„Идиот“ од Фјодор Достоевски: кратко резиме

Russia Beyond (Photo: Getty Images; Эксмо,2020)
Овој роман е прилично тежок и голем залак. Сепак, тој дава отрезнувачки увид во функционирањето на модерното општество кое се нема многу променето од 1860-тите.
Доблесен и несебичен човек се движи низ замрсеноста на тесниот социјален круг во Санкт Петербург. Од расипаните и корумпирани луѓе перципиран како црна овца, тој не се откажува од својата христолика сеопфатна љубов кон душите на грешниците и на крајот полудува.

Дејство

По неколку години поминати во швајцарска ментална установа, кнезот Мишкин патува во Санкт Петербург. Во возот среќава човек по име Рогозин.

Неочекувано станувајќи наследник на големо богатство по ненадејната смрт на неговиот татко, Рогожин планира да се ожени со убава жена по име Настасја Филиповна, која очајно ја сака и покрај нејзината репутација.

Пристигнувајќи во Санкт Петербург, кнезот Мишкин ги запознава своите далечни роднини, г-ѓата и генералот Епанчини и нивниот секретар Гања.

Читателите дознаваат дека генералот Епанчин, Гања и моќниот и богат човек по име Афанасиј Тоцки (кој сексуално ја злоставувал Настасја Филиповна кога ја зел под своја грижа како сирак, но постепено се уморил од неа како возрасна жена, бидејќи таа секогаш била лута на  него и тешко ја контролирал) имаат свои планови за идната судбина на Настасја.

Токи сака да се ослободи од неа и е подготвен да обезбеди значителен мираз на човекот кој би се оженил со неа. И генералот Епанчин сака Настасја да си замине, затоа што планира да омажи една од своите ќерки за Тоцки, доживувајќи го бракот како финансиски профитабилен бизнис. Од друга страна, секретарот Гања сака да се ожени со Настасја, не само затоа што ја смета за привлечна, туку и поради атрактивниот мираз од 75.000 рубли.

Во меѓувреме, најмладата ќерка на генералот по име Аглаја се вљубува во искрениот, несебичен и внимателен кнез Мишкин. Меѓутоа, тој е премногу невин за да сфати дека ја привлекува.

Сфаќајќи дека бракот со Аглаја му ветува повеќе социјални и финансиски придобивки, Гања не сака да се ожени до Настасја, освен ако не се увери дека навистина нема шанси со Аглаја. Мишкин ненамерно станува посредник меѓу Гања и Аглаја, но набрзо открива дека таа е згрозена од потенцијалниот вереник и го одбива.

Мишкин му кажува на својот пријател Рогожин за своите чувства кон Настасја. Љубоморен, Рогожин се обидува да го убие Мишкин, но Мишкин добива епилептичен напад, принудувајќи го Рогожин да се откаже од својот злонамерен план. Кога Мишкин закрепнува, тој уште еднаш покажува длабока несебичност, извинувајќи му се на Рогожин затоа што се сомневал дека неговиот пријател планирал да го убие.

Мишкин има чувства и за Настасја и за Аглаја. Неговата љубов кон Настасја е од сочувство, а неговата љубов кон Аглаја е од страст. Кога е принуден да избере, Мишкин ја избира љубовта од сочувство, бидејќи таа е понесебична од неговите длабоки и страсни чувства кон Аглаја.

Венчавката меѓу двајцата е договорена, но Настасја во последен момент се предомислува. Таа верува дека нејзиниот иден сопруг е премногу добар и чист за да се ожени со неа и го напушта заради Рогожин на денот на свадбата.

Кнезот Мишкин го пронаоѓа Рогожин, кој го носи дома и му го покажува мртвото тело на Настасја која ја убил. Мишкин се обидува да го смири својот напатен пријател и да му ја олесни болката. Меѓутоа, Мишкин го губи разумот и станува „идиот“. На Рогожин му се суди за убиство и осуден на егзил во Сибир. Мишкин се враќа во швајцарската ментална установа со мала надеж дека некогаш ќе закрепне.

Што се крие зад романот? 

Во пишувањето на „Идиот“, Достоевски решил да истражи како лик сличен на Христос - кнезот Мишкин – би се снашол во модерно корумпирано општество. Писателот внесува несебична и инхерентно чиста душа во општествениот хаос кој се карактеризира со сеопфатна социјална и финансиска нееднаквост.

Останатите ликови на Достоевски се суштински човечки: и покрај нивните различни карактери и животни околности, тие балансираат на работ на спасот и уништувањето, но не се во состојба да ги отфрлат своите најлоши особини за барем малку да се доближат до ликот на кнезот Мишкин, кој изгледа толку љубезен и доблесен што другите го гледаат како „идиот“, неспособен да живее во секуларно општество.

До крајот на романот главниот лик доживува и нервен слом и не може да се опорави од тоа.

Иако извел огромен филозофски потфат пишувајќи го „Идиот“, Достоевски не бил задоволен од романот. И современите читатели не беа воодушевени од книгата. Сепак, како што минуваше времето, таа се здоби со статус на едно од клучните дела на руската класична книжевност.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња