Пет причини да го гледате новиот руски филм „Мајсторот и Маргарита“

Михаил Локшин, 2023/АМЕДИА
Веќе во првата недела од прикажувањето, филмот снимен по мотивите на познатиот роман на Михаил Булгаков стана најгледаниот.

Романот за доживувањата на ѓаволот во сталинистичка Москва долго време се спротивставуваше на објавувањето, а потоа и на адаптацијата. Многу уметници се навраќаа на „проколнатата“ книга, меѓу кои и Баз Лурман и Елем Климов (режисер на ремек-делото „Оди и гледај“). Меѓутоа, бројни проекти никогаш не беа реализирани, а три филма и две серии, кои на крајот беа снимени, не беа крунисани со успех. Во Русија оваа зима во кино-дистрибуцијата конечно се појави шестата екранизација на славниот роман.

1. Често може да се слушне дека романот на Булгаков носи несреќа. И навистина, адаптацијата не течеше лесно. 

Медиумите сакаат да шпекулираат за проклетството на „Мајсторот и Маргарита“ и како наводно работата на адаптацијата над книжевното четиво и снимањето секогаш ги следеле со несреќи. На пример, Олег Басилашвили, Воланд во серијата што ја сними режисерот Владимир Бортко во 2005 година, привремено го загуби гласот на сетот.

Покрај тоа, новинарите открија дека по премиерата, во интервал од само неколку години, дошло до „мистериозна серија“ на смртни случаи на актерите, кога починале 18 од нив. Се разбира, сето тоа се суеверија, но мора да се признае дека сите обиди за адаптација на романот биле проследени со значителни тешкотии. А ни новиот филм не е исклучок во таа смисла.

Филмот првично требаше да го режира Николај Лебедев („Легенда бр. 17“), кој го напиша и сценариото. Меѓутоа, се појавија проблеми со авторските права, бидејќи некои од наследниците на писателот ги продале правата на одредени компании и се покажа дека, паралелно со руската верзија, Холивуд работи на алтернативна адаптација со Баз Лурман („Големиот Гетсби“) на чело. 

Кога правните прашања сепак беа регулирани, започна пандемијата. Снимањето беше прекинато, а Лебедев се префрли на снимање на воената драма „Нирнберг“. Работата на проектот „Мајстор и Маргарита“ ја презеде друг тим кој значително го промени концептот.

2. Филмот го сними Михаил Локшин, еден од најперспективните режисери, чие дебитантско остварување „Сребрени лизгалки“ стана хит на Нетфликс.

Михаил Локшин се стекна со популарност со реклами и музички спотови. Во 2014 година, меѓу другото, сними рекламен спот за пивото „Сибирска корона“ во која ѕвездата на „Досиеја Икс“ Дејвид Диховни, кој има руски корени, фантазира што ќе се случеше доколку пораснеше во Русија. Овој исклучително краток филм стана вирален во рускиот сегмент на интернетот.

Локшин го сними својот дебитантски филм „Сребрени лизгалки“ во 2020 година. Станува збор за божиќна бајка за џепчии-лизгачи во амбиентот на царскиот Петербург. Првиот руски филм прикажан како оригинална содржина на Нетфликс. Пред тоа, во категоријата „оригинални“ проекти на сервисот беа прикажани само две руски серии - „Подобри од луѓе“ и „Епидемија“. Веднаш по прикажувањето на платформата „Сребрените лизгалки“ се најдоа меѓу петте најгледани.

Адаптацијата на романот „Мајсторот и Маргарита“ е второ режисерско остварување на Локшин. Сценариото го потпишува Роман Кантор, сценаристот на „Сребрени лизгалки“, автор кој работеше и на „Епидемија“ на Павел Костомаров.

3. Во новата адаптација се среќаваме со нелинеарна нарација, како филмовите на Кристофер Нолан.

И додека Николај Лебедев имаше намера повеќе да се држи до текстот и да се фокусира на темата „писателот и неговата публика“, Локшин и Кантор решија да развијат постмодернистичка линија на романот и да ја преработат книгата во стилот на филмовите „Почеток“ или „ Престиж“ на Кристофер Нолан.

Сижејната рамка е зачувана. На филмското платно се пренесени и љубовната приказна на „Мајсторот и Маргарита“, и местенките на Воланд и неговата придружба, и „Евангелието според Мајсторот“, апокрифот за Христос кај Понтиј Пилат, римскиот прокуратор кој го испратил Христос на крстот. Меѓутоа, сложената конструкција наликува на кукла матрјошка, една приказна се одвива во друга, а во неа се развива друга и така натаму, при што раскажувањето е секогаш паралелно.

И тоа не е само постапка заради постапка, туку начин да се објасни како е организирана лабораторијата на писателот.

Мајсторот на филмското платно е многу повеќе сличен на вистинскиот Булгаков отколку во книгата. Практично Евгениј Циганов, еден од најпознатите актери во Русија, го игра самиот писател. Реалните факти од биографијата на Булгаков, борбата против цензурата, репресијата, предавството на пријателите, се трансформираат во фантазмагорични содржини.

4. Воланд го игра ѕвездата на „Клетници“ Август Дил, а Пилат Клас Банг од серијата на Би-Би-Си „Дракула“ која ја снимија авторите на „Шерлок“.

Филмот има одличен кастинг. И додека Воланд во претходните екранизации беше злокобен умешен старец, ѓаволот во интерпретацијата на Дил е весел, немирен љубител на шеги. Тој искрено ужива судејќи ги московјаните. Одлични се и руските актери, особено Циганов како Мајсторот и Јулија Снигир во улогата на Маргарита (актерите се брачен пар). Снигир на странските гледачи им е позната по акциониот хит „Умри машки: Добар ден за умирање“ (2013) и серијата „Новиот папа“ на Паоло Сорентино.

5. Визуелниот свет на филмот е спој на арт деко во стилот на „Големиот Гетсби“ на Лурман и сталинистичкиот стимпанк.

Дејството на филмот се одвива во фантазијата на ликовите, па авторите не се ни обиделе да го доловат вистинскиот изглед на Москва во триесеттите години на минатиот век. Грандиозниот сталинистички ампир е предимензиониран до точка на гротеска, па често гледаме сталинистички солитери кои личат на месопотамиски зигурати. „Оживеани“ се и големите градежни проекти од таа ера кои никогаш не беа реализирани, останувајќи да сведочат за своето постоење само на хартија, меѓу другото и познатиот Дворец на Советите со сто метри висока скулптура на Ленин на врвот, додека во воздухот лебдат футуристички воздушни дирижабли.

Московјаните во филмот знаат убаво да се одморат. Џез-концертите во затворениот клуб на писатели потсетуваат на забавите на богаташите од „Големиот Гетсби“. Сесијата на црна магија во театарот е проследена со ревија на високата мода во париски стил, а придружбата на Воланд ефектно игра италијанска комедија дел арте. На крајот, големиот бал кај Сатаната е јасно инспириран од претхристијанската, па дури и предантичката уметност, а дизајнот на облеката и ентериерот повеќе се однесува на древниот Египет и Вавилон.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња