Советска мода: кожни јакни и геометриски елементи

Лиља Брик во провиден, долг капут. Извор: Александар Родченко

Лиља Брик во провиден, долг капут. Извор: Александар Родченко

Вообичаено се мисли дека во Русија на луѓето не им било до мода. Најголемиот терор, гладот, војната – кој во такви времиња би можел да мисли на мода. Колку и да звучи невообичаено, дваесеттите години од минатиот век се еден од најпрогресивните периоди во модата во советската историја.

Условите за развој на модата во овој период биле диктирани од револуцијата и од новата идеологија, која била склона кон аскетизам. Симбол на новото време биле „кожните јакни“ (рус. „кожанки“) (кожни јакни набавени за потребите на царската војна, односно на авијацијата за време на Првата светска војна, а кои ги експонирале и ги користеле соработниците на Чека) и црвените марами, кои не се врзувале на традиционален начин под брадата, туку одзади, а кои го симболизирале ослободувањето на жената од „империјалистичкиот јарем“.

Паралелно се работело и на креирање на „облека од иднината“, функционална облека која одговарала на духот на изградбата на комунизмот. Една од задачите на советскиот дизајн од дваесеттите години од минатиот век била креирање на „производствен костим“, таканаречени „прозодежда“. Уметниците правеле најневеројатни униформи за хирурзите, за пилотите, пожарникарите, за градежните работници, за продавачите. Да кажеме, латвискиот уметник Густав Клуцис, родоначалник на советскиот плакат, направил костим за рудар со светилка на шлемот и со сигнален појас кој бил опремен со сложена тастатура. Облеката се сфаќала како човечка микросредина. Суровина за првите модели на советски униформи била едноставно платно, бет, сиц, сукно, фланел, пархет, груба волна.

Скица на „прозодежда“ од дваесеттите години од минатиот век. Извор: Press Photo

Иновативните идеи на уметниците-конструктивисти почнаа постепено да продираат и во светот на модата. Постоела голема побарувачка за „супремастичките“ орнаменти на јакните и на шаловите, скици од цртежите на Надежда Ламанова за свилените фустани во кубистички стил. Пристапот кон во определени сегменти бил сличен на идеите на денешните дизајнери-минималисти. Речиси целосно отсуство на декор, нагласување на формите и на функционалната тежина, сето тоа се манири кои и денес се актуелни во колекциите на Жил Сандер и на Стела Мекартни. Идејата била исклучително напредна и полна со живот.

По угледот на конструктивистите од 1924 година во мода влегол упадливиот, беспредметен геометриски орнамент. Уметниците Л. Попова и В. Степанов во Првата печатарска фабрика разработувале мостри на авангардни ткаенини кои биле пуштени во производство и во продажба. А, по многу години на модните писти низ целиот свет почнаа да се појавуваат геометриските облици и ткаенини (да кажеме легендарниот фустан-трапез на Ив Сен Лорен), кои во дваесеттите години од минатиот век го откриле руските конструктивисти.

Скици на модели или ткаенини на В. Степанова. Извор: Fine art images / East News

Иновативен бил и односот кон цртежите. Тие имале главно место во обликувањето на изгледот и на концепцијата на колекциите. „Скиците биле отелотворување на самиот процес на творечката потрага, скицирање на готов модел“. Потоа овој уметнички начин почнаа да го користат Кристијан Диор, Ив Сен Лорен и многу други.

Во тоа време се појавило и првото руско списание за мода „Ателје“, основано од модната куќа „Ателје Мод“. Во статијата на уредништвото се опишани и главната и цел и задачите на списанието: „Активното и неуморно тежнеење кон откривањето на сето она што е творечки прекрасно, што заслужува најголемо внимание на подрачјето на културата“. Грандиозноста на замислата се гледа и во пресекот на имињата кои дале своја согласност да соработуваат со списанието (уметниците Јуриј Аненков, Борис Кустодиев, Кузма Петров-Воткин, скулпторот Вера Мухина, поетесата Ана Ахматова и многу други).

Освен раскошните илустрации и напредните конструктивистички модели, списанието предлагало и преглед на европските трендови во која советската цензура гледала „остатоци од капитализмот“, така што првиот број бил и последен. Доколку, пак, не постоела радикалната советска цензура, во Русија денес би постоеле свои Воуг и Харпер База во истиот облик.

Скици на модели или ткаенини на В. Степанова. Извор: Fine art images / East News

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.