10 култни анимирани филмови на студиото „Сојузмуљтфиљм“

Култура
АЛЕКСАНДРА ГУЗЕВА
Во Русија овие цртани и децата и возрасните ги знаат практично напамет.

Студиото „Сојуздетмуљтфиљм“, подоцна познато како „Сојузмуљтфиљм“ е отворено во 1936 година, како што се смета, лично со одлука на Сталин. Првото седиште на студиотo во Москва се наоѓало во реконструирана црква. (За историјата на студиото подетално дознајте тука).

На почетокот советските аниматори во технички поглед се угледувале на легендарниот Дизни. Но, набргу развиле свој уметнички јазик и голем број технички иновации, создавајќи анимирани филмови коишто светот ги уважувал и ги сакал и, што е најважно, коишто и денес со задоволство ги гледаат и возрасните и децата.

1. „Мојдодир“ (1939)

Мијалникот оживува и започнува да го кара момчето зашто е секогаш валкано. Му се заканува дека ќе ги повика своите „војници“ – сунѓерите за бањање и сапуните – за добро да го истријат „замачканото небањато прасенце“.

Советските цртани филмови имале задача да го воспитаат новиот советски човек и да му всадат вистински вредности, учејќи ги децата да се дружат и да ги слушаат родителите, но на банални работи, како што е одржувањето лична хигиена, којашто е важна за здравјето.

„Мојдодир“ (во буквален превод „Миј додека не направиш дупка“, односно „Миј за сѐ да чади“) од песната на Корнеј Чуковски, а потоа од екранизацијата на Иван Иванов-Вано, стана вистински пример за советските деца.

2. „Грбавото Коњче“ (1947)

Волшебниот коњ често се среќава во руските сказни. Тоа му помага на Јовче-будалчето, најмладиот и најсреќниот од тројцата браќа. Авторската сказна на Пјотр Ершов за основа го има токму ова сиже. Јовче-будалчето го среќава магичното коњче кое знае да лета. Тоа му помага на Јовче во сите негови авантури и дури и му го спасува животот.

Цртаниот филм на Иван Иванов-Вано му се допадна и на Дизни, а во 1950 година освои специјална награда од жирито во Кан. Во 1975 година режисерот направи нова верзија на цртаниот филм, вклучувајќи епизоди кои не се најдоа во верзијата од 1947 година.

3. „Црвениот цвет“ (1952)

Тргнувајќи на далечно патување преку морето, трговецот ги прашува ќерките што да им донесе. И додека постарите бараат скапи подароци, најмладата Настенка бара само црвен цвет. За време на бура брановите го носат бродот на необичен остров, каде што во дворецот живее страшно чудовиште...

Режисерот Лев Атаманов ја сними руската варијанта на „Убавицата и ѕверот“ (според мотивите на сказната „Црвениот цвет“ на Сергеј Аксаков). Овој долгометражен филм требаше да го запознае младиот гледач не само со старата народна сказна, но и да му ја долови Стара Русија, прикажувајќи панаѓур, тврдина од бел камен и руски народни носии.

4. „Снежната кралица“ (1957)

Денес децата ширум светот го обожаваат „Замрзнатото кралство“ на Дизни. А, во СССР бајката на Ханс Кристијан Андерсен е екранизирана уште во педесеттите години од минатиот век.

Момчето Кај и девојчето Герда живеат во соседство и се дружат. Бабата им раскажува приказна за злата Снежна Кралица, но потсмешливиот Кај ѝ вели дека, ако ја сретне, ќе ја турне во печка за да се истопи. Снежната кралица одлучува да го опамети и да го скрши волшебното огледало од кое стакла паѓаат во окото и во срцето на Кај, па тој станува бесчувствителен и зол. Набргу Снежната кралица го носи Кај на санка во својот северен дворец, а храбрата Герда тргнува на пат за да го спаси, совладувајќи притоа неверојатни пречки.

5. „Вовка во Тридеветтото царство“ (1965)

Едно советско момче се наоѓа во Тридеветтото царство – волшебен свет во кој сретнува јунаци од различни руски сказни, чии заплети се препрлетуваат. Тој не знае ништо самиот да направи, па затоа бара помош од златната рипка, од двајцата браќа од ковчегот, од чаршавот што самиот се постила. Притоа Василиса Премудра му ги објаснува задачите од советскиот учебник по математика.

Комедијата на Борис Степанцев требала да им покаже на децата дека е важно да се учи и да се биде самостоен. А, исто така притоа ги запознава со руските народни сказни.

6. „Момчето и Карлсон“ (1968)

Едно шведско момче сретнува необичен човек со пропелер кој е мошне немирен. Тие стануваат другари, но момчето постојано го караат за сите бели на Карлсон. Сепак, пријателот не го напушта момчето во неволја, иако неговите родители не веруваат дека Карлсон постои.

Патем, популарниот цртан филм придонесе шведската писателка Астрид Линдрен да стане омилена кај советските деца. Режисерот Борис Степанцев на светот му го подари симпатичниот Карлсон кој лета на мотор и јаде слатко со својот другар момчето.

Патем, гласот на Карлсон е на глумецот Василиј Ливанов, најпознат по улогата на Шерлох Холмс од осумдесеттите години од минатиот век, за која доби орден од Велика Британија. Тој својот глас му го позајми и на крокодилот Гена, како и на многумина култни јунаци од советските цртани филмови.

7. „Вини Пу“ (1969)

Сите ја знаат приказната за Вини Пу, добродушното кадифено мече од позната приказна на Алан Милн. На руски јазик приказната е објавена во слободна преработка на Борис Заходер. И врз основа на неа е снимен советски цртан филм кој стекна неверојатна популарност.

Во цртаниот филм на Фјодор Хитрук го нема ниту тигарот, ниту кенгурот, ниту самиот Кристофер Робин, но тука е оригиналниот, неповторлив Вини Пу кому гласот му го позајми глумецот Евгениј Леонов. За авантурите на Вини и за неговото трогателно пријателство со прасенцето Пјатачок снимени се три цртани: „Вини Пу“ (1969), „Вини Пу оди на гости“ (1971) и „Вини Пу и ден полн со грижи“ (1972). Како и многу други советски цртани филмови, речениците од „Вини Пу“ станаа популарни цитати, додека песните од цртаниот ги знае секое дете.

8. Серијата за Чебурашка

Крокодилот Гена работи во зоолошката градина како... крокодил. А, навечер седи сам дома. Затоа решава да најде другари. Во кутија од портокали наоѓа необично суштество со големи уши по име Чебурашка. Тие започнуваат да се дружат и заедно да се борат против безобразието на старицата Шапокљак.

Приказната за Чебуршка и Гена од книгата на Едуард Успенски „Крокодилот Гена и неговите другари“ во анимиран филм ја преточи Роман Качанов. Вкупно се снимени четири филма: „Крокодилот Гена“ (1969), „Чебурашка“ (1971), „Шапокљак“ (1974) и „Чебурашка оди на училиште“ (1983).

Овие јунаци се стекнаа со голема популарност и заживеаја во масовната култура. Не е случајно што филмот „Чебурашка“ (2022), кој го користи омилениот лик, стана најгледан во целата историја на руската кинематографија со 850 милиони гледачи. Исто така, ушлестото суштество им се допадна и на гледачите од Јапонија, каде што дури и се снимаа римејкови: долгометражен филм и телевизиска серија.

9. „Ежето во магла“ (1975)

Навидум станува збор за едноставна приказна во која ежето оди на гости кај мечето, но се губи во маглата и доаѓа во волшебниот свет. Меѓутоа, Јуриј Норштејн литературната основа на Сергеј Козлов ја преточи во цртан фил кој е прогласен за најдобар во целиот свет и кој доби награди на повеќе филмски фестивали.

Јунаците малку зборуваат и нивните дијалози се едноставни, како за најмалите деца, но филозофскиот поттекст е толку силен што се смета дека ова е цртан за возрасни.

Норштејн користи сопствена авторска постапка за да постигне уметничка убедливост: снимање низ повеќеслојни стакла. Со помош на оваа техника постигнат е ефектот на магла, како и тродимензионелан ефект.

10. „Тројца од Простоквашино“ (1978)

Фјодор е момче кое е исклучително самостојно и паметно. Тој запознава улична мачка по име Матроскин и ја носи дома, но родителите се против вклучување нов член во семејството. Тогаш Фјодор и мачорот Матроскин им оставаат на родителите порака и заминуваат во селото Простоквашино. Тука се запознаваат со кучето Шарик и заедно се вселуваат во празна куќа каде што водат домаќинство.

Цртаниот филм според мотивите на романот на Едуард Успенски „Чичко Фјодор, кучето и мачорот“, има дадено многу познати фрази во секојдневниот говор, а гласот на мачорот Матроскин во изведба на глумецот Олег Табаков стана особено омилен.

Делото на режисерот Владимир Попов стана толку популарно што потоа беа снимени уште две епизоди „Распуст во Простоквашино“ (1980) и „Зима во Простоквашино“ (1984). Сега се планира снимање цела серија за Чичко Фјодор, но пради правниот конфликт излезе само една епизода – „Простоквашино“ (2018).