10 причини зошто Пушкин е толку кул

Vostock-Photo
На 6 јуни во Русија се празнува роденденот на големиот поет Александар Пушкин и Денот на Рускиот јазик. „Руска реч на македонски“ ви објаснува зошто овој поет треба да го знае секој човек и зошто е тој најголемото име во руската литература.

1. Го создал современиот руски јазик

Имено Пушки (1799-1837) со право се смета за творец на современиот руски јазик. Тој го отфрлил класичниот канон, според кој се пишувале одите на императорите и ја надминал границата меѓу високопарниот литературен стил и живиот разговорен јазик. Неговите творби се напишани на истиот оној јазик на кој Русите пишуваат и говорат до денешен ден.

2. Бил рекордер според жанровите

Неговото творештво е неверојатно широко. Пушкин пишувал класични оди, романтични поеми, љубовна и граѓанска лирика, романи во стихови, историски драми, реалистичка проза, повести, раскази, сказни, патешествија. И ова не е сиот список на она што тој го има создадено.

3. Успеал да напише за сè

Тој ги има одбележано основните сижеи за кои ќе се заинтересираат писателите на 19, па дури и на 20 век. Страдањата на малиот човек, пркосот на исклучителниот херој на општеството, маченичкиот избор помеѓу личната среќа и долгот, бунтот на поединецот против системот – овие теми, кои за првпат ги допрел Пушкин, понатаму ќе станат основа за делата на други големи руски писатели како што се Достоевски, Толстој, Чехов, Бунин.

4. Енциклопедиски го опишал рускиот живот

Едно од главните дела на Пушкин е романот во стихови „Евгениј Онегин“. Кон средината на 19 век тој бил наречен „енциклопедија на рускиот живот“, ете толку сеопфатно авторот во него го опишал рускиот живот и руската култура.

Опера, балет, безброј театарски постановки ја имаат зацврстено и мултиплицирано светската слава на ова дело. Романот е пишуван неколку години (од 1923 до 1831 година), се менувал и се развивал заедно со Пушкин и со епохата.

5. Зборувал едноставно за најсложеното

Уште една од причините за популарноста на творбите на Пушкин кај народот е привидната едноставност. Потврдените формулации даваат лажен впечаток дека се напишани со моментално вдахновение, сепак, дури и кус поглед на записките на Пушкин покажуваат колку сериозно тој работел на секој стих. Тој создава видлив лик со буквално два-три збора, отпечатувајќи слика во сознанието на читателот.

6. Бил храбар шегаџија

Иако по смртта има заземено посебно место во руската култура, за време на својот живот поетот бил сосема оддалечен од ликот на сериозен творец и пророк. Со префинето чувство за хумор и за стил, тој сакал да стави некое табуизирано зборче во стиховите и не се срамел од остри епиграми дури и на адреса на високопоставени чинови. Како последица на тоа, тука се дуелите и проблемите со властите.

7. Страдал за вистината

Поради својата ода „Волност“ тој поминал неколку години во изгнанство. Александар Први најпрво го прогонил на југот на Русија, а потоа го ставил во домашен притвор на неговиот имот во Михајловское (Псковска Област). Пушкин се дружел со многумина декабристи (револуционери кои барале устав и слобода за сите граѓани) и, доколку не бил прогонот, тој, најверојатно, ќе зел учество во Декабристичкото востание во  1825 година во Петербург. Тој никогаш не бил приврзаник на соборувањето на царот, тој само ја бранел слободата и личното пространство на секој човек и се борел со цензурата. „На светот среќа нема, но има спокој и слобода“, го формулирал тој она кон што ќе се стреми секој руски човек.

8. Оставил неверојатна руска лирика

Пушкин ја сакал и ја ценел женската убавина. Во народот тој ја добил репутацијата Дон Жуан, и имено тој е автор на едно од најважните стихотворби за љубовта во руската поезија „Ве љубев вас: и можеби уште пламен,/ Во мојата душа љубовен се лачи“. Притоа во романот во стихови „Евгениј Онегин“ Пушки го формулирал и главното правило за додворување во Русија „колку помалку ја сакаме жената, толку полесно ќе ѝ се допаднеме“.

9. Бил предмет за опсудување кај големите писатели

Многумина писатели ја признавале величината на Пушкин. Достоевски во 1880 година одржал долг говор за доблестите на поетот на собирот на Друштвото на љубители на руската словесност. „Особена карактеристична црта, која не се среќава кај нити еден друг уметнички гениј е способноста за светска отповикливост и за целосно претворање во гениите  на туѓите нации, при што тоа претворање е речиси совршено“, тоа била една од тезите. Иван Тургенев, авторот на романот „Татковци и деца“ исто така има зборувано за Пушкин на откривањето на споменикот во Москва: „Самата суштина, сите својства на неговата поезија се совпаѓаат со суштината на нашиот народ“.

10. Станал култен во советското време

Во СССР бил изграден вистински култ на Пушкин. Во секој училиштен кабинет по литература и речиси во секој стан задолжително висела репродукција на портретите на поетот направени од Тропинин или од Кипренски. Веќе во 1937 година биле организирани свечени настани по повод 100-годишнината од неговата смрт, а потоа се празнувале 150 години од неговото раѓање. По повод неговиот јубилеј се произведувале папироси „Во сеќавање на Пушкин“, кибрит „Пушкин“, поштенски марки, садови, сапуни, парфеми и многу други нешта со неговиот лик. Пушкин станал државен симбол.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња