Објаснување на сликата на Василиј Суриков „Утрото пред погубувањето на стрелците“

Третјаковска галерија
Огромното платно со разнородна толпа ги воодушевувало и истовремено ги плашело современиците. Што е прикажано на него? Кои се стрелците? Зошто се погубени? И што се крие зад овие вавилонски поместувања?

Димензиите на оваа слика изнесуваат 2,1 х 3,7 метри. Ова е прво дело на Василиј Суриков на тема од руската историја и негово прво големо платно што ѝ е прикажано на јавноста. „Неговата (на Суриков) појава во уметничкиот свет со сликата 'Погубувањето на стрелците' беше вчудовидувачка. Никој нема почнато на таков начин. Тој не се подготвуваше долго, не се прилагодуваше, но како гром се претстави со ова дело“, вака изложувањето на делото го има опишано Александра Боткина, ќерката на колекционерот и на основачот на Третјаковската галерија Павел Третјаков.

Сликата за првпат е претставена во 1881 година во Санкт Петербург на 9 Изложба на група руски уметници позната како „передвижници“. Павел Третјаков ја вклучил во својата колекција, носејќи го платното директно од изложбата.

Кои биле „стрелците“ во Русија?

Војската „стрелци“ се појавила уште во времето на Иван Грозни во 16 век. Таа била дел од регуларната војска. Стрелците се избирале од слободните жители на селата и на приградските населби. Во служба се примале најспособните момчиња, поради што стрелците имале репутација на елитна војска. Понекогаш ги споредувале со јаничарите во Османската Империја или со француските мускетари.

Службата во стрелци била доживотна, а подоцна станала наследна. Стрелците живееле одвоено од останатите жители во своите населби, а за ваквата преданост кон царот и државата добивале плата во пари, како и различни повластици: бесплатен леб, ткаенини, судски и даночни олеснувања. Нивни знаци на распознавање биле посебниот крој на кафтаните и на капите со обод од крзно, како и поседување огнено оружје.

Токму нив царот ги упатувал во многу воени кампањи во состав на пешадијата – од походот на Казањскиот ханат во 1552 година, па до Северната војна 1700-1721 година. Но, стрелците воедно биле познати и како оние што ги задушуваат народните буни. За време на царот Алексеј Михајлович нивната положба станала максимално привилегирана. Се сметале за главно упориште на старото уредување. Но, за време на Петар Велики сѐ се сменило.

Зошто Петар I ги погубил стрелците?

Кон крајот на 17 век буните биле редовна појава. Причина за тоа била реформаторската активност на Петар Први – радикална и сурова – која ги зафатила сите слоеви на општеството. Стрелците не биле исклучок.

Во тоа време нивната плата била мошне скромна. А, реформите на Петар со цел европеизација на земјата ја влошиле нивната и онака тешка положба: над нив биле поставени полковници од редот на странците кои, според нивното мислење, ги угнетувале, ги презирале и доцнеле со платата. Како нови елитни единици се издвоиле „полковите од нов тип“ што Петар ги создал според европски модел, додека стрелците станале еден вид градска полиција.

Стрелците упатиле официјална жалба во која изјавиле дека ќе се пресметаат со своето раководство доколку „на врвот“ никој не се занимава со нивните проблеми. Но, прашањето не било решено. И во 1698 година, додека Петар бил во Европа, четири стрелечки полка (околу 2,2 илјади лица) организирале побуна. Таа била задушена од споменатите „полкови од нив тип“.

Царот бил многу погоден од востанието. Тој не го доживеал како социо-економски протест, но како обид за државен удар што го извела неговата сестра и некогашна регентка принцезата Софија. Петар сметал дека токму таа ги поттикнала стрелците на побуна. Поради тоа одлучил да ги подвргне на сурови репресии, при што и самиот учествувал во мачењата, извлекувајќи сведоштва против Софија. По мачењето 799 стрелци биле погубени јавно. Дел од нив ја дочекале смртта во Москва на Црвениот плоштад.

Што е прикажано на сликата?

Суриков го насликал раното утро наспроти погубувањето на стрелците есента 1698 година. Местото на случувањето е Црвениот плоштад во Москва. Осудените се изведени на Лобното место, бесилките веќе биле поставени по должината на ѕидините на Кремљ. Шарената разнородна толпа, која била составена од стрелци (облечени во бели кошули на осуденици на смрт), нивните семејства и обични љубопитни луѓе, е спротивставена на стројот на војниците на Петар и на самиот цар.

„На мојата слика не прикажав крв, и погубувањето сѐ уште не е започнато“, рекол Суриков. Сликарот во сижето за погубувањето намерно не прикажал ниту еден обесен за да не го тргне вниманието од она најважното: исклучителниот историски момент. Заедно со учесниците на оваа побуна во неповрат заминувала цела една епоха – Стара Русија. На нејзино место доаѓа нова држава од европски тип.

По што е специфична оваа слика?

Во 19 век сликите на историски теми биле популарни, но биле реализирани во академски стил, со помпезна и театрална композиција. Суриков бил против академизмот и се залагал за веродостојност, што го издвојувало од масата уметници.

Додека работел на сликата, подробно ја проучил старинската облека и деталите од опкружувањето од тоа време, консултирал извори и читал дневници на современиците на овие настани. Меѓу другото, со цел што поверно да ја долови атмосферата од пред 200 години, сликарот го користел дневникот на Јохан Корб, секретар на австрискиот амбасадор и сведок на погубувањето на стрелците. Царот го насликал според постоечки портрет. За сите останати ликови на сликата нашол модели.

Важен детаљ претставуваат запалените свеќи во рацете на стрелците. Според уметникот, оваа глетка – свеќа запалена дење – кај него се поврзува со трагедија, смрт и безизлезност (дење свеќи се палеле само на погреби). Тој многу години во себе ја носел оваа слика, додека не остварил на платно. „Сакав тие пламени да осветлуваат... затоа на целокупната слика ѝ дадов нијанса на извалканост“, запишал тој. Токму свеќите што горат рано наутро будат немир кај набљудувачот.

На сликата нема „празен простор“, толпата зазема практично четири петини од платното. Затоа се чини дека сликата е мошне неорганизирана. Но, толпата е всушност главниот јунак. Суриков сликите од овој тип ги нарекол „хорски“. Од левата страна толпата ја „крунисува“ Храмот на Василиј Блажени, што ја симболизира стара Русија. Од десната страна стројот војници и царот се олицетворение на строгата дисциплина и на државата. Овој раскол на општеството и државата на сликата го премостуваат соочените погледи на Петар со стрелецот со лисеста брада.

Но, истовремено особено се значајни ликовите на стрелците кои заминуваат на погубување и војниците во униформи што ги придружуваат. Како што вели историчарот на уметноста Иљја Дорончеков, доколку тие двајца би се издвоиле од контекстот на сликата, би можеле да помислиме: ова се двајца другари кои се враќаат дома и пријателски се придржуваат. Ова укажува на чувството дека народот поделен по волја на историјата истовремено останува единствен, што е „восхитувачка карактеристика на платното на Суриков“.

Зошто Суриков одлучил да ја наслика ова слика?

Според неговото сопствено издание, уметникот за стрелците размислувал за време на патувањето од Петербург во Сибир, од каде што е родум. А, кога заминал во Москва и излегол на Црвениот плоштад, сите ликови се појавиле пред него до најситни детали: „Запрев недалеку од Лобното место, се загледав во контурите на Василиј Блажени, и одеднаш во мојата имагинација се прикажа сцената на погубувањето на стрелците, и тоа толку јасно што срцето почна да ми чука. Почувствував дека, доколку го насликам она што го видов, тоа ќе биде исклучителна слика“.

Суриков на ова платно работел три години и не се занимавал со други теми. Работел онаму каде што живеел, во малиот стан на Зубовскиот булевар. Во малата соба со ниски прозорци сликата била поставена речиси по дијагонала, и кога Суриков работел на еден детаљ од сликата, не може да го види нејзиниот втор дел. А, за да ја согледа во целина морал да ја набљудува од другата соба. Ноќе сонувал погубувања и мошне длабоко го доживувал она што го сликал.

Критичарите на сликата ѝ дале мошне висока оцена, што го поттикнало уметникот да ги истражува драматичните настани од руската историја. По „Стрелците“ во осумдесеттите години од 19 век насликал уште две монументални платна: „Меншиков во Берјозово“ (1883) и „Болјарката Морозова“ (1887).

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња