Кабаков се заинтересирал за уметноста за време на Втората светска војна. Бил евакуиран од Днепропетровск во Самарканд и започнал да ги посетува предавањата на Ленинградскиот институт за сликарство, скулптура и архитектура, кој исто така беше преселен во Узбекистан. Потоа во 1944 година се преселил во Сергиев Посад, а потоа почнал да ја посетува Московската уметничка школа и живеел во пансион од својата 12 година до запишувањето на Институтот „Суриков“.
Во потрага по сопствениот израз Кабаков деконструирал класични слики. Така е создадено „Момче“ – интерпретација на Витрувијанскиот човек и злобна метафора на официјалните слики. Не случајно Кабаков вака ја опишал: „Сликата има изглед на модел...“
За време на студиите на Институтот земал часови кај Роберт Фалк. Предавањата во неговото ателје Кабаков ги опишува како „контакт со големото сликарство“. Раните дела на уметникот настанале под влијание на уметничкиот стил на неговиот наставник, вклучувајќи го и автопортретот во скијачка капа. Тоа е последното дело што уметникот го има насликано на класичен начин.
Откако дипломирал на отсекот за графика, Кабаков започнал да се занимава со илустрација на книги и списанија. Работел на дизајнот на во тоа време популарните детски списанија „Мурзилка“ и „Весели слики“, на мноштво сказни и образовна литература. Неговата кариера на илустратор траела триесет години. За тоа време има создадено визуелни слики за 150 книги. Навистина, самиот велеше дека не сака да прави детски илустрации, но тоа го правеше добро.
Напоредно се занимава со сликање за своја душа, создавајќи дела кои принципиелно се разликуваа од официјалните. Меѓу ваквите експерименти е серијата „Туш“. Во неа се огледа уникатната уметничка визија на Кабаков. Работата на неа ја започна кон средината на шеесеттите години, а во 1965 година „Туш“ е прикажан на изложбата „Алтернативна стварност II“ во Италија покрај делата на Рене Магрит и Дејвид Хокни. Во СССР серијата „Туш“ не наиде на разбирање и беше третирана како „завера“ која ја прикажува сиромаштијата на советските луѓе. А, западот откри нов советски уметник.
Кон крајот на шеесеттите години од минатиот век Кабаков заедно со уметникот Јул Состер во потпокривот на зграда на Сретенскиот булевар во Москва направи ателје. Мошне брзо жителите од округот на стара Москва, односно Кабаков, Булатов, Виктор Пивоваров, Едуард Штејнберг и Владимир Јанкиљевски станаа познати како „школата на Сретенскиот булевар“. Кабаков сѐ почесто користи текст во своите дела. Така настана фигуративната слика „Бубачка“ со песничка од детска книга што уметникот своевремено ја илустрираше. Инсектот што мирува на лист „одлично се вклопува во мојата колекција“, изјави уметникот. Направен е со масло на шперплоча. На аукција на Phillips de Pury во 2008 година сликата беше продадена за рекордни 5,84 милиони долари.
Осумдесеттите години од минатиот век за Кабаков беа доба на големи експерименти. Европските музеи сакаа да организираат негови самостојни изложби, но уметникот не можеше од земјата да го изнесе потребното количество дела, па се реши да ризикува: нацрта прирачник за правење негови копии, па изложбите беа организирани онака како што и беше планирано. Во исто време, во своето ателје на Сретенскиот булевар започна да работи на инсталации кои личеа на сценографија од нечиј живот. Набљудувачите можеа да погледнат внатре, да го проучат животот на непостоечка личност, дури и да одат низ таа инсталација. Самиот уметник за своите инсталации велеше дека се „тотални“. Така настана нов жанр во современата уметност. Едно од првите вакви дела е „Човекот кој од својата соба одлета во космосот“. Во центарот на собичката излепена со постери и цртежи на летало се наоѓа катапулт, а судејќи по пробиениот плафон нејзиниот станар успеал да го оствари својот сон.
Кабаков заедно со Виктор Пивоваров создаде посебен правец – албуми. Од 1970 до 1975 година уметникот работеше на циклусот „Десет ликови“ чии јунаци „Примаковкојседиворманот“ (токму така, споено), „Дарежливиот Бармин“, „Архипов кој гледа низ прозорецот“ и останатите жители на огромната „комуналка“ кои настојуваат да се скријат во својот приватен живот и да избегаат од опкружувањето. Ставајќи ги своите херои во секојдневието на заедничкиот стан, уметникот создава воопштен приказ на животот во советска доба: „вака не се може, а ни поинаку не може“. Во њујоршката галерија на Роналд Фелдман во 1988 година се појавија ѕидовите на „комуналката“ и „Десетте ликови“ како тотална инсталација. Посетителите ѕиркаа во собите и набљудуваа како живее „Ѓубреџискиот човек“, „Неталентираниот уметник“ и „Човекот кој обира туѓи мислења“. Но, самите нив не можеа да ги видат зашто жителите на овие соби, како и во албумите, исчезнале.
Едно од најмоќните дела на Кабаков, барем кога станува збор за емоциите, е „Албумот на мојата мајка“. Од спомените на својата мајка Берта Солодухина напечатени на машина за пишување, а исто така од фотографии од Запорожје и од Москва, уметникот има направено 76 листови „албум“ кои прават тотална инсталација. Во неа е животот полн со оскудност, исчекувања, искушенија. Патувањето низ инсталацијата е проселедно со песни на уметникот кој изведува руски романси. Но, кога посетителите ќе пронајдат од каде допира звукот, тешко можат да го скријат разочарувањето зашто тој е затрупан со купишта ѓубре.
Во 1989 година Кабаков емигрираше во Берлин каде ја запозна својата идна сопруга Емилија Леках со која се пресели во САД. Оттогаш сите дела ги создаваат во соавторство, потпишувајќи ги како „Иљја и Емилија Кабакови“. Неколку месеци пред распадот на Советскиот Сојуз уметникот во Дизелдорф ја претстави инсталацијата „Црвениот вагон“ – исказ за советската доба. Гледачите по конструктивистички скалила се качуваат во просторот каде со музика од триесеттите и од четириесеттите години на минатиот век, можат да ја набљудуваат панорамата на идеална земја со воздушни бродови, згради и други градби. За да стасаат до излезот се спуштаат по скршени скалила, а таму ги пречекува отпад кој останал од изградбата на вагонот. Патувањето низ инсталацијата претставува своевидна „прошетка“ низ историјата на СССР од неговото создавање до неговото исчезнување. Неколку години подоцна Иљја Кабаков за инсталацијата „Црвениот вагон“ го доби Златниот лав на Биеналето во Венеција. Во 2011 година уметникот оваа поставка му ја подари на Ермитаж.
Во текот на деведесеттите години од минатиот век Кабаков беше на врвот од своето творештво. Неговите дела се прикажуваа на големи уметнички форуми и музеи, вклучувајќи го Биеналето во Венеција, Центарот Помпиду и Музејот на современата уметност во Њујорк (МОМА). Учествуваше и на прочуената изложба на современата визуелна уметност Документа. За неа ја креираше инсталацијата „Тоалет“. Среде идиличните пејзажи на градот Касела никна класична бетонска градба со зборовите М и Ж, но внатре посетителите можеа да видат дом со отоман и со килим на ѕидот, креденец и поставена маса. Со тоа не се кажува дека советските луѓе биле принудени да живеат во тоалети, но дека повеќе ја нема ни онаа земја во која животот во заедничките станови можеше да се комбинира со возвишените тежнеења на неговите станари.
Ова е еден од најдолговечните проекти. Веќе ги мина половина свет. Задачата му е да ги учи луѓето за заемно почитување и да го подигне нивото на толеранцијата во светот. Во создавањето на инсталацијата секогаш се ангажираат деца со кои со месеци се организираат работилници на кои се разгледуваат прашања за прифаќањето на други култури. Напоредно со ова децата на темата создаваат цртежи кои потоа служат како едра на „бродот“. Проектот за првпат беше реализиран во 2005 година во Египет во оазата Сива каде што живее племето Бербери. Потоа бродот „наминуваше“ во Италија, во Швајцарија, во Обединетите Арапски Емирати, на Куба и во Русија.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче