Пет ремек-дела на Александар Иванов што секој треба да ги знае

Третјаковска галерија/Public Domain
Сцените од Библијата и од митологијата на неговите слики се прикажани како живи. Мајсторот на големото платно создавал дела со неверојатно многу детали, истакнувајќи ги дури и најтенките емотивни нијанси. Ова се неговите најважни остварувања.

„Пријам го бара од Ахил телото на Хектор“. 1824 година

„Во него гледам сликар којшто многу ветува“, рекол за Александар Иванов професорот на Академијата за уметност Василиј Григорович кога првпат видел самостојна слика на Иванов. Не постоел сомнеж дека синот на сликарот Андреј Иванов ќе тргне по стапките на татка си. Во него рано се разбудила љубовта кон сликањето. Тој учел да слика во ателјето на татка си, за разлика од другите студенти на Руската царска академија на уметностите кои живееле во просториите на оваа школска установа. Успехот на младиот Иванов бил очигледен. Покрај тоа што го совладал класичното сликарство, успеал во своите дела да постигне и драмска длабочина. За ова дело 18-годишниот сликар добил мал златен медал.

„Појавувањето на воскреснатиот Христос на Марија Магдалена“ (скица)“, 1834 година

Есента 1830 година Иванов заминал во Рим на стажирање. Планирал да наслика копија на „Создавањето на Адам“ во Сикстинската капела и да слика скици со библиска тематика. Одлучил претходно, за почеток, да наслика друга сцена, кога воскреснатиот Христос ѝ се јавува на Марија Магдалена. Првите што ја виделе биле фасцинирани. Книжевникот Алексеј Тимофеев не го криел своето воодушевување, велејќи дека на Иванов му тргнало од рака да ја прикаже Христовата величественост и кроткост. По изложбата во Капитол сликата е испратена во Петербург, каде била свечено пречекана. Академијата на уметностите му доделила на Александар Иванов звање академик, а сликата му била подарена на Николај Први. Скицата од сликата во 1877 година ја купил Павел Третјаков.

„Октомвриски празник во Рим. Сцена во лоѓија“, 1842 година

Сликарот практично постојано работел на „Јавувањето на Христос на народот“, но стасувал да прави жанровски скици на колизии што ги забележал во сокачињата и на плоштадите во Рим. На акварелот „Октомвриски празник во Рим“ Иванов го прикажал танцот „Воздишка“ кога една девојка прашува друга кој го освоил нејзиното срце, а останатите го туркаат „овојувачот“ во средина. Во ателјето на сликарот често доаѓале гости, меѓу другите и членови на императорското семејство. И принцот Александар Николаевич со својот учител Василиј Жуковски го посетил Иванов во 1838 година. Идниот цар Александар Втори бил задоволен од платното и наложил на сликарот во следните три години да му се исплаќа месечна заработка за да може да го заврши делото.

„Апиевиот пат на зајдисонце“, 1845 година

Огромното платно го исцрпувалo сликарот, одземајќи му го и времето и здравјето. Поради болеста на очите неколку пати бил принуден да се откаже од работата во ателјето, па во 1845 година Иванов заедно со младиот мозаичар Егор Солнцев отпатувал во предградијата на Рима за таму да „бара убави места“. Пејзажот во околина на Албано толку ги фасцинирал што веднаш почнале да го сликаат. За својата слика на древните урнатини и погледот на Рим во далечина Иванов велел дека не е завршена.

„Јавување на Христос на народот“, 1837-1857 година

Иванов дваесет години работел на своето животно дело, посветено на јавувањето на Христос на народот за време на крштевањето во Јордан. Најпрво насликал мала верзија, а потоа решил тоа да го наслика во величина на историска слика. Покрај многубројните скици направени за „Јавувањето“, Иван насликал околу двесте скици на библиски теми кои не се поврзани со сликата. Императорката Александра Фјодоровна и великата кнегинка Ољга Николаевна во 1857 година го посетиле ателјето на Иванов, по што сликарот им ја отворил вратата на сите посетители и овозможил во текот на десет дена секој да го погледне неговото најголемо дело. Имало толку многу заинтересирани што морал да го продолжи периодот на посети. Во мај 1858 година повторно дошол во Санкт Петербург по 28 години живот надвор од татковината. „Јавувањето“ заедно со цртежите и скиците било изложено во Академијата на уметностите каде што дошле над 300.000 посетители. Неколку недели подоцна сликарот починал од колера. Сликата за 15.000 рубли во сребро ја купил императорот Александар Втори. Набргу ја испратил во Москва на изложба и тогаш царот одлучил да ја предаде сликата на Румјанцевиот музеј. Подоцна, во текот на дваесеттите години од минатиот век, „Јавувањето на Хрисос на народот“ е преместена во Третјаковска галерија, каде што за оваа огромна слика е направена посебна сала.

*Изложбата „Александар Иванов – мајстор на акварелот. Жанр и пејзаж“, ќе биде отворена во Третјаковската галерија од 20 мај до 5 ноември 2023 година.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња