Првите постојани жители на Ниниљчик биле руските колонисти кои во 1847 година се преселиле на островите Кодијак (Алеутски архипелаг). На сликата: денешните американски ниниљчики, со православната црква Преображение Господово. Извор: Alamy / LegionMedia.
Уште од времето на Руска Америка (18 век) на Алјаска се сочувани населби во кои отсекогаш зборувале на руски јазик. Но, овој руски со текот на изолацијата низ вековите добил необични особености и се развил на необичен начин. Лингвистите вложуваат големи напори да ги опишат и да ги зачуваат овие дијалекти, кои, според зборовите на Мира Бергелсом, лингвист од Московскиот државен универзитет „М.В. Ломоносов“ за чија работа нашата редакција веќе пишуваше, претставуваат „јазични скапоцености“ о „мошне посебен дел“ од богатството на рускиот јазик. Според неа, науката не познава ниту еден друг случај во кој рускиот јазик опстанува „како мајчин јазик на голем број луѓе на толкава оддалеченост и толку долго“.
Дијалектот на рускиот јазик од селото Ниниљчик на Алјаска е посебен по многу нешта. Во фонетиката за него е карактеристична замената на усно-забниот глас [v] со усниот [w]. Вакво нешто не е карактеристично ниту за рускиот јазик каде постои само гласот [v], нити за англискиот, каде постои и [v] и [w]. Можно е оваа промена во ниниљчкиот дијалект да дошла под влијание на ескимските или на алеутските јазици.
Во некои случаи е изгубена дистинкцијата на согласката според тврдо и меко. Многу согласки во позицијата пред [е] се секогаш тврди, а пред [i] се секогаш меки. На пример, согласките „р“, „в“ и „с“ пред [е] во зборовите „речка“ („рекичка“), „вечир“ („вечер“) и „сена“ („сено“) се тврди, додека „р“, „м“ и „з“ пред [i] се меки во зборовите „риба“, „мишонак“ („глувче“), „пузир“ („меур“). Од друга страна, денталните експлозивни согласки и пред [е] се меки, како и пред [i], на пример: „ден“ („ден“), „адишка“ („задишаност“).
„
Над 70% од зборовите во ниниљчкиот дијалект се руски зборови кои се зачувани речиси во изворниот облик и со своето изворно значење.
Овој дијалект 100 години бил под влијание на јазиците на мелезите од Алјаска и во тој период во него е сосема изгубен средниот род, а женскиот е значително редуциран. На пример, тукашните жители велат: „Мой дочь пришел“ (буквално: „Мојот ќерка дојде“), или: „Евонай мать весь ночь television караулил“ (буквално: „неговата мајка цела ноќ стражареше телевизор“).
Над 70% од зборовите во ниниљчкиот дијалект се руски зборови кои се зачувани речиси во изворниот облик и со своето изворно значење: „агорот“ („градина“), „бутилка“ („шише“), „бабачка“ („пеперуга“), „чотка“ („тетка“), „остраф“ („остров“), „мишок“ („мускул“), „скаска“ („сказна“). Некои руски зборови го промениле своето значење: „шайка“ („кофа“ наместо „ведро“), „десна“ („вилица“ наместо „десни“), „башка“ („глава“ наместо „галава“), „крупа“ („ориз“ наместо „прекрупа“).
![]() |
Алјаска – ризница на најнеобичните јазици |
Постојат зборови кои го измениле својот облик и сега се изговараат небаре зборуваат мали деца: „калишок“ наместо „кошелёк“ („паричник“), „вомарак“ наместо „обморок“ („несвестица“), „мужиканиц“ наместо „музыкант“ („музичар“). Развојот на јазикот потврдува присуство на нови изрази со фигуративно значење: „дедушка камар“ („голем комарец“, буквално: „дедо-комарец“), „марской чайка“ („раја“, буквално: „морски галеб“, зашто мавта со крилјата како птица).
Интересни се и заемките од англискиот јазик: „инвилоп“ („плик“), „рабабутси“ („гумени чизми“, од „rubber boots“), „газник“ („канистер за бензин“), „бейбичка“ („дете“). Неколку зборови потекнуваат од староседелците на Алјаска: „казна“ („рис“), „тайши“ („сушена риба“), „укудик“ („бумбар“), „нюник“ („бодликаво прасе“). Зборот „мамай“ означува вид школка што се јаде, а „мамайник“ е лопатка со која овие школки се откопуваат за време на осеката.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче