, смарагди, спинели и дијаманти.

10. Кинеското жезло на Жуи (XVIII век)

Жезол долг 59 сантиметри направен од злато со филигранска техника и украсено со огромни бели нефрити и свилена китенка била симбол на власта и остварување на желбите.

Претставниците на кинеската династија Ѓинг го донеле во 1895 година како подарок на принцот Николај Александрович, идниот цар Николај II со желба да му се оствари сѐ што ќе науми.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња