Кога Санкт Петербург беше руска престолнина

Legion Media
Пред повеќе од три века руската престолнина прејде од Москва во Санкт Петербург, а потоа два века подоцна статусот на главен град ѝ беше вратен на Москва.

Русија низ историјата има неколку престолнини, односно, точно шест. Сепак, овој привилегиран статус најдолго го имаат Москва и Санкт Петербург. На крајот на 14 век, по време на феудална поделба и војни помеѓу кнезовите, Москва станува центар на обединување на руските градови. Во 16 век Иван Грозни ја прогласува Москва за главен град на руските земји, а себеси си ја доделува титулата цар.

Москва на тој начин станува речиси светиња и срце на руската цивилизација. Во црквите на московскиот Кремљ се крштевани, крунисувани и погребувани сите руски цареви... сè до крајот на 17 век кога на престолот доаѓа Петар Велики. Тој уште од детството има пријатели меѓу Германците и е чест гостин во германската населба во близина на Москва.

На Петар му се допаѓа аскетскиот начин на живот на Германците и со текот на времето го замразува преголемиот луксуз во обичаите на стариот двор, богато украсените, но гломазни дворски одори и гозбите на кои јадењата се служат во златни садови. Петар патува во Европа и поминува неколку години таму запознавајќи се и прифаќајќи ги обичаите и начинот на живот на Европејците, па се враќа во Русија како сосема друг човек. Одлучува да ја промени својата земја во согласност со своите сознанија. Имено, старомодната Москва не се вклопува во неговите планови.

Петар Велики посакува да изгради нов град на европски начин со утврден урбанистички план (какви што не постоеле во хаотичните руски градови). Исто така, Петар повикува европски архитекти да градат згради какви што Русија не видела порано. На новиот град му дава странско име во германски стил: Санкт Петербург, во чест на Свети Петар, неговиот заштитник.

Изградбата на новиот град започнува 1703 година, а веќе во 1712 година Петар ја сместува својата престолнина таму. Во 1721 година се прогласува за император. Со тоа Русија станува империја со Санкт Петербург како престолнина. Сé до 1918 година Санкт Петербург многу  се разликува од остатокот на земјата, и тоа не само кога станува збор за архитектурата и урбанизмот.

Санкт Петербург станува град во кој живеат странци и благородништво. Во него почесто се зборува на француски и германски отколку на руски јазик. Градот е центар на образованието и културата: балетот, музиката, литературата и сликарството. Најталентираните луѓе од империјата, како и од Европа, се сјатуваат во Санкт Петербург. Тие се вљубени во убавината на градот, како и во економските можности што ги дава. Дури и православните цркви во градот се разликуваат од оние во Москва, бидејќи многу од нив се изградени во барокен стил. До ден-денес Санкт Петербург е познат како „културната престолнина“ на Русија.

Градот се развива брзо и ги прифаќа сите видови иновации; па затоа не изненадува што во него се појавуваат револуционери. Почнувајќи од втората половина на 19 век, тие вршат терористички напади, па дури и вршат успешен атентат врз царот Александар II. Работниците почнуваат да се бунат против лошите услови и ниските плати... и на крајот избувнува револуција.

Исто како што Петар Велики некогаш сака да се ослободи од старото патријархално царство, болшевиците, преземајќи ја власта, веднаш се обидуваат да го избришат минатото на империјата. Во една од нивните мерки 1918 година тие ја враќаат престолнината на новата Советска Русија во Москва. Тоа е првенствено пропагандна одлука, бидејќи, како што се сеќавате, старата Москва е лулка на рускиот народ и не беше во контакт со странци кои не ги разбираа обичните советски луѓе: селаните и работниците.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња