Кој е Јовче Будалчето, главниот среќник во руските бајки?

Морозко, 1964 / реж. Александр Роу / Киностудия им. М. Горького
Овој лик нé учи дека човек не мора да биде неверојатно храбар и силен за да постигне големи нешта во животот. А добрината и досетливоста се поважни од силата и храброста.

Во рускиот фолклор постои цела серија приказни за неверојатно глупав млад човек по име Иван Дурак (Јовче Будалчето). Тој често прави работи кои се неверојатни според глупоста и апсурдноста. Меѓутоа, тој секогаш се извлекува - и, згора на тоа, благодарение на неверојатната среќа, станува богат или дури се жени со принцеза. Како толку глупав човек стана народен херој и која е моралната поука на таквите бајки?

Што го прави Јовче Будалчето толку посебен?

Иван е едно од најпопуларните руски народни имиња. Всушност, има древно потекло од хебрејското име Иоханан (кое веројатно е едно од Божјите имиња: Јахве или Јехова). Рускиот Иван е македонскиот Јован, англискиот Џон, францускиот Жан, италијанскиот Џовани... Старата црковнословенска форма на ова име била Иоанн. 

Кратенката и неформалната форма на името Иван е Вања. А „дурак “ е будала. Така, во различни приказни овој лик може да се нарече и Вањка-дурак или Иванушка-дурачок, што е многу мека и нежна верзија на прекарот.

Јовче Будалчето обично е селски младич, син на сиромашни и стари родители (а многу често и трет син во семејството). Обично, Будалчето прави некои апсолутно непријатни нешта и ги расипува работите. На пример, родителите ќе го пратат да купи храна, но додека се враќа дома, тој подарува сé, ги храни птиците, па дури и својата сопствена сенка, на пример. Или од него се бара да купи маса - но наместо да ја донесе дома, тој заклучува дека масата има четири нозе исто како и коњот и затоа може сама да трча дома, па затоа ја остава масата на патот...

Има многу приказни кои ја опишуваат глупоста на Јовче. Но, во исто време, на самиот крај на приказната, на Јовче одеднаш му се посреќува и тој успева во сите негови работи и потфати. Додека двата постари сина делуваат според принципот на практичниот разум, Јовче, потпирајќи се на сопствената интуиција, често носи неконвенционални одлуки, дури и сосема спротивни на здравиот разум. Истовремено тој не бега од чудните совети кои ги добива отстрана, и верува во легендите и митовите за магични суштества и светови.

На пример, во популарната приказна „Сивко-Бурко“, Јовче дознава за легендата за магичниот коњ по име Сивко-Бурко кој може да му помогне во сé. Коњот треба да се повика на чисто, отворено поле и, кога ќе дојде, треба да му се влезе во десното и да се излезе од левото уво, и така тој ќе се претвори во убав млад човек. Звучи чудно, нели? Двајцата постари браќа се потсмеваат на легендата, но Јовче се обидува и - всушност успева! Подоцна, со помош на тој магичен коњ, тој успешно ќе заврши тешка, предизвикувачка задача и, како резултат на тоа, ќе се ожени со принцеза!

Зошто од будала да се прави херој?

Народните приказни обично го одразуваат националниот карактер. Јовче Будалчето е таков народен херој, обичен и наивен човек кој немал ништо, а добил сè. Тоа е речиси дефиниција за рускиот сон. Да бидеш со ниско потекло и социјален статус, да немаш шанси да постигнеш големи нешта во животот (и всушност ни да не се трудиш), но отворен за чуда и чекајќи да ти помогне некоја натприродна, магична моќ.

Јовче Будалчето обично се потпира на рускиот феномен на „авос“, вообичаена претстава во фолклорот и животот на обичниот човек. Тоа е надежта за успех, без да се направи ништо за постигнувањето и затоа, реално, нема ни многу причина за успех. Тоа е искрена надеж и доверба во помошта од Бога и натприродните сили.

И конечно, обичните луѓе мораа да веруваат во приказни, а магичните суштества и згодните принцови кои прават некои големи работи не се толку реални и лесно за верување.

Советските власти неверојатно ги прифаќаа руските народни приказни. Како што тоа го дефинираше револуционерниот водач Ленин, народните приказни и магичните бајки првенствено ги изразуваат „аспирациите и очекувањата на народот“. А незаслужено угнетените ликови (како што е најмалиот син, или паштерката како Пепелашка) од најниските слоеви на општеството, станаа нови херои. Наивниот, неук селанец конечно ја постигнува својата цел, додека образованиот и богат човек е оставен и поразен - тоа е совршен заплет за советската пропаганда.

Имаше многу играни и анимирани филмови произведени уште во советско време со Јовче Будалчето во главната улога: „Како будалчето Јовче патуваше во потрага по чудо“, „Василиса прекрасна“, „Коњчето Грбавко“ и многу други.

Феноменот на најмалиот брат

Како што споменавме претходно, често Јовче е третиот син во семејството и се разликува од неговите постари браќа. Тие обично веќе си го живеат својот живот самостојно и често се главните ривали на Јовче. Неговата глупост ги нервира неверојатно, го тепаат, но потоа стануваат љубоморни на неговата луда среќа и му се апсолутно лути. Во некои приказни дури се обидуваат и да го убијат за да му го украдат богатството - но наместо тоа се измамени и надмудрени.

Всушност, оваа линија на дејствието ги одразува реалните околности на најмладите селански синови. Најчесто постарите браќа рано јан напуштаат родителската куќа и си градат своја, додека најмалиот останува кај родителите (најчесто веќе стари луѓе) и им помага. Тој и неговата сопруга живеат со нив додека не починат и потоа ја наследуваат куќата (што често прави постарите браќа да му завидуваат).

„Мотивот на незаслуженото угнетување и прогон што го претрпел херојот го одразува процесот на пропаѓање на првобитното комунално уредување, патријархалниот поредок, транзицијата од кланот“, пишува фолклористот Елеазар Мелетински во книгата „Јунакот на волшебната приказна“. „Тој го отсликува распаѓањето на големо семејство во вид на неслога во мало семејство, на пример, во вид на предавство на постарите браќа спрема помладиот“.

Традицијата на „света будала“ во руската култура

Јовче има чуден однос кон магичните сили и, бидејќи е со отворен ум, е единствениот кој успева да комуницира со другите светови. Ако бараме паралели во реалниот живот, постоел руски феномен наречен „света будала“. Тоа обично биле монаси-скитници кои воделе многу аскетски начин на живот, најчесто оделе боси и носеле излитена облека. Нивната „будалаштина за Христа“ била намерна; се однесувале како будали, што им овозможувало гласно да ја кажат сета горчлива вистина што никој друг не смеел да ја каже. Овие безумници биле сметани за „блажени“ и речиси свети (дури и царевите имале обичај да ги слушаат и нивните зборови ги доживувале како пророштва). Значи, во традицијата на Руската православна црква било општоприфатено да се биде попустлив спрема будалите, да им се помага, да се хранат и да се облекуваат.

Која е разликата меѓу Јовче Будалчето и принцот Иван?

„Јунакот на една волшебна руска бајка е најмладиот од тројцата браќа, или во облик на Јовче Будалчето, селански син, или како принцот Иван (како што се среќава во епско-херојските бајки)“, наведува Мелетински.

Така, покрај Јовче Будалчето, руските бајки имале уште еден познат Иван – принцот Иван (царскиот син). И покрај истото име и функција, тој е поинаков лик - силен, храбар и убав младич кој обично оди на долго и комплицирано патување за да ја спаси принцезата од злите сили (како што е Кашчеј Бесмртниот). Принцот Иван може да јава волк, да ја фати магичната огнена птица, а сите животни му помагаат во тешките предизвици и потфати. Конечно, на крајот јунакот го освојува срцето на прекрасната принцеза што ја спасил.

Иако Иван е принц и царски син, тој обично е љубезен и нерасипан момчак (израснат без право на престолот). И само поради таа причина се чини дека Јовче Будалчето е поблизок на обичниот руски човек. „Вањка дурак“ станал многу вообичаен прекар за селанец, многу наивен и не многу образован човек, но вистински, искрен човек, со многу човечност и некој кој навистина верува во Бога, магија и чуда.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња