Кратко резиме на расказот „Пиковата дама“ од Александар Пушкин

Култура
НИКОЛАЈ ШЕВЧЕНКО
Ова е приказна за човечката алчност, толку силна што предизвикува халуцинации.

Дејство

Герман е руски царски офицер со германско потекло. Има голема страст за коцкање, но ја потиснува бидејќи смета дека нема доволно пари за да ја покрие евентуалната загуба. Затоа тој лично никогаш не седи на масата за коцкање, туку цело време ги гледа другите офицери како играат карти.

Како што доликува на типичен Германец, тој е многу дисциплиниран финансиски, т.е. не е подготвен да стави на коцка сé што поседува за да му се отвори можност да го добие она што моментално не го поседува. Герман е приврзан на принципите на претпазливост, воздржаност и трудољубивост, но во длабочините на неговата душа сè уште тлее страста за брза и лесна заработка.

Една вечер, во разговор со друг офицер, дознава дека неговиот колега има баба, стара грофица, која ја знае тајната на трите добитни карти. Таа тајна ѝ ја доверил никој друг туку грофот Сен Жермен. Герман е потресен од соопштението. Го обзема неодолива желба некако да ја изнуди таа тајна од старицата.

Тој смислува план како да обезбеди пристап до старата грофица и почнува да се додворува на нејзината млада штитеничка Лизавета Ивановна. Успева да го привлече вниманието на младата девојка и ја наговара да го пушти во куќата на ноќен состанок.

Но, наместо да оди во собата на Лизавета и да ѝ изјави љубов, како што таа очекува, Герман оди директно кај старата грофица и бара таа да му ја открие својата тајна. Не наидувајќи на разбирање кај старицата, тој вади празен пиштол и ѝ се заканува, и во тој момент старицата умира од страв.

Лизавета му помага на Герман да ја напушти куќата. Таа со гадење станува свесна дека неговото додворување било само параван за гнасната алчност.

Плашејќи се од одмазда за гревот што го направил, Герман оди на погребот на грофицата. Приоѓа до ковчегот на починатата и тогаш се случува нешто неверојатно - старицата ги отвора очите и злобно го гледа.

По тој инцидент Герман се враќа дома и пие многу, а потоа заспива. Во сонот тој гледа како му приоѓа духот на старата грофица и му ветува дека ќе му ја открие тајната на трите карти доколку тој ѝ вети дека ќе секоја ноќ ќе игра само едно делење и ќе се ожени со нејзината штитеничка Лизавета. Герман се согласува, а духот го известува дека добитна комбинација се тројка, седумка и кец.

Штом ја дознава тајната на трите карти, Герман заборава на сето друго. Сега го интересира само коцкањето во кое неконтролирано се впушта, обземен од комбинацијата на тројката, седумката и кецот. Тој ја зема целата негова заштеда и оди во коцкарница каде што луѓето веќе играат фараон со високи влогови.

Првата вечер Герман става сé на тројка и победува. Втората ноќ става на седмица сé што има, и згора на тоа и она што го заработил претходната вечер. И повторно победува, на големо незадоволство на сопственикот на коцкарницата.

Третата ноќ, кога Германецот ќе влезе во коцкарницата, сите ги оставаат своите партии и се собираат да го гледаат неверојатното картање. Овој пат, Герман става сè на кец, строго според упатствата добиени од грофицата. Но, кога ќе ја крене раката, наместо кец под неа ќе здогледа дама пик. Читателот не знае дали Герман случајно згрешил и наместо кец ја зел дамата пик, збунет од морничавата сличност на таа дама со старата грофица, или пак се работи за дејство на некаква натприродна сила.

Како и да е, Герман губи сé и преплашен истрчува од коцкарницата. Во краткиот епилог писателот наведува дека Герман го изгубил разумот и завршил во лудница. Во исто време, читателите дознаваат дека Лизавета е среќно мажена за државен службеник кој има пристојна плата.

Што се крие зад оваа приказна?

Александар Пушкин ја напишал „Пиковата дама“ во 1833 година, а ја објавил наредната година. Приказната за човечката алчност и натприродните појави станала исклучително популарна во Русија и Европа и ги поттикнала руските и француските композитори да компонираат опери на оваа тема. Еден од нив бил и Петар Чајковски.

Во „Пиковата дама“ Пушкин зборува за човечките пороци како што се алчноста, рамнодушноста и лицемерието, како и за желбата да се стекне богатство без многу напор.

И покрај неговата надворешна цврста самодисциплина, Герман станува жртва на пороците кои долго време тлеат во неговото срце. И тогаш дознава за старата грофица и нејзината тајна. Соблазнет од можноста да се збогати, тој го освојува срцето на една млада девојка и станува причина за смртта на стара грофица, и сето тоа без каква било грижа на совеста. На крајот, поради својот егоизам и својата алчност, тој губи сé што има.

Необично е што Пушкин бил инспириран да ја напише оваа приказна од неговите живи современици - руската благородничка Наталија Голицина и нејзиниот внук кој, како што се зборувало, ја замолил баба си да му помогне кога на карти изгубил голема сума пари. Легендата вели дека старата благородничка му ја открила на својот внук тајната на трите добитни карти што ѝ ја доверил грофот Сен Жермен и така го спасила.

Овде прочитајте ја кратката содржина на романот „Идиот“ на Фјодор Достоевски!