Сте биле ли некогаш во Москва? Ако беше историјата малку поинаква, никогаш немаше да се фотографирате покрај живописната црква на свети Василиј Блажени. Во 1935 година, кога советската кампања против религијата била во полн замав, Јосиф Сталин одржал состанок со најблиските соработници за идниот архитектонски изглед на престолнината.
Една од највлијателните личности на состанокот бил Лазар Каганович, кој од мапата го тргнал моделот на црквата за да отвори премин за тенкови кои на парадите преминуваат преку Црвениот плоштад. Непотврдената градска легенда вели дека реакцијата на Сталин била кратка и остра: „Врати го тоа назад“.
Иако не постои документиран доказ од овој краток, но судбоносен состанок, многумина веруваат дека архитектот Пјотр Барановски го спасил симболот на Москва од уривање.
Барановски, дипломиран инженер и стручњак за уметност, од раните дваесетти години од минатиот век водел крстоносна војна за зачувување и обновување на архитектонските споменици, особено на религиозните. Тоа бил опасен потфат во времето кога покажувањето симпатии кон црквата можело да создаде сериозни проблеми.
Барановски е исто така заслужен за обнова на бројни храмови и други архитектонски споменици, вклучувајќи ги Крутицко подворје, Коломенское, Казањската црква.
АрхиваПо револуцијата од 1917 година советската власт започнала силна репресија против црквата, а свештенството било гледано како препрека на патот кон изградба на бескласно општество. Средновековните цркви биле користени како спортски сали, кина, магацини, ноќувалишта и штали, но Барановски не се предавал и започнал борба за зачувување на што поголем број цркви, класифицирајќи ги како споменици на архитектурата.
Тој е исто така заслужен за обнова на голем број цркви и други споменици на архитектурата како што се Крутицко подворје, Коломенское, Казањската црква. Денес е невозможно да се замисли Москва без овие градби, но во тоа време никој не можел да поверува дека тие ќе ја преживеат советската власт. (Советската власт сепак на крајот ја урнала Казањската црква, но таа беше обновена во деведесеттите години од минатиот век.)
Најголемата победа на рускиот архитект е тоа што успеал да го зачува Храмот на Василиј Блажени. Неговата ќерка, Ољга Барановска, слушнала приказни за тоа дека нејзиниот татко заедно со неа се заклучил во црквата за да го спречи нејзиното уривање, но таа не се сеќава дека се случило такво нешто. Таа верува дека борбата на нејзиниот татко била помалку драматична, но сепак опасна: тој му испратил телеграма на Сталин.
„Ја напушти канцеларијата [на Каганович], зборувајќи против уривањето и трескајќи ја вратата. Отиде во пошта и напиша телеграма: Москва. Кремљ. На другарот Сталин. Ве молам да го спречите уривањето на Храмот на Василиј Блажени зашто тоа на советската држава би ѝ нанело политичка штета“, се сеќава Барановска по она што ѝ го раскажал татко ѝ.
Никој никогаш не ја видел таа телеграма, а други верзии зборуваат за тоа дека Барановски се заканувал оти ќе се убие, дека се заклучил во црквата и дека се борел со советската бирократија сè до врвот на власта.
Веројатно е невозможно да се раздели иднината од приказните кои се разубавени за следните поколенија. Но, едно е сигурно: Храмот на Василиј Блажени денес гордо стои на Црвениот плоштад и привлекува милиони воодушевени туристи од целиот свет, а Пјотр Барановски е човекот на кој треба да му заблагодариме за тоа.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче