Зошто во Санкт Петербург има толку многу лавови?

yulenochekk/Getty Images
Иако во овој дел на Русија никогаш немало лавови, нивни претстави во камен или метал може да се најдат речиси на секој чекор. А дали сосема случајно се нашле таму дознајте од нашиот текст.
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!

Изгледа дека скулптурите на лавови им се допаѓале на градителите на руските градови. Меѓутоа, ниту во еден друг град во Русија нема толку скулптури на лавови како во Санкт Петербург. И додека едни уживаат во зајдисонцето, други ги покажуваат забите и чуваат висечки мост, а трети ги пречекуваат гостите на благороднички имот, држејќи синџири во забите. Не се знае со сигурност колку точно лавови има во градот, а познавачите проценуваат дека ги има повеќе од три илјади. И секој лав има своја интересна приказна.

Лавовски дел

Претставите на лавовите се симболи на власт и војничка храброст и се широко застапени во европската хералдика и скулптура. Фигурите на овие животни може да се видат во Рим, Мадрид, Париз, во многу други градови и низ Македонија. Таа традиција има свои корени во античкото време. Лавовите биле главните ликови на многубројните антички грчки и римски легенди во кои се претставени како чувари на боговите.

Идејата на рускиот император Петар Велики, кој 1703 година го основал Санкт Петербург, не била да изгради град како северно пристаниште на Балтичкото море, туку моќна европска престолнина, главен град на империјата.

Санкт Петербург бил сосема поинаков од другите градови во земјата. Раскошни дворци по примерот на западните, подвижни мостови, широки улици, строго плански изградени згради и уреден јавен простор. И, се разбира, буквално, во првите денови од постоењето на градот, во архитектурата дошла до израз модата на скулптури на лавови. Па така и на бистата на Петар Велики, поставена пред неговата куќа, има забележлива муцка на лав на рамото.

Приказната за лавовите и градот послужи како идеја за култната комедија на Елдар Рјазанов од 1973 година „Неверојатните доживувања на Италијанците во Русија“.

Неколкумина Италијанци, наводно како туристи, доаѓаат во Ленинград за да го најдат богатството скриено „под лавот“, па во потрага по предреволуционернто богатство ќе го прекопаат буквално целиот град, бидејќи споменатите скулптури ги има речиси на секој чекор. Еден од ликовите ќе забележи дека во градот има повеќе лавови отколку жители.

Најпознатите лавови во Петербург

Лавовите кои си играат со топки пред зградата на Адмиралитетот се веројатно еден од најпрепознатливите симболи на градот. Скулптурите излеани од бакар се наоѓаат тука од 1832 година и од основањето на Адмиралитетот. Што мислите, какви топки се тоа?

Се покажа дека постои античка легенда според која лавовите-чувари ноќе ги држат шепите на топката за да не заспијат. И ако навистина се случи да заспијат, шепата ќе се лизне и тоа ќе ги разбуди. Во принцип, кога ќе видите лав со шепа на топка, бидете сигурни дека е на стража и е крајно внимателен.

На каналот „Грибоедов“ има мост направен во 1820-тите, кој се нарекува така – „Лавовски“. Синџирите на мостот в уста ги држат четири бели лавови од леано железо, сокривајќи ги столбовите и поврзувачките елементи.

На Свердловскиот кеј пред комплексот „Безбородко“, кој датира од средината на XVIII век, можат да се видат сите 29 скулптури. Лавовите во забите држат масивен синџир што се протега по должината на периметарот на имотот. Куќата е прилично трошна, а скулптурите се добро сочувани.

Лавовите не „живеат“ само во Санкт Петербург, туку ги има во голем број и во околината, како во Петерхоф, Павловск и Кронштат.

Митски лавови

На кејот „Петровски“ можат да се видат многу необични „шиши“ лавови. Тоа се лавови-чувари од кинеската митологија, кои најчесто се наоѓаат пред влезот во храм. Во кинеската традиција лавовите носат среќа и штитат од лошите сили. Гранитните скулптури биле направени во Манџурија на почетокот на ХХ век за еден храм, но подоцна биле подарени на руските соседи. Го красат Петербург од 1907 година.

Кинески лавови има и во Паркот на пријателство на Литејниот проспект, отворен во 2003 година. И тие ги држат шепите на топка.

Митски грифони - лавови со крилја, го чуваат Банкарскиот мост во центарот на Петербург, кој води до поранешната Асигнациска банка (денес во таа зграда е сместен Економскиот факултет). Според старогрчките легенди, токму грифони го чувале златото во земјата на Хиперборејците. Ги нарекувале и кучиња на Зевс. Тие ги чувале и паричните резерви на Руската империја. А покрај тоа, и успешно ги маскирале споевите на мостот.

Најстарите лавови ја чуваат Академијата на уметностите, тоа се сфингите, лавовите со човечки глави, донесени од Александрија во 1930-тите од еден од членовите на Академијата на науките на бранот на воодушевување од древниот Египет. Сфингите настанале пред 3500 години.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња