Во 1970-тите години во СССР почнаа да се појавуваат сè повеќе цртани филмови со сложен заплет, кои многу често не беа ни наменети за деца. Во некои од нив смислата беше толку длабоко филозофска и повеќеслојна што не сите можеа да сфатат што сакал да каже режисерот.
Одамна веќе класика на советската анимација, овој цртан филм е само на прв поглед едноставна бајка за пријателството меѓу Ежето и Мечето. Во филмот, Ежето оди да го посети Мечето и по пат ќе се најде во густа магла каде почнуваат да му се случуваат чудни работи (сретнува прекрасен бел коњ, наидува на дрво кое го претставува влезот на оној свет, го следи страшен був, лилјаци и за малку ќе се удави во реката). На крајот од филмот, тој пристигнува во куќата на својот пријател, каде заедно пијат чај и ги бројат ѕвездите. Филмот е полн со референци на „Божествената комедија“ од Данте Алигиери.
„Додека го цртавме Ежето, ја гледавме иконата на Исус Христос од Андреј Рубљов. Требаше да се долови припадноста на јунакот на целото човештво. Неговиот поглед, движењата...“, изјави режисерот. „Се работи за приказна за тоа како нашата вообичаена состојба одеднаш може да стане катастрофална, под влијание на околности за кои не ни претпоставуваме дека постојат“, се зборовите на режисерот.
Десетминутниот мјузикл е базиран на бајката на рускиот писател и основач на музикологијата Владимир Одоевски, „Гратче во табакера“. Едно момче се обидува да разбере како функционира табакерата и да влезе во неа. Тој сонува дека навистина влегол во табакерата во која се наоѓа цел град. Живите бои и остриот стил на афектација го засилуваат впечатокот што го создаваат хаотичните сцени од „светот“ на кутијата и сето тоа заедно може да изгледа речиси застрашувачки.
Сликар оди да слика во природа, но неговите планови ги попречува вонземјанин. Слетувајќи на Земјата, тој се обидува да го разбере светот околу него имитирајќи го она што го гледа. На крајот, уметникот го учи вонземјанинот да ја свирка мелодијата „Speak Softly, Love“ (Зборувај тивко, љубов) од филмот „Кум“.
Во студиото на „Арменфилм“ на чело со режисерот Роберт Сакјанц настанаа веројатно најбизарните цртани во колекцијата кои сепак не се лишени од морал. Еден старец фаќа риба што зборува и која го моли да ја пушти, велејќи: „Направи добро дело и фрли го во вода. Нема да исчезне, туку со добро ќе ти се врати“. Старецот ја пушта рибата, но бидејќи сега нема што да јаде, тешко воздивнува во очај и случајно со тие воздишки повикува чудовиште од земјата. Еден патник го спасува старецот фрлајќи магија и истерувајќи го чудовиштето. И како што излегува, во ликот на патникот била рибата што старецот ја пушти.
„Психоделичноста“ на цртаниот филм се манифестира во пренагласеноста: чудовиштето постојано се реинкарнира, без никакви проблеми преминувајќи од една во друга форма. За дополнителниот ефект придонесуваат надреалистичките дијалози меѓу рибата-патник и чудовиштето. Рибата дава нејасен и збунувачки одговор на секое прашање, формулирајќи на тој начин апсолутно луда глупост - брзалка која дефинитивно го исфрла чудовиштето од колосек и тоа одлетува во вселената каде што е погоден од метеор.
Во овој цртан филм гледачот наидува на истиот старец како во филмот „Риба што зборува“. Старецот оди на риболов со својот внук. Тие случајно фаќаат тегла од која излегува древен волшебник кој потоа го краде момчето за тоа да стане негов наследник. Целото царство на волшебникот го наговара момчето да остане и му пее „Остани момче кај нас, ќе ни бидеш крал“ (Тоа е највозбудливиот дел од цртаниот филм. Погледнете го, нема да зажалите).
Во цртаниот филм има многу чудни ликови: суштество половина човек-половина риба со огромна уста, крокодил со автомобилски трепкачи, риба со човечки нозе, чудовишта што голтаат бродови и аквариум на дното на морето.
Нараторот, скокајќи од тема на тема, зборува за човек кој оди в шума по новогодишна елка. Меѓутоа, тој не успева да го исече дрвото и паѓа во виор на апсурдни настани. До елка доаѓа дури напролет, од третиот обид.
Според зборовите на режисерот, раководството на филмското студио го одбило првиот наслов на филмот, а конечниот „Паѓаше ланскиот снег“ му се појавил на сон. За да не го заборави, го напишал насловот на подот со карминот на неговата сопруга.
Иако овој анимиран филм е снимен во 1985 година, неговата премиера беше една година подоцна, но изменет. Раководителот на филмското студио не дозволи прикажување на филмот со образложение дека „ништо не е јасно“ и дека тоа е просто „безобразно“. Филмот трае само четири минути. Еден мршојадец се обидува да научи ној да лета, но на крајот се покажува дека нојот трча побрзо отколку што мршојадецот лета и „спорот“ меѓу крилјата и нозете е решен во полза на нојот.
Во песната што се слуша во цртаниот мјузикл „32 декември“ неколку пати се повторува реченицата „Верувајте, не вреди да се карате за секоја ситница“, во која е сумирана и неговата смисла. Дејството се врти околу брачна двојка која се скарала поради меѓусебни обвинувања за измама во пресрет на дочекот на Новата година, вечерта на 31 декември. Сопругата вели дека сопружниците не се разбираат бидејќи според јапонскиот календар таа е коњ, а тој мајмун. Тие се претвораат во споменатите животни, а на патот на возот на Дедо Мраз застанува жената во лик на коњ и поради тоа Новата година може и да не дојде.
Ученик пишува состав на тема „Моето семејство“ додека го гледа популарното телевизиско шоу „Клуб на патници“ за туризам и патувања. Мислите на момчето се испреплетуваат со гласот на телевизискиот водител и составот станува бесмислен. „Помеѓу Урал и Алтај широко се протега мојата баба. На неа растат мов, печурки и лишаи“. На сличен начин момчето пишува и за другите членови на своето семејство, а описите се придружени со соодветни фантастични видеа.
Анимираниот филм започнува со дефиниција на зборот „фрустрација“, по што се појавува куче што завива на месечината. Месечината завршува во машина за мелење месо, а од супстанцијата во која се претвора настануваат чудни суштества кои се проголтуваат едни со други. Филмот е протолкуван како политичка сатира фокусирана на реформите во земјата кои не дадоа никакви резултати или како филозофска парабола за залудноста на животот.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче