10 алтернативни имиња и прекари на Санкт Петербург

Legion Media
Првите години по неговото основање во 1703 година, градот го носел холандското име Санкт-Питер-Бурх, благодарение на што меѓу народот се задржало алтернативното име Питер. Во исто време, според бројот на имиња и прекари, Санкт Петербург е апсолутен лидер меѓу градовите во Русија. Ова се некои од неговите најпопуларни алтернативни имиња и приказните за тоа како настанале.

1. Градот на Нева 

Санкт Петербург е најголемиот град на брегот на реката Нева и целата негова историја е приказна за тоа како човекот ја скротил водената стихија. Во текот на три века во Санкт Петербург се забележани над триста поплави. Најразорните се случиле во 1824 година (водата се искачила на 421 сантиметар) и 1924 година (на 380 сантиметри). Денес градот е заштитен од водата со систем на брани и хидротехнички структури: нивната изградба траеше 32 години.

Патем, Петербург лежи на 33 острови! Подетално за тоа дознајте овде!

2. Петров град 

Оваа парафраза, која се стекнала со популарност благодарение на поетот Александар Пушкин, нè потсетува на основачот на градот, Петар I. Во 1703 година тој започнал со изградба на тврдина на територијата што на почетокот на Северната војна (1700-1721) ја освоил од Швеѓаните.

Во 1712-1714 година царот ги префрли административните институции во Петербург во изградба. Тоа бил единствениот случај кога престолнината на една држава девет години формално се наоѓала на територијата на друга држава. Имено, освоените територии официјално станале руски дури во 1721 година, по завршувањето на војната и потпишувањето на мировниот договор од Ништат.

Царот го нарекол градот во чест на својот небесен заштитник Свети Петар, но со текот на времето тоа почнало да се доведува во врска со самиот Петар Велики.

Во оваа статија ги рушиме митовите за изградбата на Санкт Петербург

3. Прозорец кон Европа 

По победата во Северната војна, со изградбата на новата престолнина Петар I направил многу повеќе отколку само да обезбеди пристап на Русија до Балтичкото Море. Петербург е изграден според европскиот модел на пристанишен град и на тој начин Петар ја интегрирал земјата во културниот и економскиот простор на Европа.

Метафората „прозорец кон Европа“ ја употребил Пушкин во поемата „Бронзениот коњаник“ и таа фраза така се раширила меѓу народот.

Тука град ќе биде изграден

За инает на надмениот сосед.

Природата ни дала дар суден,

Кон Европа прозорец да отвориме:

До море со цврста нога да застанеме.

4. Петроград

Петербург стана Петроград во 1914 година. Со влегувањето во Првата светска војна Русија, имено, почна да се ослободува од сé што е „германско“ и името на главниот град беше „преведено“ на руски јазик. Во 1924 година името повторно беше сменето, но на картата останаа Петроградскиот остров и историскиот реон Петроградска страна. 

Петроградска страна

5. Ленинград  

Градот го промени своето име во Ленинград во чест на Владимир Ленин, кој почина во 1924 година. Името на „водачот на руската револуција“ го носеше до 1991 година. По распадот на СССР историското име беше вратено. Сепак, областа околу градот го задржа името Ленинградска, како и некои објекти: Ленинградската зоолошка градина во Санкт Петербург и Ленинградската железничка станица во Москва. Претставниците на постарата - советската - генерација и денес Петроград понекогаш го нарекуваат Ленинград.

Воопшто, во СССР градовите често гименуваа имињата во чест на советските лидери

6. Градот на три револуции 

Парафразата се утврди во советско време, кога револуцијата доби истакнато значење како увертира во создавањето на СССР.

Ова име се однесува на следниве револуции:

— Првата руска револуција од 1905-1907 година по што во Русија се појави Државната Дума, а населението доби демократски слободи;

— Февруарската револуција од 1917 година, која доведе до укинување на монархијата;

— Октомвриската социјалистичка револуција (Октомвриски преврат) во 1917 година, по што власта во земјата ја презедоа болшевиците.

Како престолнина Санкт Петербург многупати беше место на настанок на штрајкувачки движења, масовни протестни собири, вооружени востанија и бунтови кои се ширеле низ целата земја.

7. Северна, како и културна престолнина 

Во текот на XVIII и XIX градот бил центар на културниот и политичкиот живот на Русија. Од Санкт Петербург престолнината е вратена во Москва 1918 година. Сепак, во јавната сфера, поради неговиот специфичен статус во минатото, Петербург често се нарекува „престолнина“, и тоа северна или културна престолнина.

Се смета дека називот „културна престолнина“ за прв пат го употреби првиот претседател на Русија Борис Елцин, кога во 1997 година ѝ го предаде петтото „копче“ на Централната телевизија, историски поврзано со Петербург, на московскиот канал „Култура“. Денес, фразата „културна престолнина“ е препознатлив бренд.

Подетално за тоа

8. Градот на белите ноќи 

Белите ноќи во Русија можат да се видат и на други места покрај Санкт Петербург, но најубаво е да ги доживеете токму на ова место. Проѕирниот летен самрак создава романтична атмосфера за прошетки на брегот и пловење по реките и каналите.

Сезоната на белите ноќи во Петербург трае од последната недела на мај до средината на јули. Во тоа време се одржуваат најзначајните градски манифестации - Денот на градот (27 мај), како и празникот на матурантите „Алови едра“ (третиот викенд во јуни), кога по Нева свечено плови едреникот со два јарбола „Русија“.

9. Северна Венеција 

Се смета дека Санкт Петербург првпат бил спореден со Венеција од страна на францускиот писател и патник Теофил Готје, кој во средината на XIX век двапати ја посетил руската престолнина.

Сличности има: двата града лежат на острови поврзани со голем број мостови и во текот на целата историја се бореле против поплавите. И двата се споменици на културно-историското наследство од светско значење. Сепак, при изградбата на Санкт Петербург, Петар I не земал пример од Венеција, туку од холандски Амстердам, тогаш најмоќниот европски економски и културен центар.

10. Северна Палмира

Во 1751 година Англичаните Џејмс Докинс и Роберт Вуд реализирале експедиција до урнатините на Палмира. Нивните текстови за античкиот град и владетелката на Палмирското царство Зенобија се здобиле со голема популарност во Европа.

Ликот на амбициозната царица, која создала моќна армија и била покровителка на културата, ѝ се допаднал на руската царица Катерина II, па неа почнале да ја нарекуваат „Балтичка Зенобија“, а нејзината престолнина, според тоа, Северна Палмира.

Во Русија, кон средината и во втората половина на XVIII век (за време на владеењето на Екатерина II) станале популарни идеите на класицизмот, кој црпеше инспирација од антиката, така што споредбата на Петербург со Палмира се вкоренила во свеста на луѓето.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња