Десетте најубави храмови во Русија

Култура
АЛЕКСАНДРА ГУЗЕВА
Русија има илјадници храмови, а ние за вас (одвај!) ги избравме десетте цркви што секој треба да ги посети барем еднаш во животот.

1. Храмот на Преображението, остров Кижи, руска република Карелија

Овој бисер на рускиот север е изграден уште во 1714 година. Предавањето вели дека некој мајстор го подигнал храмот без ниту еден клинец, со помош на само една секира која потоа ја фрлил во Онешкото езеро за никој да не може да го повтори неговиот подвиг.

Храмот има осумаголна основа, неколку нивоа и 22 куполи. Заедно со уште еден дрвен храм, камбанаријата и оградата го сочинуваат архитектонскиот ансамбл кој се нарекува Кишки Погост и претставува објект на светското наследство на УНЕСКО.

2. Успенскиот храм, град Владимир

Во некои други историски околности градот Владимир денес можеби би бил престолнина на Русија, и тогаш овој храм би бил еден од главните симболи на Русија, како што е денес Храмот на Василиј Блажени на Црвениот плоштад. Оваа црква исто така е под заштита на УНЕСКО. Храмот на Успението на Пресвета Богородица е подигнат во 1158 година кога тука владеел кнезот Андреј Богољубски, синот на основачот на Москва Јуриј Долгоруки.

За време на својата долга историја храмот бил изложен на многу несреќи. На пример, Монголците го запалиле на почетокот на 13 век. Тогаш жената и ќерката на владимирскиот кнез се скриле во храмот и ги изгубиле своите животи во пламенот. За време на реставрацијата во 19 век тука случајно биле откриени фрески на Андреј Рубљов, прочуениот иконописец од крајот на 14 и почетокот на 15 век.

3. Храмот на Покровот на реката Нерла, Владимирска област

И овој храм потекнува од добата на Андреј Богољубски. Ова е воедно и најпознатиот симбол на моќта и на процутот на Владимирско-суздаљското кнежевство во периодот на неговото владеење. Според мислењето на сликарот и реставратор Игор Грабар, црквата на Покровот на Пресвета Богородица на реката Нерла е најсовршениот храм подигнат во Древна Русија.

Црквата од бел камен се наоѓа во близина каде Нерла се влева во Кљазма. Често водата надоаѓа и покрај ливадата околу храмот, а црквата се наоѓа на помало ритче така што тоа претставува исклучителна глетка.

4. Храмот на Дмитриј на крвта, Углич

Многу легенди се испредени за убиството на престолонаследникот Дмитриј, синот на Иван Грозни. Најчесто се споменува верзијата дека Борис Годунов сакал по секоја цена да дојде на власт и поради тоа им наредил на своите луѓе да го заколат принцот како единствен законски наследник на царот (не сметајќи го слабоумниот Фјодор). На местото на убиството, на брегот на реката Волга каде се издига калето во Углич, подигнат е најпрво дрвен храм, а потоа во 1692 година на негово место е изградена црква од камен.

Во храмот се зачувани исклучително вредни икони од 18 век на кои е прикажана сцена од убиството на принцот Дмитриј.

5. Храмот на Христовото Воскресение, Форос

Овој необичен храм е подигнат на карпа на Форскиот брег, на јужниот брег на Кримскиот полуостров. Изграден е во 1892 година по повод чудесното спасување на императорското семејство во воз кој на патот за Крим излегол од шините. Покривот на вагонот се урнал над царското семејство, а царот Александар Трети со своите плеќи го држел дури не стасала помош.

По револуцијата храмот бил затворен и опљачкан, а во Втората светска војна во него бил сместен одред на советската армија. Храмот сериозно бил оштетен во нападите на германската авијација. Во советскиот период властите неколку пати имале намера да ја кренат црквата во воздух и на нејзино место да подигнат лекувалиште или вили за државниците, но по некое чудо плановите останале нереализирани. По перестројката храмот е повторно отворен и во него се врши богослужба.

6. Знаменскиот храм во Дубровици, Московска област

Една од најнеобичните руски цркви порано била дел од имотот Дубровици кој им припаѓал на угледни московски семејства. Сега во благородничките куќи се наоѓаат ресторани и матичната служба, така што наоколу секогаш има млади двојки кои по венчавањето се сликаат пред убавиот храм.

На крајот на 17 век црквата ја изградиле непознати италијански архитекти кои ги ангажирал кнезот Голицин, тогашен сопственик на имотот и воспитувач на Петар Први. Во советскиот период камбанаријата била крената во воздух, а храмот служел како музеј, а потоа бил затворен.

7. Никољскиот поморски храм, Санкт Петербург

Прекрасниот храм со небесно сина боја му е посветен на Свети Никола и е изграден во стил барок од периодот на царицата Елисавета. Ова е прва црква во Русија подигната за потребите на военопоморските единици. Изградена е во средината на 18 век како храм на дворскиот военопоморски гардиски полк чија касарна се наоѓала во близина.

Во овој храм богослужби се вршеле дури и во советско време, дури и во тешките денови на опсадата на Ленинград. Тука е опеана и позната поетеса Ана Ахматова. Во оваа црква сè уште се вршат парастоси за загинатите морнари и подморничари.

8. Казањскиот храм, Санкт Петербург

Црквата е изградена во 1811 година по нарачка на императорот Павел Први. Тој сакал храмот да потсетува на црквата Свети Петар во Рим, и самиот го избрал проектот што му се допаднал. Оваа е соборна црква на Санкт Петербург и свечен дворски храм. Има 96 столба кои се свртени кон Невската авенија, од сите страни однатре и однадвор е украсен со природен камен, травертин, карелски мермер, порфирит и јаспис.

Црквата ја имаат сликани и украсувани најдобрите уметници и вајари од тоа време. Меѓу нив се и Карл Брјулов и Владимир Борвиковски. Тука се чуваат воени трофеи добиени во триумфалните битки против Наполеонова Франција. Тука е погребан и фелдмаршалот Кутузов, главниот јунак на оваа војна.

Во советскиот период во храмот бил сместен Музејот на историјата на религијата и атеизмот, моштите на светците биле тргнати во потпокривот, а единствениот сребрен иконостас бил претопен и така засекогаш бил изгубен. Од деведесеттите години на минатиот век во храмот повторно се вршат богослужби.

9. Исакиевскиот храм, Санкт Петербург

Изградбата на храмот на свети Исак започнала во 1919 година за време на императорот Александар Први, а завршена е дури во 1858 година за време на императорот Николај Први. Архитектот Огист Монферан буквално го посветил својот живот на изградбата на оваа црква – починал неколку месеци пред нејзиното завршување.

За време на опсадата на Ленинград во црквата биле чувани вредни експонати од други музеи. Се знаело дека германската авијација го користи високиот храм како ориентир и затоа не го бомбардира.

Колонадата на Исакиевскиот храм е едно од највозвишените места во Петербург од кое се подава убав поглед на градот, и затоа е мошне популарен кај туристите.

10. Храмот на Василиј Блажени, Москва

Храмот е изграден во периодот од 1555 до 1561 година по нарачка на Иван Грозни во чест на победата над Казањското ханство. Оваа црква е составена од девет храма, од кои главниот е посветен на Покровот на Пресвета Богородица, а еден е посветен на московскиот јуродиви Василиј Блажени. Според легендата, Иван Грозни наредил да се ослепат архитектите кои го направиле овој прекрасен храм за никогаш повеќе да не направат нешто слично или нешто уште поубаво.

Француската војска скала да го крене храмот во воздух кога се повлекувала од Москва во 1812 година, но не стасале да го направат тоа. Болшевиците, исто така, кон крајот на дваесеттите години од минатиот век решиле да го кренат во воздух, но во одбрана на храмот застанал архитектот и реставратор Пјотр Барановски. Тој во врска со ова му испратил телеграма на Јосиф Сталин. Покровскиот храм бил поштеден, но неговиот заштитник бил репресиран „поради антисоветско дејствување“. Во советско време во храмот бил сместен историско-архитектонскиот музеј. Во текот на деведесеттите години од минатиот век повторно се воведени богослужби, а храмот е ставен на списокот на светско наследство на УНЕСКО. И, секако, стана еден од главните симболи на Русија.