Почина познатиот руски оперски пејач Дмитриј Хворостовски: По што ќе биде запаметен?

Оперскиот пејач Дмитриј Хворостовски на настапот во Меѓународниот натпревар за млади поп пејачи „Нов бран 2016“ во Сочи.

Оперскиот пејач Дмитриј Хворостовски на настапот во Меѓународниот натпревар за млади поп пејачи „Нов бран 2016“ во Сочи.

Нина Зотина/RIA Novosti
Прославениот баритон почина на 22 ноември во Лондон, каде што живееше со години. Russia Beyond го одбележува сеќавањето на овој голем уметник.

Се пронајде во својот глас

Дмитриј Хворостовски е роден во сибирскиот град Краснојарск 1962 година во семејство на инженери и гинеколог. Меѓутоа, таткото на Дмитриј аматерски свирел на клавир и имал колекција снимки од изведби на најголемите оперски ѕвезди, па Дмитриј, инспириран од оваа страст на својот татко, го пронајде своето место во светот како пејач. По завршувањето на Краснојарскиот институт за уметност, пет години настапуваше како солист во локалниот театар на опера и балет.

Ѕвезда преку ноќ

Мекиот и длабок глас на Хворостовски е брзо запазен. На Меѓународниот натпревар на оперски пејачи во Кардиф 1989 година го освојува првото место. Оттогаш е непрекинато ангажиран во најпознатите оперски куќи во светот – од лондонската Ковент Гарден до миланската Скала, од виенската Опера до њујоршкиот Метрополитен.

Универзален изведувач

Се чинеше дека не постои репертоар кој Хворостовски не може да го изведе. Ако го погледнеме списокот на неговите оперски улоги, ќе видиме импресивен и неверојатно разнолик спектар, од Вердиевиот Дон Карлос до Онегин на Чајковски. Хворостовски исто така пееше и современа и популарна музика, поврзувајќи ги на иста сцена естрадните уметници и класичните оперски пејачи. Своите обожаватели посебно ги израдува со мини-албумот со руски воени песни и концертите кои го следеа ова издание.

Човек со челична волја

Хворостовски во 2015 година соопшти дека има рак на мозокот. Тогаш откажа неколку концерти, изјавувајќи дека привремено ја напушта пејачката кариера. Меѓутоа, само неколку месеци подоцна повторно застана на сцената. Овој пат ја отпеа една од главните улоги во „Трубадур“ на Верди во операта Метрополитен, заедно со рускиот сопран Ана Нетребко.

Додека се бореше против ракот, во текот на 2016 и 2017 година, Хворостовски продолжи да настапува во Русија и странство. Откако откажа неколку концерти, Хворостовски во април оваа година повторно настапи во Торонто. Сите карти беа распродадени. Програмата на гала-концертот беше составена претежно врз основа на неговите предлози, а тој сакаше да пее арии од руските опери.

Во јуни 2017 година Хворостовски одржа концерт во својот роден град Краснојарск. Публиката во солзи и со овации го испрати од сцената. Со оглед дека настапи со скршена рака, движењето му беше отежнато, но пееше неколку пати на бис и кажа: „Морав да се вратам, затоа што ве сакам, затоа што ова е мојот роден град“.

На 22 ноември пристигна веста дека Хворостовски починал во 3:36 по полноќ во Лондон, каде што живееше од 1994 година.

Дмитриј Хворостовски настапуваше и во Македонија во 2013 година, на фестивалот „Охридско лето“, каде што се претстави со одбрани дела од Верди, Белини, Вагнер, Бизе, Глинка, Рубинштајн, Чајковски, Хачатурјан и други автори.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња