Десет задолжителни руски сликари на сите времиња

Култура
АЛЕКСАНДРА ГУЗЕВА
Нивните дела се чуваат во музеите ширум светот. Покрај тоа станаа нераскинлив дел од рускиот културен код, така што ги знаат апсолутно сите ученици.

1. Андреј Рубљов (околу 1360-1438(40))

Најпознатиот руски иконописец кој живеел во раздобјето на 14 и 15 век. Ретки се неговите дела, икони и фрески во храмовите кои се зачувани до наши денови. Најпозната е иконата на Рубљов „Троица“ насликана во дваесеттите години од 15 век за Троица-Сергиевата лавра.

На оваа икона уметникот за првпат визуелно ја формулирал една од главните христијански догми за божественото тројство. (Тука прочитајте повеќе) Неодамна беше донесена одлука „Троица“ од Третјаковската галерија каде што се чува да се врати во Лаврата.

2. Александар Иванов (1806-1858)

Религиозното сликарство зазема голем сегмент во руското сликарство сѐ до крајот на 19 век. Еден од најистакнатите претставници е секако Александар Иванов. Уметникот својата најпозната слика „Појавувањето на Христос пред народот“ ја сликал дваесет години, а кога ја видела светлината на денот претставувала голем настан.

Делото го купил императорот Александар Втори и му го подарил на московскиот „Румјанцевски музеј“ во кој за нејзиното изложување е изградена специјална сала. Сликата што ги остава посетителите без здив и денес е една од најпопуларните во Третјаковската галерија истовремено не оставајќи ги рамнодушни сегашните уметници. Така да кажеме класичарот на современата уметност Ерик Булатов на оваа слика ѝ го посветил своето дело „Сликата и гледачите“

3. Иван Ајвазовски (1817-1900)

Најзначајниот руски маринист се родил на брегот на Црното море на Крим и токму таму поминувал најмногу време, набљудувајќи и сликајќи морски пејзажи. Ајвазовски бил и офицер, сликар на Главниот поморски штаб, во своите дела е преокупиран со водната стихија. За најпозната и највпечатлива негова слика важи „Деветтиот бран“.

На платното е доловено море по бура. Луѓето што имаат доживеано бродолом се обидуваат да се спасат на малечки катарки, загрижено гледајќи го огромниот бран кој им се заканува да ги поклопи.

4. Иљја Репин (1844-1930)

Еден од највпечатливите руски реалисти работел со голем успех во различни жанрови. Неговите портрети се одликуваат со неверојатна природност и изразност, меѓу другото тој е автор на десетина портрети на Лев Толстој. Има насликано и легендарни историски платна како „Иван Грозни и неговиот син Иван на 16 ноември 1581 година“.

Го има насликано и монументалното „Свечено заседание на Државниот совет на 7 мај 1901 година“, на кој има повеќе од 60 портрети на високи службеници. Една од најпознатите слики на Репин е „Бурлаци на Волга“ која припаѓа на жанровското сликарство.

5. Иван Шишкин (1832-1898)

Гениј на реалистичкиот пејзаж и вљубеник во руската шума има насликано десетина слики чии главни „јунаци“ се боровите, шумичките и дабовите шуми. Негова најпозната слика е „Утро во боровата шума“ (мечките ги насликал Константин Савицки).

Умешноста на Шишкин во поглед на играта на светлината и на сенката е ненадмината, а шумите ги има во широк спектар од магловити или зимски, до оние низ чии крошни се пробиваат зраци сончева светлина. Ништо помалку позната не е ни сликата „'Рж“ на која доминира пат среде златните полиња од ‘рж, како и омилените борови на уметникот

Во советско време репликите на неговите дела беспоштедно се препечатуваа, наоѓајќи се на поштенски марки, на плакати и на бонбониери.

6. Валентин Серов (1865-1911)

Реалистот и модернист Серов му бил ученик на Репин. Познат пред сѐ како портретист, сликал по нарачка портрети на членовите на царското семејство, самите императори, како и познати личности како што се кнегињата Јусупова или композиторот Римски-Корсаков, но и своите колеги-сликари. Една од неговите најзапаметени слики е „Девојката со праски“, портрет на ќерката на мецената Сава Мамонтов.

Во подоцнежните дела на Серов воочлива е дистанцата од реализмот и влијанието на модерната. Познати слики од тој период се портретот на голата танчарка Ида Рубенштајн и „Киднапирањето на Европа“.

7. Василиј Суриков (1848-1916)

Суриков е мајстор на историзмот и на руското сликарство. Им дал живот на цела низа заборавени содржини. Едно од првите и најпрепознатливи негови историски дела е „Утрото пред погубувањето на стрелците“. На сликата се гледа Црвениот плоштад, Храмот на Василиј Блажени и стрелците кои по налог на Петар Велики се погубени поради бунтот од 1698 година.

Многу слики на некој начин биле поврзани со Сибир, впрочем самиот уметник бил родум од Краснојарск и имал можност да види како живееле старообредниците (за што сведочи „Болјарката Морозова“, прогонети и преселени).

На сликата „Меншиков во Берјозово“ некогаш уважениот државен достоинственик и личност блиска на Петар Велики е прикажан во сибирско прогонство во мала бедна колиба.

8. Василиј Кандински (1866-1944)

Кандински важи за еден од родоначалниците на апстрактното сликарство. Во втората деценија од дваесеттиот век, по долго експериментирање ги направил првите апстрактни слики и композиции по кои подоцна ќе биде препознатлив.

Уметникот бескрајно си играл со формите, со геометријата и со боите. Не придружувајќи се на идеологијата во советската уметност, емигрирал во Германија, а потоа во Франција, од каде патот на неговите слики во музеите ширум светот бил отворен. „Сликата со бели линии“ на Кандински стана една од најскапо продадените на аукциите во историијата.

9. Казимир Малевич (1879-1935)

Малевич е еден од најоригиналните сликари на руската авангарда. Неговите рани дела се одликуваат со фигурација, а влијанието на импресионизмот („Пролет. Расцутена градина, 1914“) и фовизмот („Автопортрет“, 1908) се чувствувал. Меѓутоа, полека се движел во насока на сопствените откритија во сликарството и изумувањето на супрематизмот, чија суштина е олицетворена во 1925 година во „Црниот квадрат“.

За првпат е претставен на футуристичка изложба со претензија на скандал, со оглед дека е изложен во „црвениот агол“, со векови најпобожното место во руската куќа, наменето за икони. Сликите на Малевич денес се едни од најскапите на светот. Неговата „Супрематистичка композиција“ е продадена на аукцијата на Кристи за 85,8 милиони американски долари, и овој рекорд сѐ уште не е соборен.

10. Иљја Кабаков (1933-2023)

Советскиот уметник и илустратор стана главен руски концептуалист, познат во целиот свет. Раните дела се одликуваат со класичен стил, а настанале под влијание на неговиот учител Роберто Фалко, за потоа да работи како сликар-декоратер, и паралелно да го пронаоѓа оригиналниот уметнички израз. Создал цел правец кој потоа е наречен московски концептуализам и собрал бројни истомисленици. Во осумдесеттите години од минатиот век еден од првите започнал да работи на целосни инсталации.

Најпознатите меѓу нив, „Човекот кој од својата соба полетал во космосот“, „Тоалет“, Нема сите да ги поведе во иднината“, и денес се изложуваат во најголемите светски музеи. Во овие дела, на примерите од советското секојдневие го промислувал минатото, сегашноста и иднината.